Потребно време за читање: 4 минути

Едно од најзначајните и најрелевантни дела за словенската митологија е секако „Словенска митологија“ на Луј Леже, објавена во дамнешната 1901. година (Louis Leger, La Mythologie Slave, 1901).

Луј Леже живеел од 1834. до 1924. година. Тој е француски лингвист и историчар кој дал голем придонес во изучувањето на оваа проблематика.

Легендите, приказните, песните за настанокот на вселената, за боговите, за исклучителните луѓе со божествени карактеристики ја чинат секоја митологија, па и словенската. Всушност, тие легенди со рационална или ирационална содржина се една маскирана и преиначена историја на Словените.

Го пренесувам преведено на македонски второто поглавје „Врховниот бог“:

„Дали старите Словени знаеле за еден врховен Бог, кој во нивниот Пантеон би господарел, како Зевс во елинскиот, а Јупитер во латинскиот Пантеон? Прокоп Цезареецот ги опишува, во една значителна глава посветена на војните против Готите, обичаите на Словените, па наведува неколку зборови за нивната вера. Ние ќе ги извадиме оттаму еднаш засекогаш, бидејќи ќе се вратиме на нив повеќе пати.

„Словените, вели тој, веруваат дека постои еден Бог, кој произведува гром и кој е единствен господар на вселената; тие му жртвуваат стока и други разновидни жртви. Не знаат за судбината и не допуштаат таа да игра каква било улога во човечките работи. Кога поради болест или војна ќе им се закани опасност од смрт, тие даваат завет дека, ако се спасат, веднаш ќе му принесат жртва на бога. И штом ќе се спасат, тие тоа навистина и го прават и веруваат дека со таа понуда на бога си го откупиле животот. Освен тоа, тие ги обожаваат реките, нимфите и други божества, и за време на жртвувањето тие гатаат“.

Прочитај и за ... >>  Што се случува во моментот на смртта?

Ова сведоштво се однесува на Словените соседи на византиското царство. Што се однесува на северните Словени, имаме кај Хелмолд речиси ист таков еден став (I, 83):

„Помеѓу разните богови, на кои им припишуваат власт над полињата, шумите, над жалостите и веселбите, тие не порекнуваат: дека еден Бог заповеда озгора, од небесата, со сите други. Тој семоќен Бог се занимава само со небески работи. Сите други имаат свое посебно занимање и своја работа, па и нему му се покоруваат. Тие произлегуваат од неговата крв и дотолку се поважни, доколку се поблиски до тој Бог на боговите“.

За жал, ниту Хелмолд, ниту кој било друг споменик со што било го потврдуваат ова што е овде речено за генеалогијата и сродството на словенските богови. Можеби хроничарот овде просто и чисто му се подал на влијанието на спомените од класичната стародревност. Помеѓу сите божества, кои ние ги знаеме, само за две, и тоа со натегање, може да се извлече некоја сродничка врска: Suarasici,или тоа ќе биде малиот Сварог, син Сварогов; Porenutius кој би можел да биде некаков Пореновиц- Пореновиќ-син Перунов; и тоа е сѐ.

Се чини дека на едно друго место Хелмолд сакал да каже: дека тој Бог на боговите е-Световид, покажувајќи сепак желба да го измеша со св. Вид (II, 12). „Световид, Богот на земјите на балтичките Словени ја придобил првенствената власт над сите словенски богови. За нашето време му испраќаа уште годишни подароци-данок, и го признаваа за Бог на боговите не само земјите на Вагринаците, туку и сите останати словенски области (illum deum deorum esse profitentes)“.

Прочитај и за ... >>  Нови сознанија за Библијата

Без оглед како се викал тој врховен Бог, балтичките Словени го замислувале како „преполн со слава и божества“, доколку тоа, навистина, може да се суди според сведоштвото на еден биограф на Отон Барнбершки. Ебо раскажува (II, 1) дека мисионерот св. Бернард презел во словенскиот град Јулина да ја проповеда католичката вера. Тој тука се јави босоног, во мошне бедна облека. Староседелците го прашаа; што сака. Тој изјави дека е слуга на вистинскиот Бог, творецот на небото и земјата, дека е испратен од него самиот за да ги спаси нив од идолопоклоничките гревови. „Што, му рекоа тие, зарем ние можеме да веруваме дека ти си гласник на вистинскиот, врховниот Бог, кој е толку славен и полн со секакви богатства, кога си ти толку беден и жалосен, та ни обувки на нозете немаш?…Ти го навредуваш вистинскиот Бог!…“. Отон Барнбершки водел сметка за таа лекција, па се појавил помеѓу Словените во највеличествена придружба. Впрочем, Ебовиот текст не е јасен и она што го зборуваат Словените за врховниот Бог може воопшто да се примени и на христијанскиот Бог.

Мирот заклучен во 945. година помеѓу Словените и Грците, за кој зборува и Несторовата „Хроника“, содржи ваква калузула: „оние Руси христијани кои ќе го повредат овој договор да бидат казнети од семоќниот Бог, а оние што не се крстени да бидат лишени од секоја помош од Бога и Перуна“. Овој безимен Бог, кој се истакнувал и пред Перуна, е можеби тој врховен бог на словенскиот Пантеон, но тој нема посебно име.. Можеби токму и христијанскиот Бог е внесен сосема просто во текстот на договорот на навалување на самите Грци, на кои Перун не им изгледал доволен гарант. Се чини дека Перун бил врховен Бог кај Русите. Во еден старословенски превод на легендата за Александар Велики, што ја наведува Афанасиев, зборот Перун е превод на грчкиот Зевс. Во српските народни песни, каде што се наоѓаат јасни траги на паганизмот, почесто се наоѓа една заклетва во „севишниот Бог и свети Јован“. Овој севишен Бог е очигледно христијанскиот Бог.

Прочитај и за ... >>  Богот Перун

Чешкиот јазик има име на човек Svéboh, и имиња на места: svébohy. Ербен, а по него и Поливка претпоставувале дека во тој облик се крие името на оној првобитен и врховен бог: Svйboh- оној што е Бог сам по себе. Впрочем, овој облик се наоѓа само во Чешка. Во чешкиот и во словачкиот се наоѓа обликот praboh, prabǔh. Предметот (префиксот) пра одговара на латинскиот per, на германскиот ur: Perdeus. Urgott, стар Бог, е извонреден Бог. Другите словенски јазици не знаат за овие облици, кои впрочем и не ги потврдуваат никакви пишани споменици. Чешкиот јазик исто така ги има облиците: Přebǔh, во изразот: Ach Bože, Přebože; обликот Rozbože (иста смисла) во унтерекцијата Ach Bože, Rozbože. Предметот roz значи исто што и prě. Би било дрско да се заклучи од овие денешни изрази дека таквиот облик постоел и пред христијанските периоди.

Воопшто, словенските текстови не ни даваат никакви докази кои би ги потврдиле зборовите на Прокоп Цезареецот и Хелмолд“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here