Потребно време за читање: 3 минути

57. Новиот перформанс на Ѕвездана и Апостол

Ѕвездана и Апостол детално го концепираа нивниот заеднички комплетен проект што се надеваат скоро да го постават на некој од отворените сценски простори во Скопје. Засега се определени за Скопско кале. Според Пламен и Бисера, станува збор за мошне сложен, што значи мошне тежок перформанс за реализација.

Ѕвездана и Апостол се сигурни дека ќе успеат, се разбира со организациска и материјална поддршка, како и со тим кој ќе биде подготвен да вложи многу енергија, откажувања, па и саможртви. Навистина голем предизвик, алузивен и мошне провокативен. Ако успее, да го постават и да заживее, ќе живее долго. Го нарекоа „Извесен друг жвот“. Насловот е обичен, секидневен, конкретен, најавувачки и упатувачки, но е намерен како спротивставен на политиканството на државата, на Македонска република, и на политизацијата на македонското општество.  

Всушност, станува збор за проширување, дополнување, збогатување, заокружување, можеби е најточно да се каже дораскажување и докажување на веќе реализираниот перформанс пред некое време. Дали поради тоа што беше мошне успешен, наиде на мошне добар одглас, доби многу позитивни критички оценки? Секако, но особено зашто во него намерно оставија многу празнини, напати недоречености или слободен простор за различно индивидуално толкување и доживување.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Концепцијата:

Бавно, најпрвин во тишина, а потоа проследено со далечни, па сè поблиски дисонантни тонови на кавал, гајда и седум-осмински ритам на тапан изгрева црвено, огнено, скрвавено сонце со шеснаесет жолти зраци. (Од претходниот перформанс.)

Пустошна земја, песочна и каменита. Од сите страни се јавуваат сенки, во сè поголем број, кои бавно, но забележливо се претвораат во луѓе, деца, млади, возрасни, стари и немошни. Како луѓе еден по еден се збираат во круг, во немост, со нечујни чекори, загледани во сонцето.

Изгревањето на скрвавеното сонце предизвикува некаква делба меѓу нив; групирање во помали, концентрични кругови. Секој влегува бавно во еден, но како да му е предодреден. Без никакви судирања, турканица, метеж или немир.

На небото и на рабовите на круговите се појавуваат, ту се зголемуваат, ту се намалуваат, ту се оддалечуваат, ту се доближуваат, ту се замешуваат во луѓето зборовите „здравје“, „енергија“, како и терминот „ лично задоволство“. Испишани на македонски јазик, со кирилични букви. Тивка музика на пијано и виолина. (Минијатура, композиција на Ѕвездана.) Зборовите шепотливи, во хор.

Сонцето се доближува и станува сè поголемо. Во средишниот круг Ѕвездана и Апостол исправени, како изделкани во мраморни стени, со испреплетени раце и тела. Бисера и Пламен танцуваат околу нив. Во сонцето сè појасни, сè пораширени и сè поиспреплетени нивни корени. (Делумно преземено од претходниот перформанс.)

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Сонцето е веќе излезено цело кога од далечина се доближуваат три жени во црнина, следени од сè погласните и појасни зборови „пари“, „роднини“, „соседи“, „пријатели“, „дом“, и терминот „домашно огниште“. Меѓу сите нив „задоволство“.

Забележливо е нагласувањето на брановидното движење на луѓето кое постапно се престорува во бранови во разни бои, со доминација на портокалова, црвена и црна. Одвреме-навреме „брановите“ стануваат толку големи, што речиси го допираат сонцето. Секој што влегува во некој од круговите пее своја нечујна песна на спокој. (Апостол и нив, како многу друго, треба да ги изрази со компјутерска анимација или графика.)   

Бисера и Пламен не престануваат да танцуваат околу Ѕвездана и Апостол. Трите жени во црнина ги креваат рацете кон небото, како да сакаат да го дофатат. Во молк, со бледи безизразни лица. Пред нив само „домашно огниште“. Неподвижни, со различни големини на буквите.

Од устите на Ѕвездана и Апостол, како изделкани во мраморни стени, со испреплетени раце и тела, излегуваат зборовите „работа“, „учење“, како и терминот „лично време“. Искри или молњи што се упатуваат кон Бисера и Пламен. Меѓу нив се повторува порака: „Општа благосостојба за извесен живот“.    

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 59

Мигум Бисера и Пламен се престоруваат во ластовици и полетуваат кон далечен хоризонт, придружени со хармонични акорди на пијано. Свири занесено Ѕвездана, со пијаното поставена среде сонцето. (Од претходниот перформанс.) Ластовиците мигум долетуваат до неа, ја облетуваат, па слетуваат на нејзините раце и заедно со нејзините прсти трепетно преминуваат преку клавишите.

Пустошната земја, песочна и каменита, како да почнува да оживува. Изртуваат секакви семиња, изникнуваат секакви тревки и билки. Ту бавно, ту забрзано.

Јасните, раширените и испреплетени корени на Бисера и Пламен во сонцето го играат македонското оро „Тешкото“. (Видоизменето од претходниот перформанс.)

На средината на првиот, најмалиот круг се појавува пламен меч. Сенките претворени во луѓе, деца, млади, возрасни, стари и немошни, преминуваат од еден во друг круг и ги превозмогнуваат­.

Сонцето почнува забрзано да зајдува зад хоризонтот. Надоаѓаат квечер и тишина.

Бисера и Пламен им сугерираа на Ѕвездана и Апостол да го надополнат крајот на перформансот со неколку мисли на филозофи за извесноста и неизвесноста на животот искажани со длабок и екотен машки глас. Прифатија.