Основни назнаки на етиката и на политиката:
Етиката во својата почетна позиција ги нуди целите и смислата на моралните стремежи, пред се изворот на моралот и вреднувањето на моралните норми.
Политиката ја разбираме и прифаќаме пред се како одбрана на личниот интегритет и легитимитет (во нејзината конкретност), како достапен степен на слобода, што ќе рече не политика како сила и моќ, туку како однос помеѓу рамноправни субјекти. Политичкиот ангажман, пак, подразбира најнапред јавен настап, а политичкиот дискурс е веќе дефиниран како јавен дијалог. Оттука и ставот дека животот е политика, односно умешност на владеење со себе си и со другите околу себе. Дека секој активитет содржи и политички импликации.
Еден сосема маргинален приказ на историскиот развој на етиката како наука, како етички вредно, морално во личноста и во светот околу неа, во однос на ангажманот и во однос на нејзината „адаптибилност”:
Софистите ја афирмираат индивидуалистичката и релативистичката етика; Сократ етичкиот рационализам; Платон идеалистичкиот ригоризам; Аристотел етиката ја дефинира како средина меѓу две крајности (во неговата позната „Никомахова етика”).
Развојниот пат на етиката го следиме, како фази и посебни промислувања, преку стоицизмот, па ренесансните мислители, Хобсоновото хомо хомини лупус, „Етиката” на Спиноза, Кантовата чиста волја како критериум на моралната вредност и како извор на моралот. Не треба да се заобиколат ни учењата на Шопенхауер, Ниче, Хартман, Шелер – се до нашево совремие кое ни наметнува некои нови морални норми што одамна ги познава и применува развиениот свет.
Притоа, рационалноста и реалноста претставуваат битни компоненти на политиката. Постои и нешто суштинско, многу значајно, на кое најчесто забораваат и оние што се занимаваат со тн. дневна политика, и оние што не го прифаќаат директниот, непосреден политички ангажман: компромисот. Тој е нужна алка помеѓу потребите и можностите, неопходен помеѓу волјата и целта, основен коректив на личните ставови во однос на општоприфатените норми.
Наведените сознанија и ставови за политиката и политичкиот ангажман се проткаени речиси во сите теоретски пристапи низ историјата: од истражувањата на реалните, постојните политички творби на Аристотел и Хегел; нацртите на идеалните, утопистички држави на Платон, Кампанела; „природното” политичко битие на античката филозофија на политиката; па степенот на слободата во различните форми на политички заедници; тоталитаризмот како антиполитика наспроти демократските процеси и политиката на ослободување на човековата енергија, на неговата личност воопшто; политиката на сила и моќ со користење на сите средства што стојат на располагање, како што го сфаќа тоа Макијавели; па Хегеловата синтеза на античкиот и модерниот поим на политиката како фактор на заедницата на рамноправни субјекти, се до неговата критика од страна на Маркс и негирањето на секаква политика оти таа претставува инсттрумент на класната борба и средство за угнетување на работничката класа во граѓанското општество, сосе заложбата за светска револуција и „човечко” општество (негиран и напуштен став со најновите процеси на „демократизација” и „капитализација”).
Етичкото, односно моралното во човекот, е суштествено за неговото легализирање и идентификување, што го дефинира неговиот опстанок. Моралот како непишана регулатива за поединецот и групата претставува суштина на животот. Тој е наедно лична и општествена определба, и ги содржи стремежите, дејствувањата, активитетот, однесувањето, постапките, ставовите, вреднувањето и размислувањето на човекот. Смислата на моралното, на постојниот морал, е во можностите за опстојување на заедничкиот, „нормалниот” живот, а етиката, пак, е насочена на „трансцендирање или пречекорување на постојната состојба во една општа (општочовечка) смисла” (М. Кангрга).
Политиката е умешност на живеењето, но и животот, како што е веќе посочено како став, „е политика”. Имено, вака промислува оној што сиот свој активитет го насочува кон рационалноста и реалноста. Политичкиот ангажман се оправдува себе си со целта кон која е насочен. Општествениот и човечкиот ангажман, пак, е пред се насочен кон знаењето, осознавањето и промислувањето. Треба да се каже и тоа дека етичкиот ангажман е против употребата на човекот и против злоупотребата на цивилизациските дострели.
Политиката стана дел од нашиот живот, составка на нашето секојдневје. Речиси секој наш ангажман се толкува како политички. Политичката „етикета” дури го негира или деструира нашиот професионален ангажман. Политиката и политичкото ангажирање на секој поединец и на секоја групација, како политичко едноумие, ќе отстапува пред зрелоста на практичниот ангажман во онаа мера и со оној интензитет со кој етиката и моралноста ќе го заземат своето вистинско, неопходно место.
Во името на нашата етика мораме да се занимаваме со политика? Апсурдно, ама точно! Не дека треба да се бориме против политиката, да се залагаме против политичкиот ангажман, оти филозофијата на политиката подразбира пред се вредносно остварување на човекот во рамките на животот на една политичка заедница, туку да се бориме против нивната злоупотреба, против политикантството и политикантите кои не следат на секој чекор и ни ги загрозуваат спокојството и достоинството.