Потребно време за читање: 5 минути

105.

Имам претчувство дека скоро ќе се случи нешто многу важно. Се разбира, за мене или за мои ближни, за моите предци или за мои потомци. Што може да биде? Некоја болештина? Нечија смрт? Можеби средба, разделба, радување, тагување? Почеток? Крај? Сѐ наеднаш, мигум? Не знам, ама знам дека тоа нешто може да предизвика или некаква пресвртница во секидневната живеачка или нечие одење во бестрага на крајот на краиштата.

И досега сум имал секакви претчувства, но не сум обрнувал внимание, а и не се сеќавам дека некое се исполнило. Ова ме замисли, не велам дека ме загрижи, затоа што директно или индиректно е поврзано со мои стварни и заумни приклученија деновиве. Никако не случајни.

Прво секидневните прошетки низ Сиднеј, посети на негови знаменити места и знаменитости. За разлика од сите поранешни, овојпат прилично заморни, речиси премалувачки и најчесто самотни.

Не знам зошто во еден ден, од утро до квечер со брзи чекори ги поминав сите плажи; почнувајќи од Бонди, Коги, па Кронула, Бронте, Тамарама, Марубра, плажата во предградието Менли, како и плажите надвор од градот Коларој, Ди Вај и Нарабин. Пред некој ден повеќе време потрошив во прошетка низ дистриктот Кингс Крос, којзнае кој пат. А неколку вечерни часа посветив на уметничката галерија на Нов јужен Велс, на парковите околу неа и на уметничката колекција на абориџинска уметност во неа; делата со кругови, сводови и точки, простите фигуративни силуети и фигуративното сликарство како уметност на X зраци-приказ на внатрешни органи на луѓе и животни. Пред два дена ми беше мошне забавно да ги загледувам луксузните хотели, малите и големите ресторани, рибното пазариште и Сиднејскиот аквариум во Дарлинг Харбур, како и да се шетам бесцелно низ улиците на Дарлингхарст. Вчера бев во Северен Сиднеј, деловниот дел од градот и шопинг центар. Синоќа најдов време и за прошетка низ Падингтон, центарот на високата мода, низ многубројните барови и ресторани, одново одушевувајќи се од викторијанската архитектура.

На син ми и на мојата Госпоѓа со задоволство им раскажував и прекажував што знам за старомакедонскиот јазик, воените обичаи на Античките Македонци, нивните танци, ловот и календарот. Затоа што ме слушаа внимателно, а јас им ветував дека сето тоа допрва ќе го проучувам, многу попродлабочено. Со една цел: да ги споделат со мене значењата на огништето и огнот во него.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА XI

За јазикот на Античките Македонци, за кој веќе имаа некои сознанија благодарение на мене, нагласив дека тој бил бригиски, а се големи и несомнени разликите со хеленскиот. Тоа го потврдуваат македонски глоси, македонски зборови запишани во делата на антички и византиски лексикографи, како и од Македонецот Америја. Познат е случајот со судењето на Филота, во 330 година пред мнашата ера. Притоа го прашале дали ќе се обрати на македонски или на хеленски, а тој решил да говори на хеленски за да го разберат и оние кои не биле Македонци. Плутарх истакнува дека војсководецот Евмен, кој имал хеленско потекло, од војниците бил поздравуван на македонски јазик. Кога Евмен требало да испрати пратеник кај Македонецот Неоптолем, во 321 година пред нашата ера, задачата му ја доверил на некојси Ксенија, чиј мајчин јазик бил македонскиот. Куртиј Руф истакнува дека Македонците имале потреба од преведувач за да го разберат хеленскиот јазик. Значајни се и ономастичките податоци. Некои понови истражувања докажале дека еден дел од имињата кои порано биле класифицирани како тракиски или илирски, во зависност од тоа дали биле посведочени во западниот или источниот дел на Македонија, денес се дефинираат како бригиски. Таа сличност, пак, укажува дека Бригите, кои во изворите се посочени како македонско племе, биле една од компонетите во етногезата на Античките Македонци. Бригите и Македонците имале обичај да даваат боженски имиња на смртници, а тоа не е посведочено и не е обичај помеѓу Хелените и Римјаните.

Од воените обичаи на Македонците, два се особенио интересни: тие не ја одбележувале победата со поставување трофеј на бојното поле, а имале и лустрација, односно прочистување на војската со минување меѓу две половини на жртвувано куче. Според некои учени, овој обред на почетокот се извршувал пред секое тргнување на војската во битка, а подоцна само еднаш годишно, пред почетокот на сезоната. Станува збор за магиски ритуал на прочистување пред битка, како заштита од несреќа.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Кај Хесихиј на две места има записи за еден македонски танц. Еднаш е запишан како karpea, a другпат како kapria или karpia. Во ритам на свиралка со миметичка игра се прикажува крадење на волови. Oваа игра сe поврзува со монетите на Ореските на кои се прикажани волови. Посведочена е и кај соседите на Ореските, односно Магнети, што е македонско влијание. Антај го запишал името на еден македонски воен танц кој се играл со мечови-телесија.

Меѓу македоската аристократија мошне ценет бил ловот. Членовите на македонската кралска куќа биле страсни ловци, дури имале и свои резервати со дивеч. Постои исказ на големиот Аристотел дека секој Македонец кој немал убиено непријател морал да носи некаков ремен. Ако не успеал да улови диво животно, на гозбите не можел да учествува во лежечка положба.

Во изворите се зачувани имињата на дванаесте месеци од македонскиот календар. Македонскиот и селевкидскиот календар се користеле во Мала Азија сѐ до крајот на антиката, а во некои делови на Месопотамија сѐ до XI век од нашата ера. Во Египет се користел комбиниран македонско-египетски календар. Во македонскиот календар некои од месеците се именувани по божества, а на некои имињата им се изведени од името на религиозен празник во чест на некое божество.

Античкиот односно древномакедонскиот календар е општо знаен. Бил во употреба во првиот милениум пред нашата ера. Имал 12 синодски месеци со вкупно 354 дена во годината, а им требале престапни месеци или емболими за да се придржуваат кон годишните времиња. Биле додавани вкупно 7 на секој 19-годишен метонски циклус. Годината започнувала со месецот октомври кој се викал дион, а потоа следувале: апелај-ноември, авденај-декември, перитиј-јануари, дистер-февруари, ксандик-март, па ксандик емболим, престапен 6 пати на19-годишен циклус, артемисиј-април, даисиј-мај, панем-јуни, лој- јули, горпиај-август, хиперберетај-септември и хиперберетај емболим, престапен еднаш на19-годишен циклус.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА VIII

Запишани се имиња на неколку македонски празници со религиозна практика. Перити се славел во четвртиот македонски месец. Постоел празник наречен Ксандики, кога се спроведувало чистење на македонската коњица.

Ова што сега ми се случува стварносно или заумно се случува во најтоплиот месец во сите мои досегашни австралиски години-перитиј односно јануари. И тоа во денови пред и по Денот на Австралија 26-ти јануари.

Не знам како да го толкувам тоа дека веднаш по раскажувањево и прекажувањево се затеков сам во моето Долно Дивјаци, во куќата на татко ми и мајка ми, на браќата на татко ми, пред угаснатиот оган на моето родно огниште. Како тоа да не е со мене син ми или мојата Госпоѓа?! Зошто јас сам кога се договарав прво со него, па со неа да го посетиме макар последен пат? Да не е токму тоа, последен, мој проштален? Не можам да одгатнам.

Куќата од камен и глина, неваросана, е последна на ридот. На неколку мери зад неа почнува дабова корија што кон височината станува сѐ погуста. Како дете сам и со другарите често завлегувавме во неа, сѐ до изворите со бистра и студена вода. Мештани ми рекоа дека се одамна секнати. Се искачив по дрвените чкрипливи, овде-онде изгниени и распаднати скалила на тремот и го загледав, го изнагледав селото право, лево и десно. Тивко, но не изненадно до мене се најде татко ми, ме потчукна по рамо и ми рече со спокоен глас: „Синко, трагите на чиј било опстој не само што се неизбришливи, ами се секогаш и обновливи и продолжителни. Во сегашниот живот е секогаш нераскинлива врската помеѓу животот на предците и потомците“. Татко ми беше неук и припрост, но со безброени маки и страданија од раѓање до смрт.

На син ми и на мојата Госпоѓа им кажав дека имам претчувство:

-Скоро ќе се случи нешто многу важно за мене или за мои ближни, за моите предци или за мои потомци. Можеби јас брзо ќе фатам бестрага.

Се изнасмеаја.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here