Потребно време за читање: < 1 минута

21. Карпа од врв

Искачи човек врв на планина
во последно време менливо
надевајќи се конечно
да дофати свое ведро небо
да пронајде свое мирно небо
за последен длабок воздив
дека успеал во животот
најден уште жив
меѓу небо и земја роден
меѓу небо и земја извишен
гол врв на гола планина
реши по одмор по глетка
по согледба на сè под него
да реши дали го заврши
бескрајното патешествие
или ќе се обиде макар уште
еден врв да искачи
но се изненади сомнежно
по малу неизвесно
дури по малу стравувачко
кога крај себе догледа
голема црна карпа
откршена карпа од врвот
издлабена како легло
во него бели коски
човечки
на неа знаци слова
цртежи на птици животни
голи луѓе во игра околу оган
ги загледа внимателно
и успеа да пронајде
свој последен симбол
на постоење вековито.