street art grafiti улични графити
Потребно време за читање: 3 минути

Графитите се пораки на јавни површини, во пишувана или ликовна форма. Именувани се според италијанскиот збор „graffito“ што значи чкртање, а коренот го влече од стариот грчки збор „graphein“- пишување.

Интересно е дека графитите постојат уште од стара Грција и Рим, а нивната современа историја започна во 1968., со појавата низ њујоршкото метро. Меѓутоа, иако за цртачите претставуваат уметничко дело, во многу земји се сеуште забранети со закон и се третираат како вандализам.

Историјата на графитите е позната. Сепак, различни се мислењата токму во врска со нејзиниот почеток: едни сметаат дека настанале во 60-те години на минатиот век во Филаделфија, други во врска со социјалните немири во Франција (во Париз), а трети го наведуваат името на момчето Таки, кој на почетокот од 70-те кај својата работа како курир почнал да пишува ТАКИ 183 (183 била улицата во која живеел). Имено, тој и се посветил на оваа забава со голем фанатизам и бил забележан од весникот „Њујорк Тајмс“. Во 1971.г. бил објавен разговор со него што предизвикал внимание, па графитите се прошириле низ Њујорк и низ целиот свет.

Постои приказна за тоа кога настанал првиот графит кој отворено ја критикувал власта, ако не се сметаат сликите од пештерите. Забележан е на една пирамида во Египет. Кога научниците ги дешифрирале хиероглифите, дошле до епохално откритие кое можеби го забележал еден од работниците. Пишувало: „Фараонот е пијаница“.

Прочитај и за ... >>  Најинтересни бордели на светот

Напоредно со мерките на постојано бришење односно покривање на ѕидовите на кои се испишуваат со ново бојосување, за што се трошат милиони долари, се развиваат и позитивни мерки на соработка: се предвидуваат посебни површини за нив и се организираат натпревари и прегледи.

Денес можат да се видат разни графити, но најупотребувана техника е пишување со спреј. Се пишуваат самостојно или во клан(„krew“).

Оние што се подетално запознаени со „графитоманијата“, знаат заblack book (црна книга), која содржи скици на цртачи на графити, понекогаш и фотографии на завршени дела (piece- скратено од masterpiece- уметничко дело), што се чува од полицијата оти може да се употреби како доказ на суд. Знаат и за различни стилови, на пример Wild (див стил), Old school (стара школа), Anti итн.. Наведуваат и повеќе форми: наједноставна еTAG- претставува стилизиран потпис, потоа BOMBA графит- во две бои, кој се работи брзо, најчесто на забранети места, и PIECE, графит кој содржи премини на бои, ефекти, слики.

Упатените нагласуваат дека пораките на фасадите и оградите се всушност глас на народот. Тие се понекогаш смешни, а понекогаш мошне сериозни, неретко и вистински мудрости. Социолозите и други стручни се согласуваат дека ѕидовите во сите градски, па и во селските средини отсекогаш служеле како место за вресок, крик на незадоволство, искажување на радост или љубов, за хумор и сатира- пред се исмевање на моќните.

Прочитај и за ... >>  Штедливи сијалици? Не, благодарам!

Во нашево време графитот станува се поактуелен, а за тоа најмногу придонесува Интернет. На пример, се смета дека Youtube е еден вид ѕиден весник.

Што се однесува на Република Македонија, некои хроничари сметаат дека првиот графит е напишан во 60-те години на минатиот век. Бил со политичка содржина, критикувајќи ја комунистичката власт.

Најново (поразително) сознание, забележано деновиве во текст на BBC Macedonian. com.: дека во Скопје речиси нема графити!

Се наведува дека политиколози и претставници од невладиниот сектор, кои се занимаваат со човековите права, сметаат дека е тоа знак оти политичките партии, посебно оние на власт, не сакаат да слушнат никаков вид на критика. Графитите со политичка и со социјална содржина пак, се ретки и најчесто пречкртани со црн спреј. За разлика од многу светски метрополи, во Скопје нема ѕидови за цртање, дозволени од градските власти.

Се цитира ставот на политичкиот аналитичар и професор на Факултетот за правни науки на универзитетот ФОН во Скопје, Мерсел Биљали:

„Партиите, кои немаат доволен демократски капацитет или имаат тоталитарна содржина, се алергични на секоја изјава која асоцира на нивната неспособност. Јас мислам дека е многу важно и научно докажано дека е подобро луѓето да ги оставите да се искажат јавно затоа што контролирањето на умот доведува до безумие“.

Џабир Дерала, од невладината организација „Цивил- Центар за слобода“, вели дека во Скопје нема графити со досетлива содржина и подлабока мисла, бидејќи ѕидовите најчесто се узурпирани од политички активисти на кои им недостасува политичка култура:

Прочитај и за ... >>  Состојби на и траги од урбаниот- модерниот живот

„Кога ќе видам некој безобразен, глупав политички графит, кој има единствена намера да навреди опонентска политичка партија, јас чувстувам како лидерот на таа партија сам го напишал тој графит. И многу се смеам после тоа кога го замислувам во неговата вратоврска и костум како излегува од неговиот „Мерцедес“ и со спреј црта некој графит, а го гледаш дека не го бидува ни за мислење, ни за пишување графити“.

Испишувањето графити е забрането и казниво со Законот за јавна чистота (на јавни објекти е забрането и цртање и лепење плакати). Казната за испишување графити е 50 евра.

Еве некои мошне успешни, пред се досетливи графити испишани во некои светски метрополи:

-Пролетери од сите земји, извинете. Ваш Маркс!;
-Секогаш ме фаќаат додека пишувам гра…;
-Заборавив што значи да се биде сенилен;
-Секогаш сум затрупан од работа. Рудар;
-Да, светлото во фрижидерот навистина се гаси кога ќе ја затвориш вратата. Сега пушти ме да излезам;
-Минатата ноќ сонував дека сум изел огромна крофна. А кога се разбудив, не можев да ја најдам перницата;
-Некогаш бев млад и убав, денес сум само „и“;
-Некогаш бев нерешителен…, а можеби и не сум?;
-На неписмените пристапот им е забранет;
-Пушењето ти ја скратува цигарата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here