17. Одѕвон
Некои далечни,
некои дамнешни чекори
во мрачна тишина
ту се доближуваат,
ту се оддалечуваат
од прагот
на мојата куќа
без влез и излез.
Ко да се бесцелни,
а стамени се,
ко да се за до знајна,
а недогледна цел;
ко да се од некој
што по многу премрежија
во животот
решил до премалување
на срцето
да ги бара своите
предци и потомци.
Нивниот одѕвон
вознемирува, обессилува.
На бессоник се
кому веќе ништо
не му е од вчера
или од денес,
и кому самоста в коски
сосе студот
во нивната срж
му навестува
скорашна смрт.