Во раните години на рокенролот сцената барала движење, младешки бунт и физичка енергија. Елвис Присли го имал движењето, Чак Бери гитарата и препознатливиот сценски чекор, Џери Ли Луис речиси го напаѓал пијаното. Рој Орбисон стоел речиси неподвижно. Во црно, со темни очила, без големи гестови и без потреба да ја освојува публиката со нешто друго освен со гласот.
Неговото место во историјата на популарната музика е толку необично. Орбисон припаѓа на генерацијата од која израснал модерниот рокенрол, но неговите песни брзо ја надминале едноставната рокабили формула. Во нив имало ранливост, романтична меланхолија, драматургија и вокална широчина што понекогаш се доближувала до опера. Тој стои на интересната граница меѓу рокенролот, попот, кантрито и големата американска балада.
За поширокиот музички контекст во кој се појавил Орбисон вреди да се погледне и приказната за почетоците на рокенролот – времето кога неколку претходно одделени музички традиции почнале да создаваат сосема нов јазик на младата генерација.
Од Тексас до Sun Records
Рој Келтон Орбисон е роден на 23. април 1936. година во Вернон, Тексас. Со музиката се сретнал како дете, а уште како тинејџер настапувал со групата The Wink Westerners, подоцна преименувана во The Teen Kings. Во 1956 година со „Ooby Dooby“ стигнал до Sun Records во Мемфис – студиото и издавачката куќа што останаа неразделни од раната историја на рокенролот. Низ истиот музички круг минувале Елвис Присли, Џони Кеш, Карл Перкинс и Џери Ли Луис. Официјалната биографија на Рој Орбисон го бележи токму овој период како почеток на неговата професионална приказна.
На прв поглед, Орбисон природно припаѓал на тој свет. „Ooby Dooby“ е брза и непосредна рокабили песна, далеку од раскошните балади со кои подоцна ќе стане препознатлив. Неговата вистинска оригиналност почнува да се гледа кога престанува само да ги следи правилата на раниот рокенрол и почнува да создава сопствен простор во него.
Големиот пресврт дошол со Monument Records. „Only the Lonely“ во 1960. година покажала дека Орбисон располага со глас и начин на композиција што тешко се вклопуваат во едноставни жанровски категории. Потоа следувале „Running Scared“, „Crying“, „Dream Baby“, „In Dreams“ и „Blue Bayou“ – песни во кои рокенролот станува простор не само за младешка слобода, туку и за осаменост, копнеж и загуба. Rock & Roll Hall of Fame го издвојува токму необичниот начин на кој Орбисон ги градел песните, од рокабили до големи, речиси оперски балади. Неговото место во историјата на рокенролот денес е институционално потврдено и со приемот во Rock & Roll Hall of Fame во 1987 година.
Глас што не се однесувал според правилата
Кај Орбисон најважен бил гласот. Не само неговиот распон, туку начинот на кој го користел. Песните често започнуваат тивко и воздржано, а потоа постепено се искачуваат кон врв во кој чувството повеќе не може да остане скриено. Неговите композиции неретко ја напуштаат едноставната шема строфа-рефрен и се развиваат како мали музички драми.
Во „Running Scared“ речиси целата песна се движи кон последниот вокален изблик. Во „Crying“ гласот постепено ја губи својата привидна смиреност. „In Dreams“ се движи низ повеќе музички делови без да се потпира на конвенционален рефрен. Таквиот пристап бил особено необичен во време кога рокенролот најчесто се поврзувал со самоувереност, сексуална енергија и бунтовна поза.
Орбисон понудил нешто поинакво – машки глас кој може да биде ранлив без да ја изгуби својата сила. Неговата неподвижност на сцената, темната облека и црните очила со текот на времето станале визуелен потпис. Зад таа затворена фигура, сепак, стоел еден од најотворено емотивните гласови во популарната музика.
„Oh, Pretty Woman“ и песната што го освои светот
Во 1964. година Орбисон и Бил Дис ја напишале „Oh, Pretty Woman“, песната што ќе стане неговиот најпрепознатлив светски хит. Наместо постепената трагична напнатост на „Crying“ или „Running Scared“, тука има силен гитарски риф, директен ритам и речиси моментална препознатливост. Песната го покажува другиот Орбисон – помалку затворен во меланхолијата, а многу поблиску до чистата енергија на поп-рокот.
Неговото значење станува уште поинтересно ако се погледне музичкиот момент. Само една година претходно, Орбисон настапувал во Велика Британија на турнеја со The Beatles, токму во периодот кога новата британска генерација почнувала да го презема светскиот поп-простор. Тој припаѓал на претходниот американски бран, но неговата музика не исчезнала со доаѓањето на новите ѕвезди.
Слична промена на генерациите може да се следи и низ приказната за The Kinks и преминот од раниот рокенрол кон модерниот рок. Орбисон стои нешто порано во тој развоен синџир – како музичар кој покажал дека рок-песната може да биде и сложена, драматична и интимна.
Животот што сурово се доближи до песните
Лесно би било неговата музика да се толкува само преку трагедиите што подоцна го обележале приватниот живот. Во 1966. година неговата сопруга Клодет загинала во сообраќајна несреќа со мотоцикл. Две години подоцна, во пожар во семејниот дом загинале неговите синови Рој Двејн и Ентони.
И тука се појавува еден значаен пресврт во читањето на неговата музика: најпознатите песни за осаменоста, разделбата и загубата веќе биле напишани пред овие несреќи. Орбисон не ја изградил својата музичка личност врз приватната трагедија. Тој уште претходно нашол музички јазик за чувствата што подоцна неговиот живот сурово ќе ги направи реални.
Во втората половина на шеесеттите и во седумдесеттите неговото комерцијално присуство слабее. Музиката се менува брзо, рокот станува погласен, поекспериментален и сè повеќе поделeн на нови поджанрови. Орбисон извесно време изгледа како големо име од претходната епоха.
Втор чин што ретко му се случува на еден музичар
Осумдесеттите му донеле нешто што малкумина музичари го доживуваат – вистинско враќање откако веќе бил прогласен за класик. Во 1987. година бил примен во Rock & Roll Hall of Fame, а проектот „Roy Orbison and Friends: A Black and White Night“ го поставил повторно во центарот на вниманието, опкружен со музичари од генерациите врз кои влијаел.
Потоа дошле Traveling Wilburys. Заедно со George Harrison, Bob Dylan, Tom Petty и Jeff Lynne, Орбисон станал дел од една од најнеобичните супергрупи на осумдесеттите. Нивниот прв албум бил објавен во 1988 година, а неговиот глас повторно звучел современо – не како почит кон минатото, туку како природен дел од музиката што се создава во тој момент.
Рој Орбисон починал од срцев удар на 6. декември 1988. година, на 52-годишна возраст. Неговиот албум „Mystery Girl“ бил објавен постхумно во 1989. година, а „You Got It“ го вратил во американскиот Top 10 повеќе од две децении по неговите најголеми хитови.
Да се нарече Рој Орбисон еден од првите поп-рок пејачи е корисна почетна определба, но таа не ја опфаќа целата негова важност. Тој потекнува од генерацијата што го носела рокенролот кон масовната публика, а потоа помогнал песната да стане поширока од ритамот и бунтот. Покажал дека силата може да биде тивка, дека ранливоста може да стои во центарот на рок-песната и дека три минути музика понекогаш се доволни за цела мала драма.
Темните очила останале неговиот знак. Гласот сепак бил вистинското лице на Рој Орбисон.










