МЕНИ НА ИГРИ ЗБОРОВНИ, поезија/припеви, 58-60

Потребно време за читање: < 1 минута

58. Два погледа

Еден занесен поглед
и еден прекорен
се сретнаа на запустена
нечија врвица
што води истовремено
и кон изгрев и залез
и кон исток и запад;
гледајќи се напоречки,
видливо исчезнува
сјајот во нивните зеници.

59. Студ во коски

Обзеде студ коски,
навлезе во нивната срж,
како болештина при
долго умирање;
дека веќе никогаш
нема да ги огрее сонце,
ниту да ги разбуди
слободарска песна.

60. Милувка

Милувка неповторлива
во ноќва обѕидана
со длабоки воздиви,
без знаци дека во некое
минато со иднина
пак ќе бидам само
нејзина игра трепетна.