Потребно време за читање: 2 минути

Momentum VIII

Едниот од нив ја мери сцената,
а другите гледаат во излогот
со дете.

Глас 10

Моето семејство не се откажува од намерата да спиеме во природа.

Глас 5

На пример, Бетовен слушал ветер додека се одмарал. Неговиот гениј е надреална појава и затоа сѐ изгледа толку кошмарно и хармонично во исто време. Треба да го следиме. Впрочем, уметноста е преполна со секавични движења и допири. Во сликарството тоа се случува мошне често и полесно се препознава. Како Герника или Мур, особено од камен.

Глас 8

Од Бетовен петтата, подоцна може и деветтата. Герника од борба, болка и смрт. Форма и содржина. Мур со апстрактните форми и сопствената виталност, со фигурите што лежат и органската природа.

Глас 9

Низ ветерот се слуша глас како нејасен збор. Во последно време неретко и по цел ден го наслушувам. Веројатно нема да ми верувате, но само затоа ноќе сонувам страшни соништа и се будам од премаленост. Како дојден војник од некоја долга војна кому му кажуваат дека е убиено неговото дете.

Глас 6

Голотијата е податлива за сите. Да молчиш. На сите со љубов да им го даваш телото штом слушаш глас како нејасен збор.

Глас 5

А може тој збор да е почеток на ново откритие, па тешко се подава на нашата размисла оти бара големи предзнаења.

Глас 8

Бетовен и Бах заедно. Не знам. Во вакво време, кога долго не паѓаат дождови, сѐ може. Веројатно и тие. Но од две спротивни страни. Ти во средината.

Глас 10

Зошто јас? Признавам, сонував многу настани. Но, колку што ми е мене познато од историјата, сонувачите треба да се спокојни дење. Ако не, ќе немаат време за љубов и нови авантури.

Глас 9

Ти во средината, а Бетовен и Бах заедно.

Има еден излог

Некои млади луѓе
со големо задоволство
стануваат или легнуваат,
па се сликаат сами;
веруваат дека така полесно
ќе ни ги откријат
своите измислени рани
на рацете и нозете,
во очите пред спиење
или првите лица
да ни ги откријат наеднаш.

Прочитај и за ... >>  MOMENTUM II, поетска инсталација

Следејќи ги нивните движења
и сенките меѓу две идеи,
посакувам да снема струја
или сонце,
во темница да се покажат,
во празнина и страв.

Мојот малечок
искрено се радува
додека стои на балконот
и чека да го земам в раце;
мојот малечок прави години.

Како болест да е тоа
намерно откривање на телото;
сѐ во некакво нејасно дишење
зад завеси
со дебели кожи
изгорени во вода;
а можеби и храброст е
да се покажеш пред светот
без збор и сон.

Досегашните искуства
потврдуваат дека оние
што си ги чешлаат косите;
потоа го ставаат прстот
в уста
или скокаат од нога на нога,
само се обидуваат
да си ја прикријат
желбата за игра со сонцето;
се разбира доколку
не се гладни
исплашени кога паѓа гром.

Мојот малечок
сосема случајно се загледал
веројатно во цвеќето
или во градот
и сосема случајно
ги собрал лисјата
за навреме да ја продолжи
росата.

Мојот малечок прави години.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here