Потребно време за читање: 2 минути

Настан XII

Мостот на великите ги поврзува двата брега од коритото на Камена река додека таа го делеше Костец на два еднакви дела, а со јасна цел: да го запре сѐ поголемото оддалечување меѓу жителите на градот. Имено, неговиот проектант Јан Симон заедно со неколцина видни луѓе, мислечки и творечки личности, го замислија како собиралиште, сврталиште и шеталиште за сите генерации; во бои на божилак, со постојано присуство на најзначајните дела на великите во минатото и денес, претставени симболички и со конкретни основни белези. Лачен камен мост на две нивоа поврзани со скали. Великите, пак, претставени сите исти: бронзени, на мраморни постаменти, во природна големина, со препознатливи ликови на кои се истакнува главна карактерна особина.

Па така, поетот Јоаким Кралев, кој и по смртта е незаборавен според своите големи поеми за љубовта и надежта, е со долга кадрава коса, обраснат со долга брада; облечен во долго палто, излитени чевли и истакната пеперушка; зачудено загледан во недоизгреано сонце во неговата прегратка. Виолинистката со светско реноме Евгенија Прангова на почеток од изведба на огнено дело, со пламен во нејзините раце во кој се наѕираат контури на виолина и гудало; остри црти на строго лице, распуштена долга коса; облечена во долг и тесен фустан кој ги истакнува облините на нејзиното тело и чевли на високи потпетици. Астрофизичарот Паскал Никодимски, признат во светот за своите истражувања на космичкото микробраново зрачење и остварените резултати во сознавањето на создавањето и развојот на галаксиите, опкружен со ѕвезди; длабоко замислен, потпрен на телескоп на ногарки; наметнат со црна пелерина. Вкупно дваесет и тројца велики. На средината на мостот Константин Громовски, еден од најреномираните лингвисти на светот денес, велик пред сѐ според делата од областа на социолингвистиката; како да излегува и расте од стена, со отворена дебела книга в раце; ќелав, со високо набрчкано чело, со бакенбарди и долги мустаци.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Што се случи со Мостот на великите откако на Камената река ѝ направија ново корито крај градот, ја натераа да тече во него, а во старото ја изградија Централната населба со облакодери, обѕидана со дебели бедеми? Остана на истото место, иако имаше многу заговорници тој да се дислоцира. Чудно е зошто: преовлада мислењето дека тој најмногу придонесува луѓето во Костец да се гледаат сѐ помалку напоречки и да се мразат сѐ помалку! А матната, шумна, голема и длабока река продолжија да ја окривуваат. Сега за постојано зголемување на бездната што го дели Костец од соседниот град Сивота.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here