СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Потребно време за читање: 2 минути

26. Личен успех

Бисера и Пламен пак „на линија“ (веќе речиси секој ден, неретко и два-три пати во еден).

Пламен:

-Ми фалиш, Бисера моја.

Бисера:

-И ти мене, мил мој. Од ден на ден сè повеќе.

Пламен:

-Не можеме долго вака, оддалечени еден од друг, разделени. Важна е и драгоцена можноста за секојдневна комуникација со SMS пораки, тонска, визуелна, ама е сосема друго да сме заедно, со нашите деца, како сплотено семејство; во Скопје, во нашата Македонија…Мислам дека направивме грешка. Кога веќе решивме, требаше јас и ти заедно во Монтреал, а кусо време потоа и Апостол и Ѕвездана и Славка.

Бисера:

-Не знам, можеби. Којзнае…Ти, мил мој, ми изгледаш загрижен. Имаш проблеми на работа?

На Пламен му се разведрува лицето:

-Ама какви проблеми? Напротив! Да ти се пофалам со мојот личен успех: компанијата во која се вработив ќе реализира два мои проекта (ги знаеш замислите): „паметна“ зграда-станбена висококатница за индивидуална и колективна живеачка, и карпеста населба слична на онаа во Кападокија, со двокатни семејни куќи. Висококатницата ќе се гради во Лондон, а населбата до планинарскиот центар Рафнер, во близина на Бирмингем.

Бисера:

-Одлична вест! Го очекував тоа, ама сепак не така брзо…Го запозна Бирмингем? Ти се допаѓа?

Пламен:

-Бирмингем? Ах…Како секој голем град во Европа и светот. Најнаселен по Лондон, со над еден милион жители, мултиетнички. Знаеш: тој е најважен  индустриски град на Велика Британија, на исто рамниште со Манчестер. Нема шанса да се запознае за недела-две, месец-два, а треба години живеачка за да се почувствуваат и прифатат неговото пулсирање и животниот ритам.

Посетив некои од неговите главни обележја, неизбежни за секој посетител: Институтот за граѓански права, Музејот на уметноста, 17-метарската статуа на римскиот бог Вулкан во Вулкан паркот, планинарскиот центар Рафнер, прочуениот Карвер театар со Холот на честа на Алабама џезот.

Мене најголем впечаток ми остави Научниот центар МекВејн со разни изложби-на диносауруси, ласери. Има дури и аквариум…Цел ден минав во него и имам намера почесто да го посетувам…За трговскиот центар Булринг знаеш. Таму најпрвин ќе те однесам тебе и децата кога ќе се собереме првин овде, а потоа во „твојот“ Монтреал. Во него можеби за трајно…

Бисера го прекинува:

-Никако за трајно!

Пламен насмеан:

-В ред, да не се расправаме. Времето ќе ни каже што, како и каде. Знаеш дека и за мене, како за тебе Скопје и Македонија се незаменливи…Поздрав и бакнежи. Ќе се чуеме и видиме утре.

Leave the first comment