Потребно време за читање: 2 минути

16. Како против партократијата во Македонија?

Најпрвин со промена на Законот за политички партии или донесување нов, и со најширока примена на мерит системот-во сите сфери на животот.

Што се однесува на промената на Законот за политички партии или донесување нов, нужно е да се постават поинакви  услови и критериуми за нивно формирање, дејствување и финансирање.

Со оглед на мултиетничноста на македонското општество, неодржливо е постоење на еднонационални партии. Нивното формирање мора да се забрани, а на постојните да им се даде рок за промена на етничката структура (според утврдена процентуална застапеност на членови од два и повеќе етникума).

Треба да се избрише условот за основање-најмалку 1.000 граѓани на Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија-член 11/1! Тоа во практиката се изигрува на разни начини, а особено по формирањето кога тој број ниту се контролира, ниту значи нешто. Токму тој услов овозможува фактичко постоење на „еден човек партија“ или „семејна партија“ ). А зошто не постоење на „еден човек партија“ кога за секоја партија е најважно членството постојано да се зголемува и таа со време да стане сè повлијателна и сè поблиска до остварување на главната амбиција-освојување на власта?

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОБЛЕМАТИЗИРАЊЕ И ПРОМИСЛУВАЊЕ, 20

Постојните состојби , како и негативните собитија и последици од партократијата ја генерираат системската корупција-при распределбата на буџетските средства, во јавните набавки, системот на образованието, зравството, инфраструктурата…Владеењето на партиите со политичкиот процес, во однос на граѓаните како носители на сувереноста, значи директна и индиректна негација на демократијата, а тоа најмногу доаѓа до израз во правосудниот систем, работата на државните органи и јавните служби, вработувањето во нив, како и при распределбата на општественото богатство (и природните ресурси).

Сè почесто слушаме барања „партиите да ги тргнат рацете од…“. Трите точки значат „од сè!“, а тоа најмногу се однесува на раководните функции. Притоа, со право се нагласува дека е тоа прв услов за поставување и „заживување“ на мерит системот-систем на квалификации, знаење и заслуги. Но и за неопходната забрзана департизација и деполитизација на државата и општеството.