41.
За честа и достоинството знаат многу, но најмногу узнаа од Магнет. Го знаат како уште жив, во години. Со премалена снага, седокос, брадосан, во излитена облека. Секогаш на главната крстосница на Големиот град, седнат на камен крснозе и молчалив. Како да живнува кога некој ќе го загледа, ќе му посвети внимание минута-две, а особено кога ќе го праша нешто или ќе поразговара за што било. И ним им е многу сличен на Македон, речиси ист, како да се близнаци, а не се.
Прво Мира со него за суштественото на честа и достоинството.
Таа:
-Честа како севкупност од морални особини е непосредно и посредно поврзана со достоинството. Од сите нејзини значења и синоними за мене најважна е почитта која, пак, значи признание и внимание.
Магнет:
-Ми зборуваш за честа на личноста, не за кого било. Во право си кога неа ја поврзуваш и непосредно и посредно со достоинството. Но јас него би го промислувал не како кое било, како збир на високи морални вредности, туку пред сѐличното како самопочитување. Кое се брани, се чува и постојано се надградува.
Се вмешува Александар, како да е подготвен за достоинството многу повеќе:
-Сигурно ти е познато, пријателе Магнете, дека достоинството е едно од темелните прашања на филозофската антропологија. Најмногу го користиме кога промислуваме за моралот, етиката и политиката. Кога е, пак, збор за човечкото достоинството, мислам дека е мошне важно да ги имаме предвид сознанијата и стојалиштата во биоетиката.
Магнет:
-Имај го на ум и значењето како обележје, спецификум, квалитет. Достигнатите уметнички достоинства во творештвото на творечка и мислечка личност. Мислата на Кант дека, кога е збор за човечкото достоинство, „слободната волја“ е од суштествено значење.
Александар:
-Достоинството како чувство на вредност, чест или почитување и нашето чувство на лична вредност.
Магнет:
-Наспроти омаловажувањето, понижувањето.
Мира пак зема збор:
-Јас никако не разбирам што им треба на луѓето да омаловажуваат и понижуваат туѓо дело, особено кога не создаваат свое или сѐ што е од нив им го уназадува животот. Моето скромно искуство ме научи дека треба да ценам секој и сечиј момент додека ја играм сама или заедно со друг односно со други играта од која зависи еднакво индивидуалниот и колективниот опстој.
Магнет замолчува, како да се замислува, па вели:
-Честа и достоинството се бранат со дела кои го придвижуваат животот напред. Се разбира, со добри дела. За ова често разговарав со баба ми Сонцева крв додека беше жива и кога е жива откога е умрена. Понекогаш ни се придружуваше и Александар III Македонски, но тој секогаш ги поврзуваше со неговите освојувања на Персија и Индија. Конкретизираше со многу примери на негова лична одбрана на честа и достоинството во битките или по нив, како и примери на негови штитоносци, пешадијци и стрелци.
Сонцева крв, пак, најмногу инсистираше на најголемата животворна и вековита моќ на лорандитот како зрак сончевина, извор на вдахновение: кога човек најцврсто ќе чекори по патот на самодокажувањето, извишувањето, на затврдувањето на својата самобитност; од кога ќе создава, ќе гради, ќе надградува и ќе им остави на потомците непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење. Како сите други доблести, така и честа и достоинството ги сметаше за дел од неговата моќ со светлината, енергијата, дејственоста и хармонијата, како и со системот на нашите четири темели-енергијата, земјата, човекот и волјата.
Мира и Александар не ги забораваат неговите промислувања, мисли и становишта за некои суштествени човекови доблести, особено откога исчезна, откога никогаш повеќе не го наоѓаа на главната крстосница на Големиот град. Им требаше некое време за да се убедат дека тој живееше до смртта и не продолжи да живее по неа како Сонцева крв, некои од нејзината рожба и ближни, одвреме-навреме и нејзиниот Александар III Македонски.
А случајно или намерно се најдоа во ситуација пред рамнодушни луѓе да ги бранат со дела честа и достоинството. Александар користејќи новооткриена ископина-здание како крепост над Големиот град, а Мира создавајќи голем мозаик пред влезот на Куклениот театар.
Имено, ископината-зданието како крепост не предизвикуваше никаква реакција, љубопитност или предизвикувачка загадочност кај луѓето кои катаден минуваа крај него. За нив тоа беа само крајпатни ѕидини од големи стени наредени едни над други и едни крај други; едни високи, други ниски. Тој на неколку наврати се обиде да ги собере пред нив и да им ги пренесе што е можно посликовито откритијата и сознанијата на археолозите кои подолго време работат на нивно ослободување од земјените наслаги. Дека станува збор за крепост која со векови ги бранела живеалиштата што ги опкружувала од наезди на непријатели, секакви ѕверки, стрвни птици и инсекти. Ги бранела мирот, спокојот, честа и достоинството на многу генерации нивни предци. Затоа треба да помогнат, да ги ослободат сосем од наслагите, да ги конзервираат и реставрираат какви што веројатно биле и лека-полека пак да ги заживеат со нивни нови надземни и подземни живеалишта што ќе ги опкружува и брани. Од кого да ги брани? Од непријатели на човековите доблести, а најсетне од човековата рамнодушност. Сѐ што успеа беше да се организираат во нивно слободно време и да помогнат во нивното откривање. Ама не и да ги заживеат. Ги оставија во самост да сведочат за дамнешни времиња.
На Мира, пак, откако локалната власт ѝ ја одобри замислата во форма на скица, ѝ требаше речиси цела година за да го создаде големиот мозаик пред влезот на Куклениот театар. Во центарот направи жолтозлатно шеснаесеткрако сонце со пречник од два ипол метри, со осум помали и осум поголеми зраци; среде розета и во неа жаровито црвено камче во форма на капка крв. Околу него кукли на мажи и жени со различна големина, фатени за раце. Како сѐ повеќе да се доближуваат едни до други. Во делот пред влезот на Куклениот театар, што го формираат два големи и два мали зрака, со црвени и жолти камчиња ја испиша следнава реченица-порака:
„Куклите се исти како луѓето. Живеат свои животи со чест и достоинство. Луѓето ги оживуваат во свои представи и игри, се поистоветуваат со нив за макар некое време да бидат заедно. Како кукли со човечки доблести“.
Се радуваше како дете. И Александар со неа.