НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Потребно време за читање: < 1 минута

20. Спомнување по многу години

Исто како да беше вчера
пред години и векови;
пред мене и зад мене
со него
како со многу други
пред умирање.

Некое чудно равенство
помеѓу детството
и последниот здив
што во жалост го чекавме
да се случи;
моето и неговиот.

А ни беше совршено
јасно
дека трагите од нас
по години и векови
никој не ќе може
да ги избрише;
оти ќе бидат оставени
длабоко,
под земја, под планина
и на дното на реката
од извор до изгор.

Што беше сонот
во кој заедно седевме
крај домашно огниште
и ја молчевме песната
без знаци и изгреви,
само со залез
и леснотија дека сѐ било
и поминало
како молња во темен облак
в око?

Високо ли летавме,
та сега да немаме каде
ни со кого до некаде?

На дното ли паѓавме,
та веќе не знаеме
барем семе в земја
да фрлиме
во надеж дека и само,
оставено, заборавено
нема да исуши,
нема рамнодушност
или ништожност,
униженост
или минливост
да му ја загрозат
постојаноста

идентитетот.

Leave the first comment