ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 2 минути

27. Властодржец и советник

Властодржец и советник маскирани замешани во народ, за некој случајно да не ги препознае. Нормално, разговараат тивко за некој да не ги чуе.

Властодржецот:

-Советнику, народов не ми се гледа баш расположен. Што му е?

Советникот:

-Од мои блиски извори во него дознав дека е загрижен ти, партијата и ние да не ја изгубиме власта на следните избори. Опозицијата му се гледа некако сè посилна.

Властодржецот:

-Што збориш бе?! Од кај тоа? Зошто загрижен? Зар досега не научи како победуваме?

Советникот:

-Баш затоа е загрижен. Веќе не му изгледа дека може како досега. Мисли на местенките.

Властодржецот:

-А ти како мој советник што му велиш? Како се обидуваш да го смириш?

Советникот:

-Па, му велам дека треба да биде спокоен. Пак прво ќе подмачкаме, па ќе испомешаме и најпосле ќе ги броиме гласовите како што ни одговара.

Властодржецот:

-Тивко, може некој да те чуе и да станеме сомнителни….И? Што вели? Како реагира?

Советникот:

-Се плаши дека опозицијата научи и нема да дозволи.

Властодржецот:

-А бе каква опозиција!…Мачкина кашлица!…Да не им падне на памет и тие да прават исто?…И да им падне, нема да им успее како ние. Зад нас стои…

Советникот:

-Внимавај, мој властодржецу, да не те чуе некој. Само да не чуе кој.

Властодржецот:

-А розовите очила? Му кажа дека бесплатно ќе обезбедиме за сите? И за него и за ненародните елементи?

Советникот:

-Таа наша новина ја прими многу лошо. Коментира дека баш тоа е многу лошо смислено. Особено зашто ние како власт носиме црни. Со нив му изгледаме како мафијаши. Опозицијата токму тоа почнала да го потенцира.

Властодржецот:

-Што предлага? Има некоја добра идеја во врска со тоа?

Советникот:

-Мисли дека и ние не треба да носиме црни, туку розови. Така опозицијата не ќе може да ја прикажува стварноста црно-бела проткаена со сива, односно ќе ѝ биде џабе и без ефект прикажувањето како сурова и бесперспективна.

Властодржецот:

-Тоа никако! Како е можно тебе како мој советник да не ти текнува што е заднината на таквото мислење? Народов порачува дека јас и ние мораме да станеме народна власт ако сакаме пак да ни ја дадат власта в раце. А тоа би било катастрофално за нас. Тотално не властодржачки и…да не спомнувам што сè значи тоа. Тогаш ќе дигнат раце од нас и ненародните елементи и оние што стојат зад нас.

Советникот:

-Тоа е проблемот, мој властодржецу. На тоа мисли народот кога бара и ние да носиме розови очила. Стварноста стварно сè повеќе му се гледа црно-бела проткаена со сива кога со розови очила нè гледа нас со црни. Сè повеќе се убедува, а во тоа голем удел има опозицијата, дека не само што им личиме, ами и сме мафијаши на власт.

Властодржецот:

-А тоа дека е слеп при очи?

Властодржецот:

-Веќе не е.

Маскирани продолжуваат во народот, замешани, просто втопени во него. Никој ни случајно не ги препознава.

Leave the first comment