Последици по здравјето од загаден воздух и како да се заштитиме

Потребно време за читање: 5 минути

Загадениот воздух го зголемува ризикот од мозочен удар. Потврдено е дека предизвикува промени во мозокот, проблеми во учењето и паметењето, дури и депресија. Им штети на бремените жени и фетусите. Го зголемува ризикот од срцев удар.

Како да се заштитиме од загаден воздух?

Веќе и умерено загадување на воздухот може ризикот од мозочен удар да го зголеми за третина. Американски научници од Браун Универзитетот ги проучувале медицинските податоци за 1.705 жени со просечно доба од 71 година и собраните резултати ги споредувале со информациите за степенот на загадување на воздухот.

Во просек, ризикот за исхемиски мозочен удар бил 34% поголем во деновите кога е забележано умерено ниво на загаденост, отколку во деновите кога нивото било ниско.

Истражувачите додаваат дека најизразено било влијанието од загадување предизвикано од сообраќајот.

Студија на научници од Харвард покажала дека загадувањето на воздухот е можно да се поврзе со когнитивните способности кај лицата од постаро животно доба.

Француски истражувачи предупредија дека дури и куса изложеност на загаден воздух може да го зголеми ризикот од срцев удар.

Негативното влијание врз здравјето се проучува подолго време, а е утврдено:

Тоа може да ја намали ефикасноста на инхалаторите што се користат за третирање на астма; долгорочна изложеност може да доведе до промени на мозокот и со самото тоа да резултира со потешкотии во учењето и паметењето. Освен што му штети на срцето и белите дробови, загадениот воздух е поврзан и со дијабетесот.

Француските стручњаци од Универзитетот во Париз анализирале податоци од 34 студии за поврзаноста помеѓу краткорочната изложеност на загаден воздух (до седум дена) и последиците по здравјето. Попишаните загадувачи биле озонот, јаглеродниот моноксид, азотниот диоксид, слуфурниот диоксид и честичките, а сите освен озонот се поврзани со благо зголемен ризик од срцев удар.

Овој додатен ризик е благ во однос на „класичните“ фактори на ризик за срцев удар-висок крвен притисок, пушење или шеќерна болест, но стручњаците нагласуваат дека е сеедно битен оти многу лица се изложени на загаден воздух.

Која е причината за таквите резултати? Стручњаците понудија неколку објасненија:

На пример, претходни студии покажале дека изложеноста на загаден воздух ги зголемува воспаленијата во нашиот организам кои се поврзано со ризикот од срцев удар. Исто така, изложеноста на загаден воздух може да го зголеми бројот на отчукувања на срцето и крвта да ја направи понаклонета на згрутчувања.

Студијата е објавена во списанието Journal of the American Medical Association.

Едно истражување на Универзитетот Охајо, пак, покажа дека долгорочното изложување на глувци на загаден воздух може да предизвика физички промени во мозокот, проблеми во учењето и паметењето, па дури и депресија. Глувците биле изложени или на филтриран или на загаден воздух 6 часа на ден, 5 пати неделно во период од 10 месеци, што претставува половина од животниот век на глушецот. Загадениот воздух се состоел од честички на материи кои се како оние што ги создаваат автомобилите, фабриките или прашината од околината. Честичките се ситни, со околу 1/30 од дебелината на просечно човечко влакно и можат да допрат длабоко во белите дробови или други органи во телото. Концентраицјата на честичките на кои биле изложени глувците е еквивалентна на онаа на која луѓето можат да бидат изложени во некои загадени урбани средини.

По 10 месеци истражувачите спровеле бројни тестови со кои го испитувале однесувањето на животните. Во тестовите на учење и паметење глувците биле сместени во средина на осветлена кутија и имале две минути за да пронајдат излез кој води до темна кутија каде што се чувствуваат полагодно. Имале 5 дена време да откријат каде се наоѓа излезот. На глувците кои вдишувале загаден воздух им требало подолго време, а во дополнителни тестови исто така им требало повеќе време за да се присетат каде се наоѓа излезот.

Во друг експеримент глувците изложени на загаден воздух биле подепресивни во однос на глувците кои вдишувале филтриран. Глувците кои вдишувале загаден воздух покажале повисоко ниво на анксиозно однесување во еден тест, додека во друг не.

За да ги пронајдат одговорите како загадувањето на воздухот доведува до такви промени во учењето, паметењето и расположението, истражувачите го тестирале хипокампусот на глувчешкиот мозок. Резултатите покажале јазни физички разлики во него кај оние што биле изложени на загаден воздух во однос на оние кои не биле изложени.

Во други студии е откриено дека хроничното изложување на загаден воздух води до распространување на воспалителни процеси во телото, што се поврзува со здравствените проблеми кои ја вклучуваат и депресијата. Таквите воспаленија се очигледни во хипокампусот. Хемиските преносници кои ги предизвикуваат (провоспалителните цитокинини) биле повеќе активни во хипокампусот на глувците кои вдишувале загаден воздух, одошто кај глувците кои вдишувале филтриран.

Проблемот со бремените жени:

Оплодената јајна станица и фетусот можат понекогаш да реагираат на отровите кои видливо негативно немаат влијание врз возрасните лица. Во раната бременост станиците на фетусот се посебно чувствителни поради брзото намножување и диференцијација во специфични органи и органски системи. Бројни научни истражувања сугерираат дека загадувањето на околината може на многу начини негативно да дејствува врз фетусот.

Германски научници од Универзитетот во Хамбург утврдиле дека жените кои живеат во подрачја со високо ниво на загаденост просечно двојно почесто раѓаат близнаци. Зачестеноста на раѓање на близнаци била најголема кај жените кои живеат во близина на места каде што се согорува токсичен отпад. Научниците веруваат дека добиените резултати можат да се објаснат со влијанието на токсините врз нивото на женските хормони естроген и гонадотропин, кои влијаат врз процесот на формирање на јајните станици (естрогенско дејство).

Научници од Центарот за детско здравје на американскиот универзитет Колумбија посматрале 60 новороденчиња во загадени квартови на Њујорк (Харлем, Вашингтон Хејтс и Саут Бронкс) и покажале дека ДНК на неродените деца може да биде оштетена дури и пред раѓањето ако нивните мајки вдишуваат загаден воздух. Во рамките на студијата се посматрани деца кои се изложувани на полицикличноароматски хипокарбонати, карциногени полутанти кои ја преминуваат плацентарната бариера, а во воздухот доаѓаат како продукти на согорување (градски сообраќај, греење, пушење…). Мајките непушачки пополнувале прашалници и носеле воздушни монитори во текот на последното тримесечје од бременоста. Се испитувала крвта од папокот на новороденчињата, со посебно внимание насочено на хромозомите кои носат ДНК.

Забележани се просечно 4,7 неправилности на хромозомите на 1.000 бели крвни зрнца кај новороденчиња на мајки кои им припаѓале на групата со ниско ниво на изложеност, а 7,2 неправилности на 1.000 бели крвни зрнца кај новороденчиња од групата мајки со висока изложеност на загаден воздух.

А како да се заштитиме од загадениот воздух?

Тој е дефинитивно проблем пред сѐ за оние кои живеат во градовите. Главни виновници се озонот, јаглеродниот моноксид и штетните честички кои се наоѓаат во воздухот. Овие загадувачи ги надразнуваат белите дробови и дишниот систем, а можат да им ги влошат проблемите на лица со болести на дишниот систем, како што се астма, бронхитис или емфизем.

Ако имате болест на срцето или белите дробови, лете би требало колку е можно повеќе да вежбате во затворен простор. Доколку морате да излезете, тоа нека биде наутро или приквечер, кога сонцето не е на својот врв и нивото на озонот е ниско.

Штетните материи можат да предизвикаат воспаление на белите дробови, надразнетост на слузницата на дишните патишта. Процесот на дишење се зголемува и тоа станува потешко, а телото не прима доволно количество кислород.

Јаглеродниот двооксид од тутунскиот дим и испуштените гасови од автомобилите: прекумерното количество на јаглероден двооксид може да предизвика главоболка, збунетост и зголемена телесна температура.

Озонот, кој е голем дел смог, е резултат на интеракција на сонцето и хемикалии. Предизвикува отежнато дишење, лицето подлабоко и побрзо дише. Како резултат на тоа, вежбањето станува стресно и тешко.

Еве неколку совети за заштита од загаден воздух:

-немојте да трчате покрај пат по кој сообраќаат голем број камиони или автомобили;
-надвор вежбајте исклучиво наутро или приквечер;
-вежбајте во затворен простор колку е можно повеќе;
-ако почувствувате каква било потешкотија во текот на дишењето, веднаш престанете со вежбање и посетете го својот доктор.

Leave the first comment