ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Потребно време за читање: 2 минути

Настан X

Сѐ во животот на Име се одвивало и се одвива мошне брзо. Дури пребрзо за неговите блиски, пријатели и познајници. Се одвивало во неговото детство, младоста, во љубовта со неговата Роса, во одгледувањето и растењето на нивните рожби Смирна и Трајан, умирачките на неговите родители, сообраќајката и самоста по неа…

Мошне брзо започна љубовта со колешката Илина Каранфилова и нивната заедничка живеачка. Само две недели по нивната прва интимна вечера, меѓусебното признавање на љубовните чувства и првата посета на Музејот на љубовта. Едноставно, таа се пресели во неговото живеалиште, пa потоа тоа им го соопштија на нивните колеги во „Просторно планирање“. По склучувањето на бракот и впишувањето во матичната книга на венчани, за нив, роднините и личните пријатели организираа вечера во ресторанот „Црвена роза“, без никакви церемонии и обичаи. На тоа инсистираше Илина, пред сѐ поради за Име сѐ уште премногу болните сеќавања на загинувањето на неговите најближни.

Умирачките на татко му Стојмир и мајка му Милица се одвивале мошне брзо. Се одвивале, значи не се случиле мигум и ненадејно. Во животот и спомените на Корен Стаменоски се неизбришливи, од почеток до крај. Се одвивале во куќарката во која е роден, опкружена со неплодна земја и река што тече крај неа, а извира во далечна планина на исток.

Сед одвивале исто како живеачката во неа-со љубов и од љубов, со навики и прифатени обврски, учени најнапред дека најважните одлуки во животот мораат да ги донесуваат сами или заедно, без оглед на советите, искуствата и знаењата на блиски. Смислата на животот во најголема мера им била во раѓањето, одгледувањето, растењето и созревањето на многудетно семејство кое на каков годе начин ќе ја продолжи нивната опстојба. Но и во препознавањето, чувањето и негувањето вредности како суштествени во животот. Не знае, не ги ни прашал браќата Вител и Извор и сестрите Галена, Калина и Јагода дали и во нивните животи нивните умирачки се одвивале мошне брзо, но секогаш кога се заедно, најмалку еднаш во неделата, Стојмир и Милица се со нив. Прикажувањата за нив, пак, речиси секогаш им завршуваат со жал дека биле немоќни да им помогнат на каков било начин, да им го олеснат заминувањето од овој свет.

Стојмир починал по седум месеци на смртна постела, со вкочането тело и безгласен. Милица, пак, проживеала по него без него само три недели, како сенка што се снове низ куќарката.

Leave the first comment