Можностите на светската популација – демографија, миграции и иднината на светот

Кога зборуваме за иднината на човештвото, често мислиме на технологија, на напредок, на нови откритија. Но постои една тема која тивко, речиси незабележливо, ја обликува таа иднина повеќе од сè друго – бројот на луѓе на оваа планета.

Зголемувањето на бројот на жителите на планетата Земја до 2050 година одамна предизвикува сериозна загриженост кај демографите, економистите и социолозите. Не затоа што бројките сами по себе се страшни, туку затоа што зад нив стои едно многу посложено прашање: како човештвото ќе обезбеди услови за достоинствен живот за толку многу луѓе.

Проблемите поврзани со егзистенцијата, поточно со преживувањето на луѓето – економските, социјалните, па дури и културните – во наредните години и децении веројатно ќе се зголемуваат со геометриска прогресија. И тоа не само во сиромашните или средно развиените земји, туку и во оние кои денес ги нарекуваме развиен свет. Денес се развиени, утре можеби веќе нема да бидат во иста позиција.

=== Бесплатно рекламирање ===
Licevlice.mk

Демографската слика на светот

Еден од првите податоци што навистина загрижува е стареењето на светската популација. Според анализите на Одделот за популација на Обединетите нации, бројот на луѓе постари од 60 години до 2050 година би можел да достигне околу 2 милијарди. Тоа значи дека приближно една петтина од човештвото ќе биде во оваа возрасна група.

Во исто време, светската популација продолжува да расте. Денес таа веќе ја надминува бројката од 8 милијарди луѓе, што го потврдија и податоците на Worldometer – World Population Statistics. Според прогнозите на UN World Population Prospects, светот е на пат да надмине 9 милијарди жители до средината на векот.

Прочитај и за ... >>  Помеѓу компромисот и толеранцијата

Во еден од извештаите на Обединетите нации, под наслов „World Population Prospects“, стои проценката дека светската популација ќе продолжи да расте, додека населението во најразвиените региони нема значително да се зголемува – но ќе старее.

Тоа е парадоксот на современиот свет: некои делови од планетата експлодираат демографски, додека други постепено се празнат.

Миграциите како нова демографска рамнотежа

Во вакви услови, миграциите стануваат еден од клучните механизми за балансирање на глобалниот систем. Движењето на луѓето од сиромашни кон богати држави веќе денес претставува начин да се надомести недостатокот на работна сила во развиените региони.

Се очекува популацијата во десетици држави да се намалува до 2050 година. Во таа група влегуваат земји како Германија, Италија, Јапонија и Јужна Кореја, како и повеќе поранешни советски републики и некои мали островски држави. Истовремено, во други делови од светот растот ќе биде драматичен.

Демографските проекции покажуваат дека држави како Нигерија, Пакистан, Конго, Етиопија и Индија ќе имаат огромен удел во глобалниот раст на населението. Само неколку земји ќе сочинуваат половина од вкупниот пораст на светската популација.

Во исто време, во одредени региони се очекува многу брзо зголемување на населението. Во земји како Авганистан, Бурунди, Конго, Либерија, Уганда или Гвинеја-Бисау популацијата би можела значително да се зголеми во текот на неколку децении.

Стареењето и миграциите – новата глобална реалност

Овие податоци не се само суви статистики. Тие зборуваат за еден длабок цивилизациски процес.

Прочитај и за ... >>  Македонците во Библијата: од повикот во ноќта до сведоштвото што одекнува

Од една страна, поместувањето на старосната граница значи нешто позитивно: луѓето живеат подолго. Подобрата медицина, подобрата исхрана и напредокот на науката овозможуваат подолг животен век. Во таа смисла, може да се каже дека човештвото достигнува поголем и вредносно порамномерен квалитет на живот.

Но од друга страна, тоа отвора нови прашања. Кој ќе работи? Кој ќе го финансира пензискиот систем? Како ќе се одржи економската рамнотежа?

Токму тука миграциите стануваат клучен фактор. Младите и работоспособните луѓе, особено квалификуваните, сè почесто се движат од неразвиените кон развиените земји. За богатите општества тоа претставува решение за недостигот од работна сила.

Но за земјите од кои тие луѓе заминуваат, тоа често претставува егзистенцијална загуба. Понекогаш и постепено слабеење на културниот и идентитетскиот континуитет.

Свет во кој различностите ќе стануваат погласни

Сето ова нè води кон едно многу важно прашање.

Дали процесот на демографско стареење, миграции и прераспределба на населението не е веќе започнат? И дали она што денес го гледаме е само почеток на нешто многу поголемо?

Можно е токму тоа да биде главната приказна на XXI век.

Во наредните децении концептот на „единство на различностите“ ќе станува сè погласен. Различни култури, религии, јазици и идентитети ќе мора да живеат во сè поголем контакт едни со други.

Прашањето не е дали тоа ќе се случи.

Прашањето е дали ќе знаеме како да живееме во таков свет.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.