Повеќе од 2.000 учесници од над 50 земји, над 100 говорници, повеќе од 400 стартапи и околу 200 инвеститори беа дел од второто издание на Startup Revolution AI Summit, што од 1 до 4 октомври го претвори Скопје во една од регионалните точки на средба меѓу стартапите, капиталот и вештачката интелигенција.
Четиридневниот собир, во организација на Startup Club Skopje, не беше само уште една конференција со говорници и презентации. Зад големите бројки стоеше поважна амбиција – основачите од Македонија и регионот да добијат директен пристап до луѓе, компании и инвеститори со кои вообичаено би морале да се сретнуваат во Берлин, Лондон, Сан Франциско или некој од поголемите европски технолошки центри.
Panoptikum веќе го следеше развојот на самитот – од првичната најава за Startup Revolution AI Summit 2026, преку пристигнувањето на претставници од европската технолошка и инвестициска сцена, до почетокот на главната конференциска програма во Скопје. Она што сега останува по завршувањето на настанот е поважно прашање: дали ваквите четири дена можат да остават нешто повеќе од полна сала и добра фотографија?
Од AI до капитал – програмата беше изградена околу реалните проблеми на стартапите
Главниот конференциски дел се одржа на 2 и 3 октомври во Македонската филхармонија, со паралелни сцени, работилници, презентации и средби. На програмата се појавија претставници и луѓе со искуство од компании и организации како Preply, Make, Wonderful AI, CAKE.com и други европски технолошки компании.
Темите се движеа од вештачка интелигенција и автоматизација до FinTech, HealthTech, сајбербезбедност, климатски технологии, економија на креатори и проблемите со кои компаниите се соочуваат кога треба да преминат од добра идеја кон одржлив бизнис. Официјалната агенда покажува колку широк бил распонот – од практична примена на AI и работа со податоци до финансирање, раст, јавни политики и излегување на странски пазари.
На отворањето се обрати премиерот Христијан Мицкоски, а во програмата учествуваа и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, директорката на ИНОВА Даниела Димовска, швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер, како и претставници на американската дипломатска мисија и на институции што работат со стартапи и иновации.
Дел од најважната програма воопшто не се случуваше на главната сцена
Конференциските говори се највидливиот дел од ваквите самити, но за еден млад стартап често се поважни разговорите што се случуваат по нив. Токму затоа значителен дел од Startup Revolution беше изграден околу практична работа, менторство, презентации пред инвеститори и директни средби меѓу основачи, компании и фондови.
The Founder Games донесе предизвик во живо предводен од Сања Митровска и тимот на проектот, додека Western Balkans Accelerator Program овозможи стартапи да ги претстават своите компании во рамките на програма што ги поврзува регионалните претприемачи со поширока инвестициска мрежа.
Во Македонската филхармонија се одржаа и тематски работилници со експерти како Поли Барнфилд од Maybe*, Филип Книшевски од Spiral Agency, Дејвид Амор од EnsoBrain и Оргест Кока, кој работеше со учесниците на теми поврзани со Microsoft Fabric.
Посебен дел од програмата беше посветен на практичната примена на вештачката интелигенција. Во просториите на ИНОВА се одржа DevDay Exchange Community: Skopje со практична Codex работилница, како и Hack for Humanity, реализиран со AI Collective Skopje и партнери. ИНОВА во 2026 година има сè поизразена улога во домашниот иновациски екосистем, а директорката Даниела Димовска учествуваше и во активностите поврзани со самитот.
Women’s M.I.X.E.R., Investors Kafana, менторските сесии за четвртата генерација на #ИмамИдеја и Dare2Scale сесиите дополнително го проширија форматот. Наместо стартапите да останат публика што слуша совети за успех, дел од програмата ги стави во ситуација веднаш да тестираат идеи, презентации и бизнис-модели пред луѓе кои можат да ги оспорат, подобрат или финансираат.
Тоа е и причината зошто иницијативи како The Founder Games се интересни надвор од самиот настан: тие покажуваат дека стартап-културата не се гради само преку фондови и конференции, туку и преку средини во кои основачот мора да ја соочи својата идеја со реалноста.
CoachBot од Скопје кон глобалното финале во Сан Франциско
Еден од централните моменти беше регионалното натпреварување на Startup World Cup. Меѓу стартапите што ги претставија своите решенија, победата ја однесе CoachBot, предводен од Lewin Keller.
Со победата CoachBot обезбеди место на глобалното финале во Сан Франциско, каде што регионалните победници се натпреваруваат за инвестиција од еден милион долари. За стартап од европскиот екосистем ваквата награда е важна, но можеби уште поважни се пристапот до глобална инвестициска публика, контактите и можноста производот да биде спореден со компании што доаѓаат од многу поголеми пазари.
Токму тука Startup Revolution ја добива пошироката смисла за Македонија. Мал домашен пазар не мора да значи и мал технолошки хоризонт. Слично прашање го отвора и приказната за N99 Deep Tech Park во Скопје: може ли знаењето создадено дома да се претвора во производи и компании што ќе продаваат глобално?
Следниот тест почнува откако ќе се изгаснат светлата на сцената
„Драго ни е што успеавме да бидеме добри домаќини, да ги претставиме нашата држава и регионот пред глобалната стартап сцена и да ги обединиме сите чинители од домашниот и регионалниот стартап екосистем. Следната година во ноември нè очекува уште поголемо издание на самитот. Подготовките веќе ги започнавме, а датумите се познати – од 26 до 29 ноември 2027 година, повторно во Скопје“, изјави Сашо Јовановски, претседател на Startup Club Skopje.
За Скопје успехот на ваков настан не треба да се мери само преку бројот на посетители или звучноста на говорниците. Вистинската мерка ќе биде она што ќе остане по нивното заминување: колку основачи ќе дојдат до капитал, колку контакти ќе станат партнерства, колку домашни компании ќе отворат нов пазар и колку луѓе што денес имаат само идеја ќе успеат да изградат производ што не завршува на локалниот пазар.
Startup Revolution покажа дека Скопје може да собере значаен дел од регионалната стартап и AI сцена на едно место. Следната фаза е потешка – таквото внимание да се претвори во екосистем што работи и во останатите 361 ден од годината.





















