Потребно време за читање: 10 минути

XX

Ритам и навици

Го испровоцирав барем накусо да искаже свое мислење за ритамот и навиците во неговиот самотнички живот, наспоредно со вообичаените затврдени сознанија за нив во нашиве состојби. Имајќи ги предвид пред сè собитијата. Го искажа навистина накусо, во два-три збора. Што, морам да признаам, прилично ме разочара. Очекував дека провокацијата ќе го предизвика на поширока елаборација.

„Животот, состојбите и собитијата во него наметнуваат своевиден ритам од една страна. Од друга, пак, навиците се тие што го ограничуваат нивното дејство. Поготово влијанието. Животот е овој што е, а му се прилагодуваме многу повеќе отолку што го прилагодуваме на себеси, на својата природа, на личната живеачка и на соживотот со други. Навиците, пак, се лични. Едни ни се долгорочни, дури неменливи, а други ни траат едно време, па ги менуваме зашто сами се менуваме.

Ти знаеш, ама и не знаеш дека не го прифаќам сосем животот каков што е. Ниту многу се мислам или сум загрижен каков треба да ми биде. Тоа каков што е им е сосем на оние што го живуркаат. Дури не знаат ни за неговата полнота ни за комплексноста на неговиот квалитет. Каков треба да биде, тоа е прашање што си го поставува незадоволник од него, кого го разочарал во некоја мера и мисли дека има сили, искуство и знаење да стори нешто. Нешто во него да промени на подобро.

Јас на животот гледам во еден дел како на докажување на човек во неговата минливост, а постојаноста во неговата животворност. Дел од минливоста прифаќам, најмногу како неминовност, но постојаноста во најголема мера ја изедначувам со трајноста на човекот со свој свет, и во стварниот и во заумниот. Да, мислам на изразувањето и докажувањето на неговиот творечки дух.

Ти знаеш, ама и не знаеш дека траењето на еден мој навик, како на човек во самост, зависи од природата, мислам на годишните доба, и од мојата расположба, а на друг од ритамот на животот дење и ноќе. Следствено, како на секој друг како мене, едни ми се долгорочни, дури неменливи. Други, пак, ми траат едно време, па ги менувам зашто сам се менувам. Сеедно дали свесно или несвесно. Тие се директно или индиректно поврзани со препуштањето на нив или на нивно менување.

Јас му се препуштам на оној навик што не ми пречи, туку ми помага при соочувањето со состојби, собитија и премрежиња. Особено при нивно надвладување или просто прифаќање. Го менувам кога се менувам свесно или несвесно и кога ми се наметнува нов сам по себе. Ритамот на мојот живот е токму во менувањето и неменувањето на навиците. За сè има навик и одвик, нели.

Досега не сум напишал, ниту помислувам да напишам колумна за ритамот и навиците. Нема зошто“.

Не ми одговори на прашањето дали има зошто ги напишал и објавил сите негови досегашни колумни.  

1. За личноста и колективот

На нашево време му се потребни силни личности кои ќе ја покренат работната и творечката енергија на народот, кои ќе се зафатат со многубројните проблеми што ја генерираат нашата севкупна криза, на која не ѝ се догледува крајот.

Конечно дојдовме до сознанието, со векови потврдувано во минатгото и сегашноста на развиениот свет, но не и нашата конкретност: личноста е секогаш посилна од колективот, индивидуалното е над колективното. И како вредност и како критериум и како идентитет.

Непочитувањето на личноста на индивидуата во името на колективот и неговите „повисоки“ вредности, потиснувањето на личноста во колективната свест во името на „заедништвото“, а пред сѐ поради профанацијата и политичко-репресивната деградација на култот на личноста, на култот воопшто, кој подразбира припишување својства кои личноста ги нема, сето тоа доведе до нејзино неидентификување и до целосна деградација на улогата на човекот како поединец во управувањето со општествениот живот, до „(зло)употреба на човекот“. Тоа, пак, резултира со непризнавање, невреднување на квалитетите на личноста, до „животната филозофија“ изразена со познатото „секој може сѐ“ и „без секого се може“. Што, пак, во најголема мера се рефлектира на работната професионалност и воопшто на професионалниот активитет на индивидуата.

Никој не може да се издигне над средината во која егзистира, доколку не сака да си ја загрози сопствената егзистенција. Зашто, во спротивно, може да го наруши воспоставениот хиерархиски, најчесто непотистички поредок кој се одржува речиси исклучиво со помош на кариеризмот, полтронството, едноумието. Без оглед на последиците.

Практика која мора да се надминува, доколку сакаме да го запреме сопственото паѓање и пропаѓање:

Штом во една средина или заедница ќе се појави или ќе се истакне, ќе се издвои личност која се разликува со својата единственост и неповторливост, индивидуа која станала личност пред сѐ или дури единствено со својот творечки ангажман и со своите вредности, колективот, средината, заедницата се обидува со сите сили да ја отстрани од себеси како туѓо тело. Се обидува да ја деградира, да ѝ ја наметне сопствената просечност, да ја вкалупи во своите веќе воспоставени норми и стандарди. Кои, пак, се толку ниски што не „обезбедуваат“ ниту status quo, а камо ли поттикнувачка споредливост. Затоа што појавата на една личност, во вистинската смисла на зборот, ќе овозмолжи и појава на друга и трета. Тогаш средината или заедницата неминовно ќе дојде во опасност да се разниша однатре, да се дестабилизира, па ќе мора да го напушти ставот „сѐ во свое време“, а да го прифати творечкиот „сѐ во ова време“.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XVII, роман

Во името на животот, во името на нашата перспектива, во името на сега и овде, во овој миг да ги признаеме, вреднуваме и чуваме личностите во нашите колективи, средини, заедници.

Само личност признава личност.

2. Загрозена, претсмртна планетата Земја

Едно од најголемите модерни светски чуда е можеби фактот што човечкиот вид и натаму е присутен на планетава Земја. Без оглед што човекот без престан се труди под плаштот на напредокот да ја загрози, ние Земјаните сме и натаму овде.

Знајно: според некои теории, планетата Земја настанала со кондензација на облаци од ѕвезден гас и прашина пред 4 ипол милијарди години.

Што ќе биде со нашата планета во иднина?

Некои меѓународно признати експерти сметаат дека по милијарда години Сонцето ќе биде 10% посјајно, климата ќе биде сè посува, а водата од океаните ќе се пресели во атмосферата. Во тој момент планетата Земја ќе престане да биде подобно место за живот. Се смета дека за 6 или 7 милијарди години, кога Сонцето ќе го потроши целокупното свое гориво, ќе дојде до нагла експанзија на нашата ѕвезда која ќе ги проголта Меркур и Венера, веројатно и Земјата. Тогаш таа практично физички ќе исчезне, што значи дека луѓето, дури и ако успеат да ги преживеат проблемите што сами ги прават денес, кога-тогаш ќе мораат да побараат некое подобро и погостољубиво место за продолжување и опстанок.

Се преземаат ли конкретни акции во светот за заштита, будење на свеста и одговорноста спрема животот и суштествувањето?.

Неколку моментни загрижувачки податоци:

Секоја година во Средоземјето завршуваат околу 120.000 тони минерални масла, 12.000 тони фенол, 60.000 тони детергенти, 100 тони жива, 3.800 тони олово, 2.400 тони хром, 21.000 тони цинк, 320.000 тони фосфор…За морските струи во целост да ги обноват водите во Средоземното море, на оние што стигнуваат од Атлантикот низ тесниот премин на Гибралтар, им се потребни 80 до 100 години.

А што се глобалното затоплување?

Најмалку една милијарда луѓе ќе мигрираат до 2050. година поради глобално затоплување. Тоа ќе предизвика нови конфликти и природни катаклизми. Бројот на луѓето кои ги напуштиле своите домови токму поради конфликти, природни катастрофи, големи градежни и други проекти е веќе вознемирувачки висок и од година на година е сè повисок.

Што презема меѓународната заедница?

Секоја година зголемувањето на нивото на океаните се одразува врз животот на 2 милиона до 7 милиони луѓе. Се предвидува дека до 2080. година помеѓу 1,1 и 3,2 милијарди луѓе ќе страдаат од недостиг на вода, а помеѓу 200 милиони и 600 милиони од глад.

Глобалното затоплување предизвикува сериозни последици, не само климатски.Се топат вечните снежни покривки и мразот-глечерите од Хималаите до Алпите и мразот од Алјаска до Сибир, а тоа директно загрозува 40% од 6,5. милијарди жители на планетата Земја. Според експертите, тоа се одразува на обработливите површини во Кина и Индија, а зголемувањето на нивото на океаните за еден метар ги загрозува животите на 145 милиони лица во јужна и источна Азија.

Еколозите предупредуваат дека во последните децении животната средина е сериозно загрозена, пред сè поради човековите активности. Масовното користење на енергенсите и другите материјали во производството и транспортот, несоодветното депонирање на отпадот, масовното уништивање на шумите, енормната потрошувачка на суровини и материјали, а посебно енормното и несоодветно управување со залихите на слатка вода, се факторите кои значајно ја загрозуваат животната средина. Испуштањето на големи количества материи во атмосферата, водите и земјиштето, доведува до нарушување на природната рамнотежа воспоставувана со милениуми.

Под влијание на промените во животната средина има масовни изумурања на многу видови организми, а физички промени трпи и атмосферата околу Земјата. Промените во атмосферата, меѓу другото, предизвикуваат нарушување на озонскиот слој кој е главен филтер за опасните ултравиолетови зраци.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), I, роман

Поради промените во животната средина многу био-видови изумираат. Со тоа се нарушува синџирот во природата, вклучувајќи го и опстанокот на човекот. Од половина милијарда био-видови, што се појавиле на Земјината топка во последните 600 милиони години, денес опстојуваат одвај 10%. Ако не се преземат сериозни мерки, се очекува во наредните 50 години да исчезнат уште 25% од постојните био-видови.

Само во текот на 20. век нивото на океаните е зголемено за 20 сантиметри. Во 21. век се прогнозира зголемување за уште 59 сантиметри.

Климатските промени ќе доведат до зголемување на глобалната температура за 2 до 4,4 степени Целзиусови до крајот на векот и дефинитивно нарушување на еко системот.

Различни, а сепак блиски и поврзани нешта:

Глобалното затоплување директно или индиректно предизвикува смрт на околу 77.000 лица годишно во азиско-пацифичкиот регион, што е околу половина од вкупниот број на настрадани од истите причини во целиот свет.

Според прогнозите на експертите, некои области можат да бидат соочени со суши што ќе предизвика недостиг на свежа вода за пиење и појава на болести предизвикани од тој недостиг.

Милиони луѓе се под ризик да бидат соочени со неухранетост и глад затоа што би можело обработливите површини да станат необработливи. Стапката на сиромаштијата во урбаните средини се зголемува сè побрзо и пред владите во светот стои сериозна задача за сместување на сиромашните. Овој проблем е особено изразен во Латинска Америка. Тамошните држави и градови ја игнорираат специфичноста која го следи порастот на бројот на жителите,а тоа предизвикува пораст на стапката на насилство и општ недостаток на безбедност.

Првиот голем бран на урбанизација на светската популација траел цели 200 години, од 1750. до 1950. година, кога бројот на жителите во градовите од 15 милиони се зголемил на 423 милиони само во Европа и Северна Америка. Вториот започнал во 1950. година во земјите во развој, во кои од 309 милиони бројот на жителите во градовите до 2030. година ќе достигне 3,9 милијарди.

Потсетувам на „Десетте заповеди на пријателите на природата“:

1. Најнапред исчисти пред својот праг;
2. Она што си го исчистил денес, чувај го утре;
3. Штити ја природата, не уништувај ја;
4. Не го загадувај воздухот оти чистиот воздух е долг живот;
5. Во своето срце и во срцето на најблиските всади љубов спрема природата;
6. Не кради од иднината;
7. Настојувај она што го имаш да трае што подолго;
8. Мисли денес за подобро утре;
9. Контролирано одложувај го отпадот и не создавај диви депонии;
10. Сети се дека не си сопственик на Земјата, туку нејзин заштитник и чувар.

3. Загрижувачки податоци за гинењето на патиштата во светот

Во сообраќајни несреќи во светот годишно загинуваат 1,2 милиони лица, а секој ден 1.000 лица на возраст под 25 години, соопшти Светската здравствена организација. Најголем е бројот на загинати лица од 15 до 19 години, што е многу повеќе отколку што умираат од ХИВ/СИДА.

Голем дел од жртвите се пешаци, велосипедисти или патници во јавен транспорт.

90% од несреќите се случуваат во земјите со мал до среден приход, главно во Африка и Азија.

СЗО тврди дека со употребата на заштитни кациги за главата при управување на мотор ризикот за смрт по сообраќајка е намален за 40%, додека за повреди до 72%.

Тешко дека во скоро време ќе се подобри состојбата со безбедноста во сообраќајот во светот. Најмногу поради немање на сообраќајна, па и елементарна култура.

Можеби би помогнала секојдневна агресивна и „груба“, „брутална“ медиумска кампања, слична на онаа во врска со штетноста од пушење. Сè додека технологијата на производство на сообраќајни средства, особено на автомобилите не достигне до нивно целосно автоматизирано возење, а што ќе значи независност од (не)знаењето, (не)умешноста, (не)внимателноста и (не)културата на секој учесник во сообраќајот.

4. Конструктивна позиција-деструктивна и опструктивна опозиција

Многу често власта ѝ префрлува на опозицијата дека врши постојана, континуирана опструкција на нејзиното работење и владеење, односно дека е таа неконструктивна. Тоа почесто, дури редовно се нагласува од страна на зависно-независните медиуми и новинари, притоа со приведување на конкретни примери и изнесување на „дебели“ аргументи.

Тешко ли е да се биде конструктивна опозиција? Полесна ли е и поприфатлива деструктивноста?

Најнапред познато во развиениот демократски свет:

Суштината на конструктивноста воопшто, во политиката посебно, е во соработката. Значи, конкретно, дел од опозицијата која е претставена во Парламентот (Собранието) најнапред соработува со власта бидејќи е дел од неа во законодавната. Пред сè поради сопствена корист. Опозицијата ги контролира постапките на власта и го поправа она што може.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XI, роман

Најконкретен пример на „негаторско“ опозиционо дејствување е донесувањето на Буџетот. Владата го предлага, а опозицијата ги воочува неговите мани и со факти и аргументи се обидува да го поправи, да го надгради квалитетно.

Како карактеристичен пример на конструктивна опозиција политиколозите и аналитичарите ја наведуваат онаа во Велика Британија. Имено, таму лидерот на опозицијата има една фунта поголема плата од премиерот! Опозицијата не го негира сето она што го предлага владата, а особено не се противи на потпишување конвенции и слични документи. Изборниот систем со слободен мандат е одамна прифатен како цивилизиран, а премиерот има две шанси да ги казни „непослушните“ пратеници: на следните избори партијата таквите да не ги поддржи или, пак, да организира „брзи избори“ за две недели и да ги отстрани.

Од „азбуката“ на демократијата:

Власта и опозицијата треба да се борат за доброто на граѓаните. Тие мораат да се согласуваат околу темелните работи за да се одржи континуитетот затоа што за развојот државата и општеството тој е неопходен.

Се смета за глупаво (токму така) да се мисли и каже дека задача на опозицијата е да ја критикува, да ѝ се спротивставува на власта, особено кога станува збор за јавниот интерес. На пример, сосема е бесмислено опозицијата да ја критикува кога таа ќе осмисли нешто добро, на пример вложување во образовниот систем. Особено затоа што се знае дека ефектите вообичаено се гледаат по десет години, што значи ќе ги наследи опозицијата и треба да продолжи во таа насока.

За жал, кај нас пратениците и од позицијата и од опозицијата сè уште не знаат, ниту се обидуваат да научат дека треба да се гласа според определбата, а не според партиската припадност. „Војничката дисциплина“ е „преголема“, па затоа конструктивноста како суштина на политиката мора најнапред да завладее во партиите доколку се смета на остварување на единствената цел- освојување на власта или учество во неа.

Ќе укажам на уште нешто:

На избори се учествува и се води битка за придобивање гласачи со партиска или кандидатска програма. Штом не се успее, штом се доживее пораз, таа веднаш се заборава. Се заборава најнапред од оние што ќе влезат во власта како опозиција, а што не значи ништо друго освен премолчено признание дека таа не била добра, квалитетна или била послаба од победничката, недоволно квалитетна, непривлечна за гласачите. Во развиените демократии тоа се смета за поголем пораз од самото невлегување власта, па веднаш се приоѓа кон нејзино преиспитување, редефинирање, корегирање, дури осмислување на сосема нова (не чекајќи ги следните избори).

Конструктивната опозиција и по изборите останува цврсто на своите програмски заложби и ги сопоставува на „победничките“ на позицијата односно власта. На тој начин на јавноста ѝ се предочуваат компаративните предности, а власта се принудува да ги поправа, доправа, подобрува, збогатува, па и менува сопствените.

5. Капитализмот штетен по здравјето?!

Комунизмот е репресивна идеологија, но капитализмот има штетни последици врз здравјето и долговечноста на мажите! Ова е „откритие“ на научници од универзитетот во Мичиген.

Состојбата е најлоша во Романија, Естонија, Летонија и Албанија, каде што разликата во смртноста помеѓу мажите и жените се зголемила за 14% до 30%. Во втората група, со разлика во смртноста помеѓу двата пола од 8% до 12%, влегуваат Литванија, Украина, Русија, Белорусија и регионот на поранешната Источна Германија. Бугарија, Полска, Чешка, Словенија и Унгарија влегуваат во група со најмало зголемување на разликата во смртноста помеѓу мажите и жените, од 1% до 6%.

Во просек, разликата во смртноста помеѓу мажите и жените во поранешните комунистички држави се зголемила за 9,3%.

И ова: транзицијата кон капитализмот предизвикала најтешки последици кај мажите во активната возраст, а причина е што тие ја сфаќаат како откривање на нови можности. За мажите над 45 години тој претставува опасност!

Резултатите покажале дека во државите од поранешниот комунистички блок животниот век на мажите се намалил просечно за 6 години, најпрвин поради политичките потреси, физичките преоптоварувања на луѓето и економската несигурност. Зголемувањето на конкуренцијата, пак, создава услови за појава на ризично однесување кое понекогаш има фатални последици. Стресот од неа се појавува и на чисто физичко ниво.

Според груби податоци, во државите опфатени со проучувањето речиси двојно се зголемиле убиствата и самоубиствата.

Истражувањето се темели на анализа од статистички податоци за смртност помеѓу мажите и жените во 14-те постсоветски држави во периодот 1991-1994 година.

Во меѓувреме, од наведениот период до денес, капитализмот стана помалку штетен по здравјето затоа што транзицијата од комунизмот е веќе минато определено свршено време? Којзнае.