Роден е во Прилеп, на 17.08.1902., а умрел исто така во Прилеп на 24.07.1957. година. Тој е првиот претседател на современата македонска држава ДФМ, во рамките на ДФЈ.
Во Прилеп завршил основно образование и трговско училиште, а во 1926. година започнал приватна трговска дејност. При едно водење на чета во борба (НОВ) тој наместо „Напред, чето!“ извикал „Напред, ченто!“ и оттогаш сите го завикале Ченто.
Методија Андонов бил национално-политички мошне активен, а во предвоена Југославија се застапувал за легална борба, заедно со напредните опозициски политички партии, за нејзино федеративно уредување и автономија на Македонија. Уште како млад соработувал со младите интелектуалци од градот Прилеп, а бил означен како сепаратист и автономист кој го подбуцнува македонскиот народ и создава несигурност кај српската окупаторска власт.
Апсен е и осудуван за дејствување-борба за слободна Македонија (во 1935. и 1936. година), а во 1940. учествувал во организирањето на митингот и на протестната демонстрација во Прилеп, на 02.07. 1940. Притоа одржал говор и повикал на самостојна борба за слободна Македонија. Наредниот ден бил уапсен и осуден, а казната ја издржувал во затворите во Србија „Ада Циганлија“ и „Велика Кикинда“.
На почетокот од 1941. година Методија Андонов-Ченто бил повторно уапсен како македонски националист и сепаратист и затворен во затворот „Бајина Башта“. Воениот суд му изрекол смрт со стрелање, но по капитулацијата на Југославија казната не била извршена и бил ослободен. Тој се вратил во Македонија, во Скопје, на 26.04.1941. и пред бугарските окупаторски власти изјавил дека е Македонец, дека не се борел за обединета Бугарија, туку за обединета Македонија. Неколку месеци подоцна, на 12.07.1941. бил уапсен поради повик на борба против фашизмот и против бугарската окупаторска власт. Во текот на 1942. бил повеќе пати апсен и затворан во затворите во Прилеп и Битола.
На почетокот од 1943. бил интерниран во Бугарија, се до крајот на април, а од крајот на мај бил во логорот Чучулигово (до почетокот на август).
Ченто во партизани заминува на 01.10.1943. година, пристигнувајќи на слободната територија во Дебарца. Веднаш станал член на Главниот Штаб на НОВ, а потоа и избран за претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Од биографијата на Методија Андонов Ченто има неколку важни, дури пресвртни моменти-датуми. Еден од нив е јуни 1944. кога ја предводел македонската делегација (заедно со Мане Чучков и Кирил Петрушев) на Вис, на состанок со партизанскиот водач Тито и членовите на Националниот комитет за ослободување на Југославија. Притоа било поставено прашањето за обединета Македонија.
Натаму, на првото заседание на АСНОМ (02.08.1944.), при конституирањето на современата македонска национална држава, тој бил избран за претседател на Президиумот, врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија.
По добиена вест за преговори на сојузниците со Бугарија за условите за нејзино излегување од војната, Ченто му се обрнал на Тито (на 11.08.1944.) со телеграма во која барал да се постави македонското барање за одземање на Пиринска Македонија од Бугарија и нејзино припојување на Демократска Македонија.
На функцијата претседател на Президиумот на АСНОМ бил избран и на Второто заседание на АСНОМ (29.-30.12.1944.), а на Третото (1945.) за претседател на Народното собрание на ДФМ/НРМ.
На Првиот црковно-народен собор, одржан на 04.03.1945. година, тој истакнува дека македонскиот народ има историско право на своја автокефална македонска православна црква.
На 15.04.1945. година Методија Андонов-Ченто е избран за прв претседател на Македонија.
Поради залагање македонската политика да ја креираат само Македонци, како и предлогот во новиот Устав на ФНРЈ да имаат право на самоопределување и отцепување, на 14.07.1946. е осуден на 11 години затвор. Претходно, под жесток притисок, на 14.03.1946. поднел оставка на сите функции, се вратил во Прилеп и почнал да се подготвува да емигрира во САД.
Осуден е под изговор дека нелегално ја преминувал границата со Грција, а бил обвинет и оти сакал да ги извести западните сили (Англија и Америка) дека во Македонија не постои демократски систем и Македонија не треба да биде во составот на Југославија, туку да е самостојна и суверена независна држава.
Сите негови жалби до Скопскиот суд биле одбиени. По одлежани 9 години и 4 месеци строг затвор Ченто е ослободен, но наскоро од големите измачувања заболува и умира во Прилеп.
Во 1990. година семејството на Ченто покренало постапка за судска рехабилитација, а Окружниот суд во Скопје на 22.10. таа година ја укинал осудителната пресуда и донел решение со кое ја укинал пресудата од 23.11.1946. година.