Потребно време за читање: 11 минути

VII

Колумнистот тешко се открива себеси сосем или во ситуации и собитија во кои е тоа неминовно за да биде дел од нив. Најмногу го познаваат како молчаливец и набљудувач од дистанца. Со оглед на актуелноста пред сè, особено кога е нужно заземање личен аргументиран став што ќе го сподели со читателот во своја колумна. Тоа е така и кога учествува во јавна расправа, на трибина, во дебатна емисија на радио или телевизија. Притоа, многу повеќе молчи и слуша отколку што се впушта во расправа или расправија со соговорник, со соговорници, а неговите одговори на прашања се куси, со секој збор наместо; изговорен бавно, спокојно, дури монотоно. Што се однесува, пак, на набљудувањето од дистанца, тоа тој го смета како суштествен предуслов за веродостојност на секој негов исказ или промислување.

Неспорна е авторитетноста на Колумнистот? Тој не знае, ниту помислува да го испитува тоа на каков било начин. Смета дека не треба ни да го интересира, а најмалку да му значи нешто или што било да зависи од неа. Пишува колумни, не помислувајќи да престане, единствено како потврда на својата слободоумност и лична независност. Многу ретко одговара на реакциите на неговите колумни, и тоа единствено на сопоставени аргументирани ставови.

Неспорна е автторитетноста на Гласномисленикот, на Дајман од Истин? Можам да посведочам дека неговите колумни се читани и влијателни. Неретко негови ставови како изреки или дефиниции ги слушам од други, од збор до збор, не цитирани ами како сопствени. Го знае тој тоа? Се разбира, но притоа не реагира никако. Всушност, реагира со рамнодушност, со цинична насмевка, потсмешлив, па и презирен поглед.

Ништо ново не раскажав за Дамјан Истиноски како видна личност и колумнист?Не е така. Но, ако прифатам дека е, тогаш нека биде затврдување на неговата единственост.

Сакав да раскажам за неговата доверба во човековата природа, ама одлагам за другпат.  

Од колумните (поентите)    
на Дамјан од Истин      

1. За неверувањето и недовербата

И така, лека-полека, од едно до друго нешто, од едно нешто за друго, стасавме до точката на неверување во ништо. Сè е за целосно неверување, а и за недоверба во луѓе и групи ангажирани во или засегнати од политиката. Имајќи ја предвид севкупната состојба во државата, неменувањето или бавното менување на подобро, може да се рече дека неверувањето во ништо и во никого е веќе долго во својата кулимнативна точка.

Секако дека ова „сеопшто“ неверување не е од вчера. Тоа трае и се „развива“ со децении, уште од пред осамостојувањето на државата. Генезата е лесно согледлива. Меѓутоа, многу е поважно нешто друго. Имено, некои крајно негативни процеси и тенденции го искарикираа елитизмот, доведувајќи го во нераскинлива врска со клиентелизмот и непотизмот од една, а од друга страна до деградирање на критериумите и авторитетноста. Сè за „неподнослива леснотија“ на устоличување на незнаењето, неопитноста и неспособноста.

Нештата во тој контекст се доведоа до тој степен што наместо демократија и меритократија, сега кај нас владее партократија „збогатена“ со клептократија. Ако го имаме ова предвид, тогаш е сосем јасен и неминовен заклучокот дека баш сè е за неверување, а мали се шансите во блиска, догледна иднина да се почне со верување во нешто или во некого.

Всушност, зародишот на целосната недоверба е во свесното неодговарање или незнаењето на одговорот на суштинското егзистенцијално прашање: што сакаме денес до утре и утре, и со кого сакаме? Станува збор за долгорочна национална и државна определба односно стратегија која, се разбира, мора да кореспондира, дури да оди наспоредно со онаа или оние на најразвиените. Не за нив да ги достигнеме скоро, ниту барем да стасаме до нивното сегашно ниво на развој, туку за да ја сочуваме и да ја браниме нашата автентичност. Еклектицизмот никогаш и никаде не довел до сеопшт развој и благосостојба на држава и општество.

И тука доаѓаме до круцијалната причина за неверувањето во ништо и за недовербата во никого: разурнат, речиси уништен систем на вредности. Притоа, мора да се знае најпрвин дека се одамна препознаени, но досега, до овој момент се безгранично толерирани и веројатно уште многу време ќе се толерираат оние што го разурнаа, кои речиси го уништија. Пред чија агресивност, сосема разбирливо, отстапуваат оние на кои вредностите им се алфа и омега на секојдневната живеачка. Тоа е примитивната, простачката, неписмената и полуписмената „елита“ која политиканството го инаугурира како конкретна „конструктивна политика“, притоа раководејќи се од една мошне популарна, а карикатурална дефиниција на политиката како „вештина на можното“.

Можно ли е брзо надминување на состојбата на неверување во ништо и во никого? Можеби е можна нова доверба, која ќе се темели на „општите“ човечки вредности како што се искреноста, чесноста, скромноста, достоинството, доблеста, саможртвата…, а не на „вештина на владеење“ со лажни ветувања, лаги, измами, кражби, корупција, платеништво, слугување и предавства?

Се разбира дека е можно. И тоа брзо, може дури преку ноќ. Брзо зашто е едноставно:

Да се избере тим на луѓе кој ќе ги раководи и придвижува процесите на стекнување доверба. Умни, зналци, опитни, видни и авторитетни творечки личности. Тим кој најпрвин ќе постави и примени систем на вредности во сите сегменти на животот, работењето, дејствувањето и создавањето. Систем кој ќе умее сам да се брани од деструктивноста на партократите и клептократите.             

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), V, роман

2. Правото на сомневање

Неодминливо прашање: колку сомневањето е поттикнувачко во универзална смисла; како животен став, како појдовна позиција на секое промислување?

Во историјата на филозофијата, и на науката воопшто, омиленото мото на Маркс дека човекот треба да се сомнева во сѐ се однесува на безброј клучни историски личности, но и на недоброј секојдневни, обични луѓе, по ништо изделени од средината.

Вредноста на сомневањето, и како став и како сознавачки процес, изгради посебна филозофија-скептицизмот. Според него, „нема сигурен критериум во одредувањето на вистината, па следствено е невозможно објективното сознание”. Се разбира, скептицизмот, кој како филозофија преферира неможност од потврден или одречен одговор, ја изразува пред сѐ воздржаноста.

Меѓутоа, кога говориме за право на сомневање, не го земаме предвид претерувањето односно воздржувањето од изрекување на какви било судови. Затоа што тоа подразбира и воздржување од дејствување, од активитет односно индиференција. Напротив, поттикнувачкиот импулс на правото на сомневање е инициран од секој порадикален пресврт, од секоја порадикална општествена промена, од секоја промена на животот. Притоа, како кај Августин, Декарт, Монтескје и други филозофи, сомневањето или скептицизмот се разбира и прифаќа како „критичка методска постапка што треба да доведе до сигурни сознанија“.

Колку во нашево време, во овие наши секојдневни превирања, напуштањето на утврдени догми и заблуди, изградбата на нови системи, светогледи и ставови, го употребуваме своето право на сомневање како критичка методска постапка? Колку им го признаваме тоа право на другите, на тој начин бранејќи го сопственото?

Афримацијата на демократските принципи на живеење и опстојување во плуралистичкиот свет на преден план ја ставаат личната аргументација. Како што нема и не е можна расправа без аргументи, без сопствена аргументациска апаратура, како што нема и не е можно какво било осознавање без неа, исто така без неа нема ниту динамика на промените, па дури ниту промени воопшто.

Правото на сомневање е неприкосновено лично право кое мора да се почитува, а не да се атакува врз него со пресија односно репресија. Резултатите од пресијата врз мислата и размислата воопшто, врз слободата на мислењето конкретно до вчера, а во многу сфери сèуште денес, се мошне видливи и илустративни.

Правото на сомневање најнапред значи сопоставување на личната аргументација на аргументацијата на друг или на други, притоа не плашејќи се од „губење на битката“. Напротив, и во „поразот“ се остварува основната цел: дополнување, па дури нова „развојна фаза“ на личната аргуметнација.

Оној што го промислува времето сосе неговите промени, сосе неговиот динамизам се сомнева во борбата против едноумието кога тоа не е докрај пројавено и откриено, кога не се дефинира навреме, разграничувајќи го од личното мислење или личниот став. Не наметнувајќи им го на другите, а борејќи се за него и негово остварување. Се сомнева бидејќи повиците против едноумието, едновремено не прокажувајќи го, не се друго освен обид за навреме „престројување“ или притајување до подобри времиња токму на оние на кои им се сосема јасни, сосема видливи последиците од него. Човек се обесхрабурва кога во името на промените препознава ново едноумие што се брани како заедничка цел. И кога таа-целта не претпоставува широка и делотворна расправа со лична аргументација.

Активитетот на сомневањето е втемелен во самата организација на животот. Луѓето ја менуваат неа доколку стане непримерена на нивното опкружување; тие не се согласуваат со организација која ги изделува, ги изолира од другите околу нив. Нивниот активитет е насочен кон промените што ги навестуваат другите. Сомневајќи се во нив, осознавајќи ги, ги преиспитуваат и во исто време ги прифаќаат или отфрлаат. Од друга страна, предвременото настанување на промената е пред сѐ реализација на авангардноста на индивидуата чии крајности, историјата на авангардизмот тоа многупати го потврдила, на почетокот речиси без исклучок се негираат, одбиваат или осудуваат, за потоа да се прифатат како „природен“ тек на нештата.

Сомневањето е поттикнувачко и ги придвижува работите напред. Промените во општеството ја нарушуваат најпрво постоечката организација на животот за да се воспостави видоизменета или нова, а во која свеста и сознанието на човекот, како дел од внатрешната промена на индивидуата, се на повисоко рамниште од „општиот договор“. Не само во однос на личната слобода, туку и на слободата на другите.

Потребно е да се сомневаме во сѐ. Најмногу во она што ни се ветува како сопствена заложба. Борбата за власт, за преземање на работите во свои раце, без прецизно дефинирана програмска цел, не може од нас да добие приклон или наклонетост, оти сомневањето е, меѓу другото, реверзибилно.

Правото на сомневање значи право на сознавање. Сознавајќи, човекот продолжува да се сомнева. Тоа право никој никому не може и не смее да му го оспори или одземе.

3. За достоинството и авторитетот

Во бурни и пресвртни времиња човековата адаптибилност е пресудна за да се продоллжи опстојувањето, дури и голата егзистенција на личниот идентитет. Притоа, човекот презема сè што се чини нужно во дадениот момент, без оглед што потоа може да се покаже и залудно. Тоа најнапред предизвикува компромисерски однос и спрема средината во која се брани сопствената позиција.

Всушност, адаптибилноста во себе го содржи компромисот, но едновремено знае да предизвика нешто што го разнишува како личниот интегритет, така, а можеби многу повеќе и личниот ангажман: отстапката.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), IV, роман

Имено, во името на поставените цели, во името на амбицијата да се оствари дури и она што се чини неостварливо се прават отстапки, се корегираат мисли и ставови. Се отстапува пред аргументите за подоцна, кога ќе мине кризното време, повторно да се настапи со сопствените догми. Она што е значајно во таквите наастојувања, во личните борби и пресметки е губењето на сопственото достоинство и авторитет. Што се случува особено во современи дехуманизирани, етатизирани услови кои не овозможуваат праведна распределба на ангажманот и неговиот резултат.

Достоинството или дигнитетот, кој ги содржи вредноста на личноста, нејзината важност, стекнатиот углед, е особено тешко да се одбрани кога се настапува од лични кариеристички позиции и амбиции. Способностите не се премеруваат реално, аргументите не се промислуваат докрај, па се посега дури по туѓиот интегритет и туѓото достоинство, уште повеќе разорувајќи го сопственото. Зашто туѓото веќе има иградено одбранбен систем.

Во секојдневното опкружување среќаваме недоброј такви лица-за кои до вчера сме мислеле дека личниот ангажман нема заднина, дека ентузијазмот значел способност, знаење, умеење. Отрезнувањето може да биде дури болно. Да се одбрани сопственото достоинство или образот, како што вели нашиот народ, значи најнапред да се има, да се поседува чист образ, а потоа да се брани со силата на аргументот.

Авторитетот е во најтесна корелативна врска со човековото достоинство. Лажниот авторитет го создава и санкционира лажното достоинство, и обратно. Напротив, вистинскиот авторитет ја содржи способноста, креативноста, личната стабилност и ангажман. Вистинскиот авторитет се гради, се создава низ времето и се афирмира во него.

Авторитетната личност предизвикува почит и вредносен критериум за создаденото и можното. Таа настапува сериозно, промислено, делотворно и искрено. Нејзиниот одбранбен механизам е непробоен и несовладлив.

Колективниот авторитет не само што е речиси невозможен, туку и кога би се прифатил како постигнат резултат или успех отстапува пред личниот. Впрочем, историјата на Човекот секогаш го придвижувала и го придвижува личниот авториет, и во позитивна и во негативна смисла.

Во бурни и пресвртни времиња на народот кој се наоѓа на крстопат, чија иднина отвора многу нови прашања без одговор, неопходни му се личности со авторитет и достоинство. Стекнати со способност, знаење, умеење, Со дело и збор.

4. Сеедно ли ви е како ни е?

Секоја мислечка, но и дејствувачка личност, ако не досега сега, во овој момент мора да си го постави прашањето:

Во кое, какво и чие време живее и работи-создава?

Поинаку:

Дали не е дојдено времето за радикални, пресвртни промени, дали оваа држава и ова општество има потреба од негово пред сѐ политичко ангажирање (значи, не само тоа)?

Политичкото дејствување е колективно, а поинакво и не може да биде од аспект на ефикасноста односно ефективноста. Индивидуалниот политички ангажман, надвор од партискиот-колективниот се разбира дека не треба да се потценува или обезвреднува. Напротив, тој е/може да биде мошне драгоцен, особено во однос на критичката валоризација на стварноста. Пред сѐ на оние што ја „создаваат“, поточно ја „прилагодуваат“ на себеси-политичките чинители; најмногу власта, и тоа според позицијата што ја има („кројачот на нашите судбини“; ја издвојувам оваа „метафора“ на еден од мислечките оти ми се чини дека е најпрецизна и најдиректна; ако метафората воопшто може да се третира како таква).

Само ќе потсетам на редовните колумни во дневниот и периодичниот печат, чии автори-авторитети, се разбира не сите, се мошне влијателни, па и поттикнувачки.

Меѓутоа, основното недоразбирање во врска со конкретниот политички ангажман на интелектуалците, поточно на творечките авторитетни личности во сите области од нашето живеење, е капацитетот или „апсорпционата моќ“ на постојните партии. Поточно, привлечноста или одбивноста на нивните заложби, платформи, програми.

Познато е дека творците-интелектуалците (интелектуалецот се дефинира најнапред како творечка личност) се пред сѐ индивидуалци, па просто не поднесуваат „маса“, колектив (вулгаризација: „стадо“). Уште помалку, нивниот стекнат и со дело-творештво бранет авторитет не може да си „дозволи“ признание на нечие лидерство (затоа што одамна е поминато времето на политичкиот волунтаризам, на политичките „универзалци“ како што, за жал, кај нас и се замислуваат и прифаќаат партиските лидери). Тоа е основната причина што ниедна од постојните ( и „старите“ и новоформираните) не успева да ги привлече токму нив во помасовен број; тие да ја претставуваат нивната „моторна сила“. Ова наметнува уште едно интересно прашање:

Има ли шанса на нашата политичка сцена да се појави и да игра значајна, дури пресудна ролја некаква партија на интелектуалци? Колку таа би била масовна во однос на членството и дали би привлекла „масовно“ гласачко тело?

Пред да се обидам да одговорам, ќе поставам уште едно прашање за ваша дилема. Имено, постојните политички партии и нивните водечки луѓе-тимови постојано го напаѓаат популизмот, се разбира на своите политички противници. Но без и најмал обид да го објаснат и промовираат „спротивното“ што го нудат.

Што е спротивно на популизмот во нивната политиката, во нивниот политички ангажман (и практицирање на власта)? Елитизмот?

Прашањето од насловот на прилогов, „Сеедно ли ви е како ни е?“, го упатувам на секој од вас одделно-лично, меѓу нас. Да бидам попрецизен: на секој „Јас“ како дел од „Ние“.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXIII, роман

Ова прашање би морал да си го постави секој оној што бил досега, е, а мисли дека може и натаму да биде настрана, рамнодушен за сѐ; за она што му се случува нему и ни се случува нам, а особено за она што ќе ни се случи на сите веќе утре.

Не станува збор само за политички ангажман, се разбира во рамките на некоја политичка партија (затоа што политиката е најнапред колективно дејствување), туку за каков било што е создавачки-творечки. Значи, не само за себе (макар и во корист на сопствената штета), туку и за други.

Има ли партија или иницијатива за формирање на таква партија-во која индивидуалниот, пред сѐ творечкиот активитет се авторизира, е/може да биде според програмските заложби препознатлив во колективниот-заедничкиот? Што значи, меѓу другото, и како лидерски (но не со лидер)?

Нема! Проблемот е во интелектуалниот-творечкиот конформизам кој извонредно му погодува, му „легнува“ на политичкиот примитивизам (од непотизмот, кариеризмот, медиокритетството, до мафијашката полит-бизнис олигархиска транзиција).

5. Помеѓу долгот и довербата

Промислувањата „помеѓу“ се бројни во филозофско-естетичката теорија и практика, а од нив најмногу, претпоставувате, се помеѓу доброто и злото.

Можеби е тоа резултат на најчеста состојба на човекот, на неговото живеење и дејствување, но лично мислам дека е повеќе дел од насушна потреба-за да се надминат некои проблеми, прашања, дилеми од актуелниот миг, од секојдневјето, совремието („едно и друго“, „ова и она“, „тоа и тоа“ итн.). Односно дека определбата (како настојба) е најчесто чекор до нова цел.

Се разбира, и во нашево време, актуелниов миг, нашево совремие, промислувањата „помеѓу“ не се ретки. Напротив, дури може да се рече дека зачестуваат кога се доведуваме или нѐ доведуваат пред пресвртни, решавачки моменти и ситуации.

Според многу нешта, најмалку политички сме доведени, а во наредниот период уште повеќе ќе нѐ доведуваат токму во такви пресвртни мигови и ситуации. Намјалку политички, но не како политичка определба, туку пред сѐ како нужност од промена на веќе неподносливата севкупна состојба на духот и на нашата ситуа(к)ција. (Некои ја симплифицираат, ја сведуваат на економско-социјална, егзистенцијална и сл.)

Што од многубројните „помеѓу“ се наметнува како приоритетно, најважно, најчесто, најактуелно? Она во насловот на прилогов: помеѓу долгот и довербата. Тоа е без дилема најважното и највредното „помеѓу“ во нашево денес, а сигурно, за жал, ќе биде и во најголемиот дел од нашето утре. Затоа што воопшто не беше важно и вредно вчера. Да бидам попрецизен: не им беше важно на оние кои научиле, навикнале, па не можат ниту да го помислат нивното утре, ако не се домислат како помеѓу кои ќе можат да бидат како денес-„помеѓу“.

Помеѓу долгот и довербата се ставаме самите себе, но многу повеќе нѐ ставаат други(те). Станува збор за причинско-последична врска: од долгот (односот спрема него) зависи довербата, но и обратно, таа-двербата го разнишува, зацврстува, продлабочува долгот-долгувањето. И спрема другите (особено), но и спрема себеси.

Конкретно: му должите некому кој ви го овозможил долгот благодарение на довербата што ја имал или ја стекнал во меѓувреме во вас. Тоа денес се случува многу ретко, токму поради зависноста. Имено, денес за задолжување најмалку игра довербата. Доминира недовербата, а најмногу гаранцијата (од хипотека до затезни камети кои долгот ептен го „затегнуваат“). Враќањето го одложувате, најнапред со разбирање и толеранција за вашата моментна состојба, поради воспоставените деловни и пријателски односи. Меѓутоа, ако одложувањето оди во недоглед, тогаш довербата е веќе изгубена по второто, третото…

Можете ли повторно, ако се најдете во „задолжителна“ ситуација да барате нов долг и да добиете со едноставно додавање на невратениот? Колкумина има такви, со толку „искомплицирани“ должничко-доверителски односи? Не можат да се избројат? А зошто? Затоа што сме ставени или свесно нѐ ставаат во нивното „помеѓу“.

Претходново поставете го на „државно ниво“, па…

„Државното ниво“ е многу поважно од она на личен план. Имено, стекнатата и негуваната-бранетата доверба овозможува лесно задолжување. Се разбира, токму поради неа тоа-задожлувањето е, напротив, тешко-најтешко. Тоа е за вас последно нешто што би го направиле, со претходни тешки, темелни, детални сметки и пресметки. Пред сѐ во однос на моќта-способноста (солвентноста) да останете во „довербата“. неа (често само неа) да не ја изневерите-изгубите.

Оние во власта и моментно надвор од неа лесно се задолжија-се задолжуваа, па нѐ презадолжија да не можат неколку следни генерации да нѐ раздолжат? Да, токму поради „довербата“ што ја имаа оние кај кои нѐ задолжуваа (во наводници, бидејќи всушност станува збор за процес-манипулација на наивни и неспособни до одреден степен, до дебела „наплата“ на во меѓувреме „заработената“ недоверба-со притисоци, условувања, потчинетост, експлоатација-неоколоинијазам, „модерна“ експлоатација итн.), односно до последниот чин: продажба-распродажба на земјата-државата.

И последното, како прво „помеѓу“ долгот и довербата: „политичкото“.

Пред воопшто да продолжите да ги слушате и сегашниве и минатите позиционерско-опозиционерски политички субјекти, прашајте се колку ви должат, колку ве задолжиле и колку ве задолжуваат. Поточно: колку сте се ставиле и колку ве ставиле „помеѓу“ вашите лични сосе заедничките долгови и довербата што досега сте ја имале во нив.

Сѐ уште ја имате? Ја имаат кај вас? Ја заслужуваат?