fbpx

СВЕТОВИ, поезија/припеви, 6-10

6. Писмо

Незнајни знаци и букви
и црти
изделкани од молња
во сама карпа.
Писмо кое треба допрва
некој да го одгатне,
да научи чие е,
за сетне да биде негово.

7. Камен пат

Ако не беше камен патов,
сигурно сега ќе го немаше.
Ќе беше покриен со трње,
со високи треви, коприви.
Може и натрупан со коски
на изгинати воини
во многу битки.

8. Гледај

Гледај пред и во нас.
Далеку сме ние,
во онаа сенка што
зајдува во изгрев,
пеејќи смирна песна.

9. Плам

Меѓу нас плам
и во нас плам,
а ние
еден спроти друг
седнати,
занесно загледани
во ѕвезди на наш
небосклон.

10. Вик

Давам вик по неа,
а таа како да не слуша.
Не ме слуша таа,
а на дофат ми е.
Недофатна красота.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено било какво преземање на делови или цели содржини, ниту во оригинал ниту како извор и преработка за други содржини, без одобрение на авторот и/или издавачот (сопственикот) на овој портал. За секоја злоупотреба-непочитување и злоупотреба на правата, издаваме фактура со задолжителна финансиска обврска.
За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.