Новите истражувања и опити, сознанија и решенија се повеќе го затврдуваат ставот дека сепак има перспектива за урбаниот човек. Тој не само што од ден на ден се поинтензивно се справува со секојдневните проблеми кои ги прави самиот со своите дејанија, туку и го подобрува квалитетот на своето живеење. Пред се на еколошки план:
-Луѓето кои живеат во градовите не ни забележуваат колку е нечист воздухот што го дишат се до критичната точка. А ризиците по здравјето незабележливо се зголмеуваат.
Агенцијата за заштита на околината во еден свој неодамнешен извештај наведе дека воздухот во многу градови е премногу валкан за дишење, а загаденоста стана типична болест на светските градови.
Според изтражување на ОН, загадувањето во градовите или смогот убива милион луѓе годишно. Иако не е директен убиец, тој го забрзува напредувањето на респираторните и срцевите болести. Во некои градови е забранет сообраќајот низ центарот, изградени се пешачки зони, забранет е сообраќајот на автобуси и камиони или, пак, се водат кампањи за да се зголеми користењето на средствата на јавниот сообраќај. Се со цел поздрава урбана заедница;
-Во Лондон наскоро можеби ќе почне изградба на серија спирални облакодери како „урбан еколошки систем“.
Имено, дизајнерскиот тим Chimera замислил изградба на таква серија составена од модуларни мешунки- капсули, кои се придвижуваат за да се адаптираат на условите на опкружувањето. Станува збор за вистински пример на био- мимикрија и наедно за предлог на систем на футуристички згради засновани на флексибилност.
„Mangal City“, како што е наречен проектот, биолошки принципи зема од разни страни. Структурата на облакодерите е преземена од дрвото мангрова, растение кое расте така што се завртува во спирала и реагира на околните екосистеми. Според луѓето одChimera клубот, нивната визија е „да дефинираат урбан екосистем кој поддржува станбени и културни програми, а истовремено има способност да се прилагоди, да се промени и да мутира во зависност од специфичните урбани и социјални барања на средината“;
-Европската унија може да се нарече урбано општество, зашто четворица од петмина Европјани живеат во градови. Европската комисија ја сфати важноста на улогата на локалните власти во заштитата на околината, па ја востанови наградата „Европски зелени градови“, со која се промовираат современи стандарди за поквалитетен и поздрав жиовот во градовите.
За 2010. година европски зелен град беше Стокхолм, кој се нарекува и „Венеција на северот“, зашто 10% од неговата површина се прекриени со вода. А водата во Стокхолм е толку чиста што може да се јаде риба уловена во градскиот центар.
Градот, кој се простира на 14 острови, има холистичка визија која за своите 800.000 жители комбинира изградба со одржлив развој. Освен што драстично ја намали бучавата, реализира програма за чисти води и воведе интегриран систем за згрижување на отпадот.
Еве зошто Стокхолм ја доби титулата „Зелен град на Европа“:
- околу 95% од жителите живеат на помалку од 300 м оддалеченост од зелени области, а само во градскиот центар има 12.000 дрвја;
- околу 40% од градот го чинат паркови и рекреативни зони, а градските граници опфаќаат 7 резервати;
- во околината на градот има повеќе од 20 резервати на природа и национален парк, како и 24 плажи;
- транспортното загадување е на низок степен поради тоа што сите возови и автобуси кои сообраќаат во рамките на градските граници користат обновливи горива;
- од 1990. емисијата на штетни гасови е намалена за 25%, а планот до 2050. година е градот да престане да користи фосилни горива;
- секој жител на Стокхолм годишно рециклира просечно 95 кг отпад;
- во градот постојат 2.700 компании на „чиста технологија“.
Најдобар пример на филозофијата на одржлив развој на Стокхолм е населбата Hammarby Sjöstad (ќе биде завршена во 2015.) која поседува сопственeco-friendly систем за енергија, вода и отпад, а неговата севкупна изградба е условена со прописи на енергетска ефикасност. Секој жител на оваа населба е дел од еколошки синџир зашто селектираниот отпад се користи за производство на струја, загревање на улиците, но и на езерската вода.
По Стокхолм, „Европски зелени градови“ во наредните три години ќе бидат Хамбург (2011), Виторија- Гастејц (2012) и Нант (2013);
-Европската унија планира до 2050. година да ги забрани автомобилите со погон на фосилни горива во сите градови ширум Европа за да се намали емисијата на CO2 за 60%.
Европската комисија го претстави планот за „единствена европска сообраќајна зона“, чија цел е радикална промена во превозот на патници во наредните 40 години.
Според новиот нацрт- закон, ЕУ има намера во првите 20 години да го преполови бројот на возила со погон на фосилни горива, посебно во урбаните средини, а до 2050. целосно да ги забрани. Европскиот комесар за сообраќај Сим Калас наведе дека директивите на Брисел и новите даноци на горивото треба да ги „истераат“ луѓето од своите автомобили и да ги принудат да користат „алтернативни“ видови на превоз.
ЕУ планира тоа да го оствари со постепено пренасочување на хибридни технологии, така што до 2050. година низ европските патишта ќе се движат исклучиво возила со нулта емисија на CO2. Голема предност му се дава на јавниот превоз, па така од граѓаните се очекува во иднина помалку да го користат личниот. Се предвидува дури и забрана на летови за патувања пократки од 300 километри за да се поттикне употребата на железницата.
„Наша цел е до 2020. година да го преполовиме бројот на сообраќајни несреќи на европските патишта, а до 2050. што повеќе да се приближиме до нулта стапка на настрадани“, објасни Калас.
Кон вестиве и една урбана занимливост која доаѓа од Москва:
Руски научници откриле дека кучињата во Москва мошне брзо се прилагодуваат на урбаниот живот менувајќи ги навиките. Тие забележале дека спијат по мирни и заштитени улици во кои никој не ги малтретира ноќе, а наутро стануваат, седнуваат на метро и се возат се до центарот каде што има храна во изобилство.
Научниците велат дека кучињата покажуваат неверојатна моќ на учење и оти очигледно напредуваат во снаоѓањето во урбаниот живот. Иако не препознаваат станици, тие поради одлично развиеното чувство за време точно знаат на која станица треба да слезат. Се разбира, услов е метро превозот да биде точен.