МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 5

Потребно време за читање: 2 минути

5. Вкоренет живот

Монолог

И кај нас и во светот среќавам сè помалу вкоренети животи, а сè повеќе закоренети. По долго премислување зошто и како, заклучив дека тоа е затоа што времето од ден на ден го забрзува животот, постојано го скусува, притоа загрозувајќи го неговиот опстанок, па тој губи сила и поттик за вкоренување во своја земја. Од друга страна, пак, секој еден живот можеби се раѓа во своја, но не издржува во неа зашто не му дава доволно за лична егзистенција.

Многумина сметаат дека главна причина за од ден на ден сè побројни скитања и преселби е ветена земја. Од кого ветена? Од никого, поточно од самиот живот, најчесто свесен дека до смрт нема да ја открие, да ја пронајде, да стане дел од неа, во неа да се вкорени.

А можно ли е човек да се вкорени во туѓа земја? Моето искуство говори дека не е можно, и покрај способноста за прилагодување, па и втопување до непрепознавање во нејзиниот свет. Се лаже самиот себеси оној што го тврди спротивното. Најпрвин затоа што вкоренувањето не е исто ни блиско со прилагодувањето, па и со втопувањето. Напротив, тоа е во голема мера, ако не и сосем спротивно на нив. Само потсетувам на потрагата по свои корени по многу години, па и векови, која неретко станува насушна зашто е збор за одбрана од минливоста на животот, за заборавот во него и за оставањето трага во иден.

Дали знаеме што точно значи вкоренет живот? Мислиме дека знаеме? Суштествено прашање: може ли животот да се вкорени? Најсуштествено: дали вкоренет живот се разликува од минлив, од живот кој се троши единствено на дребности и непотребности или од нов?

Само едно дорекувам: не е можен вкоренет живот без љубов.   

Дијалог

Прв корен:

-Прашуваш колку сме јас и ти вкоренети во нашава земја? Зошто прашуваш? Се знае. Од дамнина обајцата.

Втор корен:

-Тоа значи дека како корени сме длабоко во нашава земја? Толку длабоко, што да не може никој да нè искорне?

Прв корен:

-Се разбира. Не ни може да биде поинаку, кога нашава љубов е беспримерна непорочна. Но, има нешто не помалу важно. Што треба некако да го потврдиме заедно. Имено, дека како корени сме еднакво наспоредни и испреплетени.

Втор корен:

-Тоа е многу тешко, а и не знам зошто. На виделина е доволно што има доволно наши жили, на кои таа им треба повеќе одошто на други, а кои докажуваат и оти се шириме во нашава земја. Што, пак, е наше заедничко докажување колку сме силни, сплотени од памтивек. Секако ќе постоиме дури е светов жив.

Прв корен:

-Не мислиш дека и ние треба одвреме-навреме да излегуваме на виделина? Вакви какви што сме?

Втор корен:

-Мислам. Дури мислам колку многу грешевме во минатото. Грешиме и сега што не го правиме тоа. Не поради оние што се секогаш со нас, ни го поддржуваат опстанокот, нè возвишуваат над нивните љубови, ами пред сè како спротивставување, отпор, борба за одбрана на нашава земја. Особено кога соседи ја негираат и ништат нашата вкоренетост.

Прв корен:

-Па што чекаме?! Зошто не излегуваме на виделина?

Втор корен:

-Излегуваме!