24. Дваесет и четврта епизода
Амбиент:
Прв: Визбена просторија во Кулата-состанок на Советот;
Втор: Судница.
Лица со гласови:
Трпе Трајчевски, Д-р Крале Марковски, Македон, Европа.
(Ѕвон на воловско ѕвоно)
Трпе Трајчевски:
Како што насетив, поточно констатирав минатиот пат, кулминацијата и расплетот односно сублиматот на оваа научно-политика сатиралија на Д-р Крале Марковски дефинитивно ќе биде разочарувачки. За Македон, за сожителите на Кулата вавилонско-протомакедонска, но и за Европа и сите интегрирани во неа однапред и одзади. Тоа-разочарувањето кулминира токму во оваа епизода. А за него најмногу придонесоа политичарите, посебно лидерите на политичките партии во Кулата. Најпрвин во напорите за евро-атлантско интегрирање тие дадоа најголем придонес на планот на политизацијата и политикантството како доминантен дел од бизнис климата, потоа во правното функционирање на локалната самоуправа, а најсетне во европеизацијата на припадниците на мнозинската и немнозинските заедници, со акцент на најмнозинската од нив.
Судејќи според најавите, она што следува сега само ја потврдува мојава констатација.
Д-р Крале Марковски:
Јас сакам да те поправам малку, почитуван најнезависен и најслободумен новинару.
Види сега вака: од научен аспект, тоа што правилно го насети, поточно го констатира, не е и нема да биде разочарувачко како кулминација и расплет, како сублимат на мојов труд. Напротив, во многу поголема мера ќе биде реално-поттикнувачко, заедно со сè она што досега го елаборирав, фактографирав и аргументирав.
Реалното е дека беше преамбициозна консензуалната согласнот од сто на сто за што побрзо самостојно зачленување на Кулата како локална самоуправа во ЕУ и НАТО, а без своја територија. Освен ако како таква не се третира рекава на која е подигната. Потттикнувачкото, пак, е што меѓународниот фактор не вели не, туку само го одлага за извесно време интегрирањето. За сожителите во неа да си направат и потпишат нов рамковен договор во кој само ќе се уставотвори она што започна само по себе, само од себе и не може да се враќа назад-конфедералноста на локалната самоуправа. Впрочем, таквата судбина не ја доживува само Кулата, туку и сите други локални самоуправи во опкружувањето и регионот. И тие ќе мора да направат и потпишат рамковни договори за конфедералност, доколку и натаму сакаат да го продолжат евро-атлантскиот интегрирачки процес.
(Еден гонг)
Д-р Крале Марковски (продолжува):
Но, ајде ние да ја започнеме епизодава, па можеби ќе се наметне потреба од продолжение на мојов научно-политичко-сатираличен труд. И тоа со многу пооптимистички елаборации и заклучоци за нашата заедничка иднина.
(Два гонга)
Трпе Трајчевски:
Вашиот новинар, почитувани и многу сакани мои, овојпат ќе се јави само еднаш, и тоа сега, со најава што ми ја издиктира Д-р Крале Марковски:
Најнапред ќе стане збор за една љубовна караница на двајца сожители во Кулата, што ја чула Европа, а потоа за една балканско-проевропска бракоразводна парница која на Европа ѝ ја раскажува Македон. Двете предизвикуваат сериозно занишување на нивниот брачно-вонбрачен однос.
(Ѕвон на воловско ѕвоно)
Европа:
Македон, морам да ти раскажам нешто што го чув од сожителката на осмиот кат, В.Н, која живее во станот право од скалите. Тоа нешто воопшто не ми се допадна од европски аспект. Па ако случајно ни се случи и нам, да знаеш дека сериозно ќе го преиспитам нашиот брачно-вонбрачен однос. Воопшто не ми се допадна зашто е крајно немодерно и неевропско-ненатовски.
Македон:
Хм, интересно. Ај да чујам.
Европа:
Танува збор за љубовна караница на прв поглед. Јас знам, и кај моите интегрирани е така, дека таква караница меѓу вљубени речиси секогаш се случува на прв. На трет, втор или петти обично стивнува, омекнува, станува иста како љубов на прв поглед: ќе си се погледнат мило, како две гулапчиња, и почнува љубовта силна, длабока, искрена, интровертна; за на крајот полека да се стабилизира на нормално ниво. На првиот поглед пердуви летаат, а на третиот, вториот или петтиот се случува пердуви да станат тие што се караат.
Македон:
А што ѝ се случило на В.Н.? Тоа и така? Како гулабица?
Европа:
Да. Вчера го сретнав нејзиниот животен сопатник на скали, О.Е. кој ми раскажа што било од А до Ш. Одбив да дадам каков било коемнтар сè додека не ја слушнам и неа како друга активна страна. Ама да ти кажам право, не сакам да ја слушнам.
Македон:
Па никој не те тера. Што ти раскажа тој?
Европа:
Ќе ти го цитирам од А до Ш:
(Еден гонг)
„Јас како гулаб ѝ се обратив, ѝ подвикнав на мојата гулабица:
„Гледам јас, гулабице моја, гледам јас дека сакаш да ме вртиш на малиот прст“.
„А јас, гулабе мој, обратно глодам, да знаеш! Ти си тој што покажува такви некоректни намери“, ми подвикна таа.
„Ама што ти е тебе, гулабице моја? Мислиш ли ти дека си единствената гулабица на светот, во Кулава вавилонско-протомакедонска? Мислиш оти нема поарни од тебе? Ја, мајката!“
„Ако сакаш да знаеш, гарвану мој, единствена сум и нема поарни од мене. Мојата несреќа е во тоа што те сретнав токму тебе…Леле јас сирота…А сум имала во младоста толку поквалитетни гулаби од тебе…Миличок мој, свести се еднаш, не спи. Ќе ти летнам од кафезов, а после да те видам што ќе правиш без мене“, почна да вика мојата В.Н..
Ни трага ни глас од нејзиното мило гулабење“.
„Ако не ти чини со мене, барај си друг. Што си се прилепила за мене како таксена марка?“, ѝ загракав јас.
„Јас таксена марка, нели? Е да знаеш, нема лесно да ти се одлепам. Кога сум ти таксена марка, има прво и прво да ме платиш. Има да ми платиш за сè што сум сторила досега за тебе. Јас направив човек, гулаб од тебе, еј, а сега…таксена марка! Срам да ти е!“
„Бев и човек и гулаб дури не те сретнав тебе!…Љубов на прв поглед?! Ха,ха,ха. Ај љубов да е, се јаде некако. Ама уште на прв поглед…Мајмун станав со тебе, чавко низаедна, мајмун на прв поглед! Неандерталец!“.
„И мајмун си, точно. Мајмун!…Да ме слушаше мене, да бевме рамноправни ќе станеше не човек, ами човек ипол“.
„А, не, благодарам. Половината ти ја подарувам. Ако може само човек да си останам, доста ми е. Ќе ти бидам длабоко благодарен“.
„Зошто си ме мајко родила…гу, гу“, почна да плаче и да гугутка мојата В.Н..
„Зошто си ме татко направил, леле бре“, прифатив и јас и си загугуткав.
Па, откако си го истеравме гугуткањето едно време, јас и мојата В.Н. како две гулапчиња дојдовме до заеднички заклучок:
Убаво тренирање на нервите.
Потоа се договоривме да појдеме на гости кај нејзините, а по нив и кај моите драги, мили, сакани, никогаш незаборавени родители“.
(Два гонга)
Македон:
И? Што има лошо во тоа? Што е загрижувачко за тебе, моја Европо?
Европа:
Заклучокот, Македоне мој. „Убаво тренирање на нервите“. Како убаво? Во ЕУ и НАТО има тренирање на нерви. Нормално. Особено помеѓу големите, а посебно кога се стратешки прашања во прашање. Ама тоа никогаш, ниту во брачно-вонбрачни односи не е убаво…Ако ви е тоа некоја ваша, балканска, протомакедонска навика, традиција, ќе морам за тоа да реферирам кај моите и да ви наметнат реформа на тој план.
(Еден гонг)
Македон:
Ако е така, тогаш поарно да не ти го кажувам примерот со бракоразводната постапка на К.Л и З.П.. Веднаш ќе испратиш негативен извештај и за судството кај нас.
Европа:
Штом така велиш ти, а јас ти верувам, мислам дека ќе се јават проблеми и помеѓу нас. Јас како како стара дама, ваша помошничка-интеграторка и олеснителка, ќе морам да го преиспитам мојот брачно-вонбрачен однос со тебе.
Македон:
Немој да мислиш дека многу ме насекира. Во последно време некако чудно ми се однесуваш…Но чуј и почуј што и како било со парничењето. Значи, те пренесувам во судница:
(Три гонга)
„Да почнеме, дами и господа“, почнува судијата. „Господине, стани, стани и ти Госпоѓо. Мислам дека не треба да ве потсетувам на должноста да одговорате и зборувате искрено, да не криете ништо, да не се лажете меѓусебно“.
„Не треба, Господин судија“, одговара машкиот бракоразводник. „Доста си се лажевме досега, па нема потреба отсега. А и нема што да лажеме. Се знае сè“.
„В рад, да почнеме…Прво да ве прашам двајцата зошто сакате да се разведете“, почнува судскиот процес. „Молам по ред и да не си упаѓате во зборот. Прво мажот…К.Л.“.
„Јас, Господин судија, не би се разведувал ако нема зошто“, почнува мажот по ред. „Ама има, и тоа многу зошто…Зошто, на пример, жената, Госпоѓава идна Госпоѓица З.П. сака да се разведе од мене? Јас знам зошто, ама таа не знае. Ние не си одговараме, Господин судија, не си одговараме во никој поглед…Ќе трпите ли Вие Вашата жена постојано да ви контрира, и кога сте и кога не сте во право? Нема, нели?“
И не го чека одговорот на судијата, туку продолжува:
„Ѝ велам јас дека немам слободно време да излегувам сам на шетање, да си имам свое друштво, независно од тоа дали машко или женско, а таа не признава. Вели: „Кога имаш време за мене, да шеташ со мене, ќе најдеш време и за други“. Кога треба да одам на службен пат на неколку дена, замислете таа се радува како дете. Вели: „Убаво, и треба да одиш. Службеното патување е измислено за мажите“. Јас ѝ одговарам, односно ја прашувам: „А зошто да не е измислено за жените?“. Таа одрекува: „Не е за жените оти на службениот пат може да им се случи сешто“. Јас пак ја прашувам: „Зарем не може сè и сешто да им се случи и на мажите?“, а таа: „Каков маж си ти? Ти не си маж ако не ти се случи ништо на службениот пат“. На што мисли кога ми тврди вака, тоа не знам, Господин судија. Ама убеден сум дека не ми мисли арно“.
„Имаш ли уште нешто? Некој потежок аргумент за развод?“, го прекинува судијата прашувајќи го.
„Имам, како немам…Прво, мислам дека овие што Ви ги кажав се мошне тешки аргументи. Но, се согласувам дека од тежок има потежок. Потежок аргумент е, на пример, што таа, Госпоѓава идна Госпоѓица З.П., не може без своите родители. Малку, малку, па ќе реши да намине кај нив. Да ги види, да ги праша здрави ли се, живи ли се, да не им треба нешто да им купи, да им набави“.
Судијата малку повеќе се чуди, но ништо не вели, си го премолчува коментарот.
Ѝ се обраќа на жената:
„Ајде сега Вие, Госпоѓо З.П.. Да ги слушнеме Вашите контрааргументи“.
„Ги имам многу, Господин судија, па не знам од каде да почнам“.
„Како што се вели во такви случаи, почнете од почеток…Прво, што е тоа што Ви пречи кај Вашиот маж? Тој пуши, а Вие не сакате мажи што пушат?“
„Не, Господин судија, не пуши. Откога сме во брак цигара не ставил в уста“.
„Тој пие, а Вие не сакате мажи што пијат?“
„Не, Господин судија, алкохол ни да помириса“.
„Не е доволно внимателен кон Вас?“, продолжува да прашува судијата.
„Напротив, дури и премногу. Еве, да Ви кажам конкретно во што е проблемот…Нешто рече тој, мојов Господин К.Л., се надевам отсега само бивш маж, а јас да доречам.
Му велам јас: „Што си, бре, толку будала? Што си запнал толку на работа? Мислиш дека со работа ќе заработиш повеќе?…Што не ги отвориш малку очите, да ја проанализираш работната средина? Никој, бре, не работи како тебе…Разбери еднаш: ако сакаш да заработуваш повеќе, треба да работиш помалку“. Тој не разбира, Господин судија. Си ја тера по свое.
И уште нешто, уште потежок аргумент: никако тој, сè уште мој маж, не може без своите родители! Малку-малку, па трк кај нив. Да ги види, да ги праша здрави ли се, живи ли се, да не им треба нешто да им купи, да им набави. Не претерува и во тоа, ама што е многу, многу е“.
„Значи, имате ист тежок аргумент“, констатира зачудено судијата. „Не рековте дали живеете со своите родители? Да не сте заедно со нив во брачните води?“
„Не, Господин судија“, вели жената. „Уште со првиот брачен расчекор расчистивме со нив. Кој денес може да опстане заедно со родителите?“
„Не за друго“, се надодава мажот, „расчистивме за да си немаме проблеми со нив, а и тие со нас. Ни купија станче, ни купија сè друго што ни треба за скромна живеачка-кујна, дневна, спална и така натаму, автомобил…Си живееме самостоен брачен живот. До ден-денеска“.
„Така значи“, заклучува мудро бракоразводниот судија. „И сега? Сакате да се разведете?“
„Сакаме. Од тоа нема отстапување“, велат еден по друг бракоразводниците.
„И нема никаков спас за вашиот брак?“
„Нема, Господин судија“, одговара К.Л.
„Нема зошто да се лажеме. Тоа е тоа“, одговара З.П.
„Добро…Јас тука ништо не можам да помогнам. Како што сте решиле, така нека биде“.
И се разведоа мажот и жената.
Судијата позитивно ја заклучи оваа нормална секојдневна бракоразводна постапка.
(Три гонга)
Европа:
Е, ова што го чув ги преминува сите нормални бракоразводни граници. Тоа е доказ дека судството ви е ептен некомпетентно, неавторитетно, индолентно…Така лесно да се донесува одлука за развод, со такви дилетантски аргументи на бракоразводниците…
(Ѕвон на воловско ѕвоно сè додека публиката не ја напушти визбената сала.)