fbpx Прескокни до главната содржина Opens in a new tab

Скопје влегува во Startup Revolution: Preply, Make, Wonderful и инвеститори од европската технолошка сцена пристигнуваат во петок

Скопје влегува во Startup Revolution: Preply, Make, Wonderful и инвеститори од европската технолошка сцена пристигнуваат во петок

Пред неколку дена го најавивме Startup Revolution AI Summit 2026 како еден од најамбициозните технолошки собири што досега се организирале во Скопје. Непосредно пред почетокот, имињата во официјалната агенда на самитот многу појасно покажуваат што всушност пристигнува во градот: луѓе од компании како Make, Preply, Wonderful, PPRO и PostHog, заедно со европски инвеститори, стартап-основачи и луѓе кои веќе работат на глобални пазари.

Startup Revolution AI Summit 2026 трае од 1 до 4 октомври, со повеќе програмски сцени, работилници, стартап-презентации, инвеститорски средби и side events. Четврток е резервиран за пристигнување и отворање, додека во петок, 2 октомври, во Македонската филхармонија почнува главната конференциска програма. Тогаш практично започнува и најгустата фаза од она што организаторите го најавуваат како средба на AI, стартапите, капиталот и бизнисот.

Петок почнува со регионот, а многу брзо стигнува до глобалната AI сцена

По регистрацијата и утринското вмрежување, официјалното отворање е закажано за 10 часот. Во програмата се Сашо Јовановски, основач на Startup Revolution, Ана Банѓиева Николова од ProCredit Bank, Илија Ивановски од Nebula и премиерот на Макдонија Христијан Мицкоски. Но протоколот трае кратко: веќе од 10.30 часот агендата влегува во првата голема тема – каде се наоѓа Централна и Источна Европа на глобалната стартап мапа и што е потребно еден регионален екосистем да создава компании способни за меѓународен раст.

Првиот keynote го носи Александра Илиеска од StartupBlink, глобална платформа што ги мапира и рангира стартап-екосистемите низ светот. Нејзината тема „CEE Rising: The Industries Putting the Region on the Global Startup Map“ треба да даде податочна слика за индустриите што го движат регионот нагоре – важен контекст и за Македонија, која токму преку вакви настани се обидува да стане повидлива во пошироката европска стартап мрежа.

Следува разговор за улогата на стартап-заедниците, модериран од Кристијана Кунева од The Recursive, медиум специјализиран за технолошките екосистеми во Централна и Источна Европа. Во панелот се вклучени и луѓе поврзани со Venture Café Berlin, Founder Institute, beeco AgriFoodTech Venture Builder и DotsHub. Темата е навидум едноставна – зошто стартап-заедниците се важни – но зад неа стои прашањето кое ги следи сите помали пазари: како од поединечни успешни компании се создава екосистем што постојано произведува нови основачи, капитал и знаење.

Утринскиот блок го затвора Благица Ефтимова од Swiss Entrepreneurship Program со тема што ја пренасочува дискусијата од ентузијазам за бизнис идеи и старт кон суштината: податоците можат да кажуваат многу, но прашањето е дали компаниите навистина носат одлуки врз на нивна анализа.

Make: како најбрзо да го упропастите системот со AI агенти

Во 11.45 часот почнува блокот посветен на AI и новите технологии, а првото големо меѓународно име е Martin Hýravý од Make. Насловот на неговата сесија е намерно провокативен: „How to guarantee your agentic system fails. (Fast)“ – како најбрзо да го упропастите системот со AI агенти – и кои грешки треба да ги избегнете..

Make е платформа за автоматизација и AI агенти што им овозможува на компаниите да поврзуваат процеси, апликации и податоци без класично програмирање на секој чекор. Компанијата има и посебна Startup Program за млади компании, а годинава отвори и Mentorship Office во STATION F во Париз, еден од најголемите стартап-кампуси во Европа.

Токму затоа настапот на Hýravý е интересен и надвор од техничката публика. Во момент кога „AI агенти“ станаа речиси задолжителен термин во корпоративните презентации, многу поважно прашање е каде нивната имплементација се распаѓа – поради лош процес, погрешна автоматизација, недефинирана одговорност или едноставно затоа што компанијата автоматизира нешто што претходно не го организирала добро.

Preply: AI може да создава аналитика побрзо отколку што компанијата може да ја контролира

Веднаш потоа на сцената доаѓа Gerard Pinar Quirós од Preply, Head of Marketplace Analytics во една од најпознатите европски EdTech компании. Неговата тема „AI Can Generate Analytics Faster Than We Can Govern It“ допира до проблем што допрва ќе станува поголем: аналитиката може да се произведе за секунди, но тоа не значи дека секоја анализа е точна, проверлива или добра основа за деловна одлука.

Прочитај и за ... >>  Македонија и Турција ја прошируваат културната соработка: ТИКА со нова поддршка за османлиското наследство

Preply е особено интересен пример затоа што веќе ја помина границата меѓу успешен scale-up и глобална компанија. Во јануари 2026 година компанијата достигна проценка од 1,2 милијарди долари по инвестициска рунда од 150 милиони долари, со што официјално влезе во клубот на стартапи-еднорози. На својата корпоративна страница компанијата наведува дека денес работи со повеќе од 100.000 тутори ширум светот и сè повеќе го комбинира човечкото учење со AI алатки.

Во Скопје, сепак, фокусот нема да биде на самата проценка на компанијата, туку на нешто многу попрактично: како организација што управува со голем marketplace може да користи AI аналитика без истовремено да ја изгуби контролата врз квалитетот и значењето на податоците.

Wonderful: AI не го интересира организациската шема

Следува Vedran Bajer, генерален менаџер за јадранскиот регион во Wonderful. Насловот на неговото петочно Startup Spotlight предавање е уште подиректен: „AI Doesn’t Care About Your Org Chart“.

Wonderful развива enterprise AI агенти што треба да влезат во реални деловни операции, а не да останат само изолирани алатки за поединечни тимови. Компанијата веќе има посебна операција за јадранскиот регион, која ја води Bajer, со фокус на финансиски услуги, телекомуникации, туризам, е-трговија, малопродажба и јавниот сектор.

Тезата зад неговата сесија е едноставна, но важна: компаниите традиционално се организирани по оддели, додека AI системите можат да пресекуваат повеќе функции одеднаш. Кога агентот треба да поврзе продажба, поддршка, операции и податоци, класичната организациска шема почнува да станува дел од проблемот, а не само опис на компанијата.

Кога технологијата ќе се сретне со капиталот

По ручекот, петочната програма го отвора вториот голем слој на стартап приказната – инвестициите. Во 14.25 часот Patrick Polak од Newion и Nina Dremelj од Vesna Deep Tech Venture Fund ќе разговараат на тема „How Investors Think: Building Scalable Companies“.

Newion е venture capital фирма од Амстердам со повеќе од 25 години искуство, насочена кон европски digital-tech компании во Seed и Series A фаза. Фондот типично инвестира меѓу еден и десет милиони евра, што разговорот со Polak го прави особено релевантен за основачи кои сакаат да разберат што се случува од другата страна на инвестициската маса.

Nina Dremelj, пак, е Managing Partner на Vesna, првиот словенечко-хрватски deep-tech фонд ориентиран кон трансфер на технологии и комерцијализација на истражувања. Фондот е поддржан и од Европскиот инвестициски фонд, кој во структурата на финансирањето влезе со 40 милиони евра.

Тоа е еден од блоковите што можат да бидат особено корисни за локалните основачи. По разговорите за AI, автоматизација и раст, прашањето станува многу поконкретно: што гледа инвеститорот кога еден основач ќе каже дека неговата компанија може да стане скалабилен меѓународен бизнис?

Од „нула до еднорог“ со коосновачот на PPRO

Кон крајот на првиот главен конференциски ден, во 18.05 часот, следува разговорот „From Zero to Unicorn: Building the Infrastructure Behind Global Payments“ со Philipp Nieland, коосновач на PPRO.

Nieland ја основал PPRO во 2006 година, а компанијата во меѓувреме израсна во глобална платежна инфраструктура што им помага на компании да прифаќаат локални начини на плаќање на различни пазари. Според актуелните податоци на PPRO, платформата денес е присутна на повеќе од 85 пазари, опслужува над три милиони трговци и обработува трансакциски обем од околу 20 милијарди евра.

Прочитај и за ... >>  Русија ја удира украинската логистика, Украина руските рафинерии

За публика од стартап-основачи, приказната зад ваков бизнис е можеби повредна од самата етикета „еднорог“. Таа покажува што се случува откако производот ќе најде пазар, компанијата ќе почне да расте, а инфраструктурата мора да издржи различни земји, регулативи, начини на плаќање и милиони корисници.

Петок не се случува само на главната сцена

Додека на Revolution Stage се зборува за AI, капитал и глобални компании, Startup Stage е насочен кон основачите што се многу поблиску до почетокот: дали една идеја воопшто вреди да се гради, како се стигнува до првиот клиент, како изгледа продажбата кога никој сè уште не го познава производот, кои правни грешки можат скапо да чинат и како се финансира компанија пред да стигне до првата вистинска инвестициска рунда.

Во програмата се и Startup Live Launch со пет компании, практични сесии, менторски средби и Investor Kafana. Токму тој дел од концептот може да биде најважен за локалната сцена: конференцијата не е замислена само како редица предавања, туку и како место каде луѓето што вообичаено се на различни пазари можат да седнат на иста маса.

А сабота? Тогаш приказната станува уште поширока

Ако петок е денот во кој силно се отвораат AI, стартапите, инвестициите и founder journey темите, саботната агенда ја проширува сликата кон јавни политики, иновациски фондови, дигитална доверба, сајбер-безбедност, creator economy, FinTech и scale-up компании.

Утрото почнува со теми за иновациски политики и конкурентност во AI ерата, следува посебно претставување на Skopje Innovation District, а попладневниот блок оди кон едно од најжешките прашања во технологијата денес – кој ги обезбедува AI агентите и што се случува со сајбер-безбедноста кога софтверот почнува самостојно да презема активности.

Потоа на сцената доаѓа Sara Miteva од PostHog со тема „Why a product marketer should be your first marketing hire?“. PostHog денес развива широка платформа за product analytics, experiments, feature flags, session replay и AI observability, а самата компанија е позната по неконвенционалниот пристап кон градење производи и маркетинг за техничка публика.

Во истиот блок ќе настапи и Igor Bosilkovski од Forbes со сесијата „From Unknown to Forbes 30 Under 30 – What Actually Gets You Noticed“. Bosilkovski со години ја следи Forbes 30 Under 30 сцената, па неговиот настап отвора поинаква страна од стартап растот: како добар производ или основач воопшто станува видлив во глобалната медиумска и деловна конкуренција.

Vedran Bajer повторно ќе се појави, овојпат на Scaleup Stage, со подолг masterclass за преминот од AI пилот-проекти кон AI-native операции – моментот кога вештачката интелигенција престанува да биде експеримент на еден тим и станува дел од начинот на кој функционира целата компанија.

И на крај – Startup World Cup

Саботата го носи и еден од сегментите што традиционално создаваат најмногу енергија меѓу основачите: регионалниот квалификациски натпревар за Startup World Cup. Глобалната платформа, организирана од Pegasus Tech Ventures, поврзува регионални натпревари од повеќе континенти, а победниците продолжуваат кон финалето во Сан Франциско.

Таму влогот е сериозен: глобалниот победник се натпреварува за инвестициска награда од еден милион долари. За стартапите што ќе излезат на сцената во Скопје, затоа ова не е само локален pitch натпревар, туку можност од македонската престолнина да продолжат кон една од поголемите меѓународни стартап-сцени.

За саботата ќе пишуваме посебно и многу подетално. Агендата е доволно густа за да заслужува сопствена приказна – со луѓето зад компаниите, нивните биографии, темите што ги отвораат и прашањата што вреди да им се постават кога ќе пристигнат во Скопје.

Panoptikum.mk е медиумски партнер на Startup Revolution AI Summit 2026 и ќе биде присутен на самитот.

За авторот: Горан Димитровски

Основач и извршен директор на Digital Media Creative Pro, со над 20 години искуство во дигитален маркетинг и визуелни комуникации. Специјализиран е за креирање ефикасни дигитални стратегии, проектен менаџмент и дигитализација на процеси во мали и средни компании.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.
ДО СИТЕ НОВИ АКТУЕЛНОСТИ ВО „ШТО ИМА НОВО?“