Потребно време за читање: 2 минути

73. Рамновесие

На плоштадот „Македонија“ во Скопје, во Македонија, крај монументалниот споменик на Александар Македонски, со мермерни фигури на лавови, војници од неговата фаланга и игрив водоскок, на една од клупите добар од претпладне или попладне на секој ден може да се најде човек во години; во излитена облека, сандали на голи нозе и голема црна паларија на глава, со незапалено луле во устата. Го знаат како Незнаен. Да, никој не го знае по име и презиме, ниту каде му е живеалиштето. Седи на клупа, со ведар поглед ги следи минувачите пред него и молчи. Изгледа како одвај да чека некој да седне крај него, да поразговара со него, да го праша за што било, да побара негово мислење или стојалиште. Притоа зборува гестикулирајќи, неретко прегласно; како да сака да го сврти вниманието на себеси. да биде слушнат и од други, од што подалеку од него.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 82

При пладневна прошетка на плоштадот во сончев ден, Бисера и Пламен решаваат да седнат до Незнаениот и да го послушаат за суштината на опстанокот на животот воопшто, а посебно на семејниот. Седнуваат поздравувајќи го со весели насмевки. Тој ги одмерува молчешкум, се загледува во нив, па потпирајќи ги рацете на црниот бастун ги изнесува мислењето и стојалиштето:

-Суштината не само на животот, туку и на постоењето и на опстанокот, на паметењето и заборавањето е во рамновесието. И тоа на сè, од најмало до најголемо, од нјситно до најкрупно, од најблиско до најдалечно. Од најважно до најневажно. Од сите рамновесија, пак, најпрво е меѓу човекот и природата. Знам, веднаш помисливте на еколошката свест, на нужноста од заштита на природата од ништење од страна на човекот. Но, јас мислам на рамновесието како меѓузависност на природата и човекот. Што е, пак, на повисоко рамниште од хармоничниот однос. Тоа рамновесие, меѓу човекот и природата, со децении е нарушено и забрзано се нарушува во нашево време. Веќе сме многу близу до едновремено уништување и самоуништување. Имено, човекот ја уништува природата, нека биде и како дадена од Бога, уништувајќи ја сопствената, природата во него. Тоа значи дека природата сè повеќе не е природна, а човекот сè повеќе станува нечовек. Сигурно се прашувате за какво рамновесие меѓу природата и човекот зборувам. Мислам на количествено и квалитетно еднаква размена меѓу нив од една, а од друга страна на нивно меѓусебно надополнување. Сè тоа затоа што сме на раб на взаемно трајно разделување за неминовно наспоредно исчезнување.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 77

Текот на мислењето и стојалиштето на Незнаениот го прекинува Пламен:

-Незнаен, можеме ли тоа просто да го пресликаме на рамновесието во бракот и семејниот круг? Се разбира дека тие не се она што биле, ниту можат да бидат што се, и во прогресивна и во регресивна смисла. Мислам пред сè на она што значи рамновесие како предуслов за нивен опстанок.

Незнаениот помолче кусо, па одговори со изненадувачки спокоен, дури рамнодушен глас:

-Значи највисока и колку блиска, толку далечна цел. Која се достигнува со две главни, јас ги нарекувам внатрешни енергии: љубовта и разбирањето. И молчешкум или гласно искажани, и отворено или затворено односно навестувачки покажани. Ако ги нема нив, ако ги снемало во меѓувреме, тогаш ни бракот ни семејството нема да опстојат. Им претстои скорашно пропаѓање. Уште ако се самотни сопатници…

Реагира Бисера:

-Многу ти благодариме. Драгоцено ни е твоето мислење и стојалиште…За жал веќе немаме време, а имаме уште многу прашања и теми за разговор поврзани со оваа…Мораме да се разделиме…Нè чекаат обврски…Се надеваме дека скоро пак ќе бидеме некое време заедно.

Прочитај и за ... >>  46. Независни

Бисера и Пламен станаа од клупата, се поздравија со Незнаениот и молчешкум тргнаа кон нивното семејно живеалиште, во приземната куќа во елитната скопска населба „Габерија“.