Островите на Океанија, заеднички назив за неколку илјади кои се наоѓаат во Тихиот океан, вообичаено се делат на три групи: Меланезија (вклучувајќи ја Нова Гвинеја), Полинезија (вклучувајќи го Нов Зеланд) и Микронезија. Помеѓу нив постојат сложени заемни односи кои се засноваат на миграцијата, трговијата и меѓсуебните бракови.
Инаку,во Океанија во поширока смисла спаѓа и континентот Австралија, а најчесто се наредува и Малајскиот архипелаг.
Меланезија е заеднички назив за групите на острови во средниот и југозападниот дел на Тихиот океан, а се протега од врвот на Иријан Џае на запад до островот Фиџи на исток, вклучувајќи ги Нова Гвинеја, Нова Британија, Нова Ирска, Соломоновите и Северните Соломонови острови, Венуату (новите Хибриди), Нова Каледонија и многу други.
Опфаќа три групи на острови: Нова Гвинеја и соседните, јужна Меланезија (Соломонови острови, Нови Хебриди (Вануату), Нова Каледонија, островот Лојауте и Д’Ентрекасто, ахипелагот Луисијад, островите Бенкс, Торес и Санта Круз, како и островските групи Фиџи, на границата на Полинезија и Микронезија.
Староседелци на Меланезија веројатно биле денешните луѓе кои говорат папуански. Се смета дека тие се населиле на Нова Гвинеја пред десетинa илјади години, а на меланезиските острови најмалку пред 35.000 години (според радиоактивното датирање). Во Меланезија, посебно вдолж северниот брег на Нова Гвинеја и островите северно и источно, австронезиските луѓе дошле во контакт со нив веројатно пред 4.000 години. Од ова подрачје веројатно мошне мала група на луѓе отпатувала на исток каде што станале основачи на полинезискиот народ.
Многу полинезиски острови лежат во огромен тријаголник во Тихиот океан, чии темиња се Велигденските острови, Хаваите и Нов Зеланд, а страните му се долги околу 6.500 километри. Ги има над 1.000 и се раштркани преку средишниот и јужниот дел на океанот, а најважни островски групи се Елис, Феникс, Самоа, Тонга, Токелау, Кук, Сосиете, Маркис, Туамоту, Тубуаи, Рапа Нуи, Сала- и- Гомез и Екваторските острови. Тие се од корално и вулканско потекло.
Поголемиот дел од населението го чинат Полинезијци, а поголемо економско значење имаат Хавајските острови и островот Самоа. Бројни полинезиски острови се наоѓаат под управа на САД, Велика Британија, Нов Зеланд и Франција.
Микронезија на запад е омеѓена со Филипините, Индонезија на југозапад, Папуа Нова Гвинеја и Меланезија на југ, како и Полинезија на југоисток и исток.
Микронезија е заеднички назив за 1.458 острови со површина од 3.420 километри квадратни, повеќето од вулканско и корално потекло (атоли). Ја сочинуваат Каролинските (963 на број), Маријанските, Мршалските острови и Гилберт, изолираните Науру и Банаба, Гуам, Република Палау, Кирибати, Науру и Сојузни држави на Микронезија (4).
Микронезија е политички поделена помеѓу 8 територии: Федерални држави на Микронезија (понекогаш едноставно „Микронезија“ или алтернативно скратено име „ФДМ“), Република Маршалски острови, Република Палау, Заедница на Северните Маријански Острови, Република Науру, Република Кирибати, Територија Гуам и Територија Ваке.
Јазиците на различни домородечки народи се наредуваат во австронезиското јазично семејство. Речиси сите им припаѓаат на океаниската подгрупа, но во западна Микронезија се забележани три исклучоци кои им припаѓаат на западната малајско- полинезиска (вклучува прилично малку јазици кои денес се говорат на Филипините, во Малезија и Индонезија).
Народите на Полинезија и Микронезија, освен новозелнадските Маори, главно се жители на мали копнени области среде илјадници километри океан. Во текот на постепеното населување на Пацификот, почнувајќи од запад, патниците патот го наоѓале до многу осамени острови или на нив понекогаш наидувале случајно.
(Користени енциклопедиски одредници)