Потребно време за читање: < 1 минута

19. Предел

Еден предел во мене
уште дури бев дете го ставив
во рамка од игри спокојни сни
па го сокрив во агол на тишина
со секакви дребнулии
никој да не може да го пронајде
ниту пред себе ниту во себе
за да заживее одново
дека е веќе предолго мртов
надевајќи се дека ќе биде жив
како дете на пат трнлив цветен
во агол на тишина
со секакви дребнулии
само мој предел што го открив
кога ги научив небото и земјата
за сонце од рани зори до ноќ
до пред месечина меѓу ѕвезди
како долго извесно постоење
со мој свет што не може
да биде нигде без мене
та сега решавам да го извлечам
од аголот на тишината
да им го прикажам на луѓе
кои смело решително брзо
ги менуваат пределите
менувајќи ги годишните доба
на својот опстанок
надевајќи се дека до смрт
нема никој да успее да ги стави
во рамка од игри спокојни сни
без оглед што одамна не се деца
кои ги знаат небото и земјата
со траги од древни времиња.