Потребно време за читање: < 1 минута

26. Светлина

На небо блиско дење
меѓу ѕвезди блиски ноќе
пред земја ветеница
во далечина
светлина како оган
довикува народ да тргне
по своја знајна врвица
до свој највисок врв
на кој конечно ќе биде
што секогаш бил
и што е исконски
со семиња од плодови
на живот до смрт
најсетне да излезе
од пустошијава
всушност да ја порази
мрачнинава со будност  
во која предолго војува
со сеништа на зло
и безумие
во далечина светлина
како оган
довикува народ собран
да препознае знаци
на идно време по време
собрано за паметење
дека не може никој
да опстане
ниту сам ниту заедно
со замолчени бездушни
со голи боси одродени
далеку од светлина
како оган во далечина.