МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 23

Потребно време за читање: 3 минути

23. Траги

Монолог

Сите траги се од, на или кон нечие постоење со нешто. Едни откриени и истражени, едни само откриени и допрва за истражување, а едни сè уште неоткриени, за откривање допрва. Суштествено за сите е колку се длабоки, од кога се, дали се случајно сè уште  неизбришани или се неизбришливи. Не последно, туку еднакво, како сублимат на сите наведени е неодминливо прашањето кој оставил трага.

Трага и траги. Трага како траги и траги како трага. Значи, една и повеќе или многу, а може и една како повеќе или многу, и повеќе или многу како една.

 Трагата најмногу се однесува на постоењето во минатото и сегашноста со во не мала мера антиципација на иднината. Постоење на живот, на негов опстанок или негов напредок, постоење во блиска, подалечна, најдалечна иднина. Притоа, постоењето живот во минатото ја открива и докажува длабината на вкоренувањето во омеѓени простор и време; опстанокот како трага и како траги од трага ги потенцира слободата, самобитноста, независноста. Попрво од сите нив слободоумноста. Напредокот, пак, ги содржи надежта, подготвеноста, силината, стаменоста, довербата и самодовербата.

А трагата и трагите, а трагата со траги и трагите како трага во љубовта?Всушност, реторичко прашање: може ли таа без трага или траги до неа, во неа и по неа?Да, независно од нејзиното времетраење; трајност, минатост, сегашност за во иднина. Сè во корелација со рожбата, со потомството. Од неа и причинско и последички зависи длабината на трагите или трагата во човек, во сопатник, од човек, од нејзин доживувач, преживувач, одживувач и придвижувач. Длабината на трагите или трагата, пак, ги нејзините вредности и вредностите создадени од неа.

Една, најдлабока, може и неизбришлива трага се открива најретко и најтешко, некогаш со неизмерна упоритост и напор, еднакво содржајна во човек, околу него и со него и по него. Таа е на првата и последна љубов. Првата како последна, последна зашто ниедна како неа по првата; единствена затоа што е и прва и последна. Жива-сегашна  или нежива-дамнешна?Сеедно за неа, но не сеедно за оние што ја живеат или поради што била прекината, пресечена, запрена, згасната. И трага од неа со различна длабина, но секако неизбришлива.

Кога е збор за единствената, неповторливата, најдлабоката, првата и последна љубов, сосе нејзините траги како трага, нејзина најтешка, најмачна, нашати крвава борба е без исклучок против суровата стварност. Отсекогаш нејзин најголем непријател! Кого го остава зад себе поразен и пред кого не отстапува, не се повлекува, никогаш не премалува. Со победа продолжува да живее според свои вредносни критериуми, може и во само свој свет, а со последен пораз заминува во незаборавно минато, може и во своја дамнина.                   

Дијалог

Прва трага:

-Што е со нашата трага? Ја оставаме колку може подлабока за некој макар случајно да ја открие во идно време, како на знајни?

Втора трага:

-Како сечија друга, и нашата повеќе се создава сама, отколку што ја создаваме ние. А е прашање дали попрво ќе биде случајно откриена или пронајдена. И тоа на незнајни. Верувам дека најнакрај ќе ја пронајдат како наша.    

Прва трага:

-Велиш создадена? Ти веруваш дека човекот создава трага со својот живот, со своето дело и дејствување?

Втора трага:

-Најмногу со љубовта, човечноста и рожбата. И не толку зад себе, колку крај себе и пред други како во други…Токму таква е нашата. Сосем е сеедно дали во друго време ќе биде попрво случајно откриена како на незнајни или на знајни…Знаеш што? Многу се различни индивидуалните и колективните или заедничките траги, но најпрвин првите се многу подлабоки од вторите. Мислам на моите и твоите што оставаат наша. Исто е и во поширока и во најширока смисла.

Прва трага:

-Не знам, досега не ми дошле во мисла нашите траги како една наша, заедничка. Досега имам откриено случајно и пронајдено намерно многу, во Македонија кај да копнеш ќе наидеш на некоја, некаква или нечија трага, но создадена со љубов, човечност и рожба…

Втора трага:

-Ги забораваш моите скулптури?! Тие не ти го докажуваат токму тоа? Особено мраморните и од ореово дрво?

Прва трага:

-Како твоја или наша трага?

Втора трага:

-Како сегашност и иднина на трага на љубов и постојаност на постоењето. Како запрен создаден миг од време на наше траење.