Нафрлоци за меритократска демократија

Потребно време за читање: 4 минути

Многумина политиколози и други учени можат надолж и нашир аргументирано да ги искажуваат позитивните аспекти, односно придобивките на демократијата, а притоа секогаш истакнувајќи дека таа не е најдобриот, но сè уште не е измислен подобар систем на владеење. Ова наводно го рекол Винстон Черчил, а некои му го припишуваат на Алберт Ајнштајн. Според мене, познајачни се ставот на Черчил дека во модерната демократија поголемиот дел од популацијата треба да биде доволно образован за да може да се владее себеси, а од Ајнштајн дека тој е приврзаник на идеалот на демократијата-социјална еднаквост и економска заштита на поединецот, како и свест за припадноста кон „невидливата заедница на оние кои се стремат кон вистината, убавината и правдата“.

Кога ја промислувам нужноста од посовршена форма на демократијата, која јас ја нарекувам меритократска демократија, секогаш најпрвин ги „проверувам“ учењата на античките филозофи, од кои најпрвин оние на Аристотел. Потсетувам на според него шесте вида власт: добри-монархија, аристократија и демократија; лоши-тиранија, олигархија и охлократија.

Вниманието најмногу го насочувам на иднината на демократијата, а која за мене е веќе сегашност. Ги имам предвид гледиштата на многумина експерти дека таа мора да се темели на доброто образование. Образложение: популација која разбира кои карактеристики треба да ги поседува добар лидер ќе може и да избере таков.Тоа еднакво значи дека добро образованите граѓани како гласачи ги знаат своите права и обврски.

Некои општи назнаки на демократијата:

„Владеењето на народот“ е општествено уредување во кое моќта е во „рацете“ на народот, а владеењето се врши непосредно или преку негови избрани претставници (изборен систем).

Позната е дефиницијата на Абрахам Линколн, имено дека „демократијата е управување на народот, од народот и за народот“.

Според Оксфордскиот речник, таа е „систем на владеење на сите луѓе, директно или преку претставници; општествена форма во која се игнорираат наследените класни разлики и се толерираат малцинските ставови.“

Едни потенцираат дека „целта“ на демократијата е поединецот. Други, пак, оти е таа хегемонија на мнозинството врз малцинството. Почитувањето на малцинските права најчесто се потврдува со вклучувањето на етничките заедници во различни степени на власта.

Во директната демократија граѓаните одлучуваат за секоја поголема политичка одлука („ограничена“ постои во некои од швајцарските кантони и помали заедници во Нова Англија), а во модерна „варијанта“ таа се остварува преку референдум (во најголема мера), иницијативи и повторни избори. Во претставничката демократија се избираат владини претставници кои ги застапуваат интересите на граѓаните, но тие не се секогаш во согласност со нивните желби.

Либералната демократија како претставничка ги штити малцинствата, правото на законот, поделбата на силите и заштитата на слободата на говорот, религијата и сопственоста.

Социјализмот разви различни и оригинални гледишта за демократијата: социјална, демократски социјализам, Советска демократија, диктатура на пролетаријатот. 

Денес во најголем број земји на светот, и во Македонија, демократијата доби нов, според мене карикатурален облик кој е всушност негација на демократијата, а е наречен партократија (некои го нарекуваатг партикратија). Станува збор за  облик на владеење подреден на интересите на политичките партии (една или повеќе) во однос на граѓаните како носители на сувереноста. Во партократијата вистинската власт не е во институциите на државата, туку во партиите.

Актуелната криза на демократијата се огледа пред сè во недовербата кон државните институции, извесната апатичност при изборниот процес, недовербата кон политичките партии итн. Таа сè повеќе ја наметнува нужноста од „вградување“ на меритократијата.

Станува збор за систем на управување или администрација, во кој обврските се објективно доделени на поединци врз основа на нивните „заслуги“ (придонеси), односно врз основа на нивната интелигенција, способност и образование, а утврдени преку оценки или испитувања (тестирање). Интересно е дека некои учени неа не ја сметаат за форма на владеење, туку за идеологија. Нејзиното извориште е во конфучијанизмот.

Кога е збор за владеењето според заслуги, треба да се имаат предвид ставовите на професорот по политичка теорија на Харвард, Мајкл Сандел. Во своите студии тој современиот либерализам (или неолиберализам), кој е очигледно на издишување, го смета за погрешен бидејќи се темели на поединецот лишен од групни и колективни врски. Истовремено, посебно се занимава со заслугата (англиски merit), односно со меритократијата како принцип на организација на општеството и распределбата на наградите и општествените признанија. Негова основа теза е дека не само што западните општества се хипокритични со тврдењето оти во нив успеваат најдобрите (оние што тоа го заслужуваат), туку меритократијата ги уништува заедницата и општото добро. Иако таквото општество е поефикасно и морално поприфатливо од робовското, класното, комунистичкото или тоталитарното, Сандел смета дека концептот на заслуга е проблематичен од две причини: тие секогаш не го следат тој принцип, а целиот систем на Запад е веќе трансформиран во некој вид нова аристократија, во која 10-20 проценти од најбогатите семејства го пренесуваат своето богатство од генерација на генерација. Проблемот е подлабок: меритократијата создава поделба на повеќе и помалку вредни членови на заедницата („заслужните“ сметаат дека стекнатата позиција „на врвовите“ потврдува оти тие вредат повеќе од оние кои не стасале до нив, бидејќи тие не се успешни и заслужуваат неуспех). Тоа создава разурнувачка поделба на општеството-на оние кои се повеќе или помалку вредни, и уништување на заедницата и општото добро.

Мојата заложба за воспоставување, затврдување и развивање на меритократската демократија ги има предвид како надминувањето на кризата на демократијата, така и нејзиниот натамошен развој, потоа неопходноста од „добро образование“ како на популацијата (знаење и разбирање на карактеристиките што треба да ги поседуваат оние што (ќе) владеат со неа), така и на избраните, но и аргументираните забелешки и критики на меритократското општество.

Суштинско и конкретно: избор на познати и докажани, не само образовани, туку и независни, етички, доблесни и творечки личности во општеството, мандатска отчетност, временски ограничен мандат на избраните со организирано условено отповикување…  

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 86