pablo pikaso пабло пикасо
Потребно време за читање: 2 минути

Пабло Пикасо (Pablo Picasso-вистинското име Pablo Diego José Francisco de Paula Juan Nepomuceno María de los Remedios Cipriano de la Santísima Trinidad Clito Ruiz y Picasso) е шпански сликар, роден на 25.10.1881. во Малага-Шпанија, умрел на 08.04.1973. во Мужин-Франција.

Сликарство студира во Шпанија. Од 1900. престојува во Париз каде што се инспирира од импресионистите, а потоа од Тулуз- Лотрек.

Во неговата „модра фаза“ (до 1904.) студениот модар тон ја симболизира безизлезноста и очајот на светот на бездомник и клетник. Во следната „розова фаза“ (1905-1906) на основниот тон на интимната атмосфера на мотивите од животот на малите луѓе (свирачи, акробати) му дава меланхоличен акцент. Сликата „Госпоѓиците од Авињон“ (1907) веќе го навестува неговиот нов развоен период- кубистичкиот. Со тој период, изграден под влијание на црнечката пластика, Пикасо, заедно со Ж. Брак, обележува пресвртница во европското сликарство, остварувајќи нова концепција на формата и просторот-кубизам.

Пикасо покажал исклучително голема сликарска дарба уште во најраното детство. Забележано е (можеби е само дел од обидот за негова митологизација) дека негов прв збор бил „пиз“, скратено од „лапиз“-шпански збор за молив. За некои е поинтересна забелешката дека кога се родил не можел да дише, па дим од цигара му бил вдувнат во носот. Откако, по игра на случајот, довршил слика на гулаби на неговиот татко, тој му ги предал сите четкички, бои и палети и повеќе никогаш не сликал зашто сликата била восхитувачки убава.

Прочитај и за ... >>  Бертранд Расел

Во Барцелона, каде што посетувал училиште, како и во Мадрид, каде што бил секојдневен посетител на музејот Прадо, испитувал се во врска со сликарството, а сонувал и за Париз, каде што најпосле стасува во 1900. година.

Во првата фаза на кубизмот Пикасо го растура објектот, гледан симултано од разни видни агли, врз основа на геометриски форми и во сликарството воведува нова техника- колаж. По таа аналитичка фаза минува на синтетичко третирање на мотивите (претежно мртви природи). Кога кубизмот во широк круг на епигони мина во манир, Пикасо им се враќа на старите мајстори, на чистата линија и класичната моделација на силни човечки фигури (1917-1923).

Во контакт со надреализмот, околу 1930. година минува на тематика од подрачјето на потсвеста и фантастиката (мотивот на Минотаурот), но во следните години изградува свој сугестивен експресионизам (монохромната експресивна „Герника“, 1937., симболички приказ на апокалиптичните стравотии на Шпанската граѓанска војна).

За време на окупацијата на Франција (1940-1944) во низа дела Пикасо дава одраз на своите расположби и гледања на настаните кои се случуваат во светот. По 1945. се занимава, освен со сликарство, со скулптура (животински фигури во бронза), керамика и графика. Во многу варијанти го популаризира мотивот на „белиот гулаб на мирот“, а во монументалната композиција „Војна и мир“ (1953) идејно импресивно ги спротивставува двата пола во рамките на кои со илјадници години се одигрува судбината на човештвото.

Прочитај и за ... >>  Многувековно минато на МПЦ

Сочувувајќи ги типичните специфики на шпанскиот темперамент, според своето дело и големото влијание Пикасо е една од најзначајните личности во европското сликарство на 20. век.

Се женел два пати и имал многу љубовници. Имал четири деца. Последното, Палома, било родено кога имал 68 години. Последните години од животот ги минал во дворецот „Вовенарж“ покрај Кан, каде што е уредена негова меморијална збирка.

Пабло Пикасо направил над 6.000 слики, скулптури и цртежи. Неговите слики денес вредат милиони. Умрел во 1973. година, кога му откажало срцето за време на напад на грип.

Се заколнал дека нема да се врати во татковината Шпанија сѐ додека е на власт режимот на Франко. На својата заклетва и се придржувал се до смртта.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here