17. Или пак ништо
Ти со озарено лице,
со сончевина во зениците,
со неизбришлива насмевка
на усните,
напати со отворена уста
остана пред мене незнајно
колку време;
секако многу помалку
од ноќната пеперуга
во игра на ветер.
Остана така, остана таква
сѐ дури таа не почна да лета
помеѓу нашите голи
соништа.
Јас ја гледав, јас ја следев.
Ти во ниеден момент
не се ни зауми
колку во меѓувреме
сме станале рамнодушни.
Дури ненадејно престанавме
заедно да чекориме
кон нашиот сокриен збор,
недоречен
од луѓе кои одвреме-навреме
влегуваат длабоко в земја
божем мртви,
а со болскотна снага.
Кога стана жена иста
за сите наши дни,
за сите наши ноќи,
точно на полноќ,
со ветер што незапирно
идеше од корените
на родословното дрво,
на опстојот,
до небо извишено,
едно семе плодно во божилак
екотно извика,
да го слушне секој,
дека во твојата утроба
заживува како наша нова
рожба.
Потоа ти почна да скиташ
од нас до огнот
како оставена од сите во миг.
Кога стана жена иста
за сите наши дни,
за сите наши ноќи,
точно на полноќ,
со ветер што незапирно
идеше од корените
на родословното дрво,
на опстојот,
сакав да те кренам
до многу векови назад
и многу годишни доба напред.
Сосем ненадејно ми стана
незнајна, непозната,
како никогаш да не сум
те сретнал,
како никогаш да не сум
те видел во простор
помеѓу две наши возбуди.
Беше подигравка
кога ги избразди со трње
образите
прво на твојата,
после на мојата маска.