23. Старец
Катаден се разминува старец
со мојата сенка замислена
дали има уште сила
уште да ме дружи во самост.
Таа го гледа оддалеку
како чекори бавно,
премалено,
со свиткана снага,
и како ѝ се доближува
ѝ станува сè поблизок,
просто го чувствува
како да е негова.
Една квечер седна до неа
на клупа под канделабра,
скрши парче од црн леб
што го носеше во пазува
и ѝ го подаде
зашто му се виде гладна.
Јас не ја бев напуштил,
во меѓувреме
не ја бев оставил,
ниту, пак, помислила
веќе да не ми е требна.
Му свикав дека е моја,
дека е сè уште со мене,
да не се обидува
да ја придобие за себе
ако останал без своја.
Тој рамнодушно и без збор
стана, па продолжи бавно,
премалено по свој пат.
Веќе знам, сум сигурен:
во скорашно рано утро
ќе разберам дека умрел,
а во некое мое време
ќе го најдам свиткан
наземи,
со црн леб во пазува.