Потребно време за читање: 10 минути

XXV

Доверба во човековата природа

Извлечено од поетски и прозни дела на современиот виден книжевник Дамјан Истиноски:

Човековата природа е даденост од раѓање и постојано надградување до смрт. Тоа значи дека он е нераскинлив дел од неа. Во взаемност и обусловеност. Многу повеќе неменлива одошто менлива. Може да се рече и дека е запишана во неговите гени, во содејство со природата надвор од него, околу него, на дофат или недофатно. Заедно со трагите, знаците и писмото во нив оставени од предците, пренесени од родот и сродството. Сите се различни во секој човек, во зависност од она што натежнува или оние што натежнуваат. Друго е со нејзиното изразување во светот на трајноста и минливоста. Во светот на трајноста таа се вградува во сопствено дело сосе времето на постоење и опстанување, а во светот на минливоста таа се прилагодува многу повеќе на надворешните одошто на внатрешните пориви, сомненија, надевања, желби, стремежи.

Одделно за даденоста на човековата природа од раѓање, нејзиното постојано надградување до смрт и довербата во неа:

Даденоста од раѓање содржи минато во сегашност и сегашност во иднина. Не само време, туку еднакво, може дури повеќе живот и животни приклученија како поенти. Сосе реагирањето на нив. Притоа, живот што се живее не еднолично, а разновидно, не во постојан ритам, а интензивно, не осамено во самост, а во мислење и паметење. Притоа, животни приклученија кои човековата природа ја напињаат или ја опуштаат, ја мобилизираат или ја ослободуваат, сè во зависност од влијанието на нивната суштественост.

Конкретно во расказ или песна:

Се случува некое невреме во кое не може ни да се насети ни да се препознае во крајот, па е нужно што поскоро да се пронајде или да се направи односно согради засолниште. Несетно или бележито се следи неговото случување, зашто од него најмногу зависи брзината на пронаоѓањето, правењето или соградувањето. Во меѓувреме или, пак, во неочекуван и ненадеен миг пронајденото, направеното или сограденото засолниште не издржува, се урива, се разурнува, па невремето ја доведува во опасност човековата природа, а може дури да ја загрози егзистенцијата на човекот.

Постојаното надградување до смрт е всушност воспримање на мените на природата и самиот живот од една, а од друга страна нејзино менување со опитност, знаење и енергија. Постојано, без престан, без здив. Притоа, во ниеден момент не станува збор за меѓусебно прилагодување, взаемност и обусловеност во зависност од личното или колективното опстојување-назадување, стоење во место, напредување, туку за коегзистенција. Може повеќе за меѓусебно спомагање во стварен свет. Кој трае додека трае.

Конкретно во расказ и песна:

Он гради дом со една одаја од темел до покрив сам, без припомош од никој свој. Во кој никогаш нема да дозволи да угасне огнот што ќе му топли снага и ќе го брани од мрачнина. Не чека да мине потребното време на зацврстување на темелот, туку во меѓувреме прави ѕидови, врата и прозорец. При крај е и со покривот од греди и ќерамиди. За после да не ги поставува со многу напор, освен за поставување сè на свое место. Само наизглед гради дом ни на земја ни на небо. Кој знае, знае дека за темел на каков било дом со една одаја и неугаслив оган е потребно најмногу време на чекање, а ѕидовите, вратата, прозорецот и покривот се прават однапред бидејќи се димензионираат однапред и се прават однапред за да се наредат по ред.

Она што никој намерник не го забележал е дека заедно со темелот, среде одајата веќе изгради камено огниште, а оган во него сè уште не запалил.

Конечно за довербата во човековата природа:

Современиот виден книжевник Дамјан Истиноски отсекогаш имал целосна доверба во човековата природа, доколку е доследна на себеси. Тоа најнапред значи секогаш препознатлива, изразита, лесно докажлива и исполнителна. Која никогаш не изневерува, која секогаш спрема секого се однесува достоинствено.    

Од колумните (поентите)      
на Дамјан од Истин        

1. Политичарите се виновни за сè?

Една изјава, поточно поплак на млад и „перспективен“ политичар „од кариера“ (наводниците сугерираат сомнеж) заслужува внимание: дека „излегува“ оти за сè што се случило и се случува во земјава се виновни политичарите и никој друг. Со една „додавка“-прашање како пример: што е со вината на бизнисмените?

Најпрвин, оваа изјава имплицира признание на вина. Тоа воопшто не изненадува, но загрижува што доаѓа од млад и „перспективен“ политичар. Ја ставам под големо прашање неговата кариера затоа што уште сега, како млад се чувствува виновен или ја споделува вината со другите политичари. Натаму, изјавата кажува дека многу нешта, а можеби и сè, младиот политичар не е дециден и определен, е криво, погрешно сторено-направено, но и криво се прави, па кај него дошол моментот на осознавање, освестување, согледување на грешките. Но, вината за нив не ја чувствува само како своја.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), IX, роман

Настрана поплакот, поточно „жалбениот тон“, можеби е најточно да се каже барањето таа-вината да се сподели со некои други. Најверојатно затоа што ја чувствува како претешка и преголема. Уште понастрана фактот дека чувството на вина, одговорност, но и оптимизам и надеж, па и радост од „постигнатото“ едноставно не може да го има политичар кој никогаш не бил на позиција да прави и да греши, да владее, да биде дел од власта.

Пред да се задржам на евентуалната вина на политичарите, да се обидам да го „расчистам“ прашањето на вината на други, конкретно на посочените-бизнисмените. (Чудно е што како пример не е наведен народот или дел од граѓанството, бидејќи е „невозможно“, „неприродно“ тој да е невин. Напротив, кога јас би бил политичар и во „даден миг“ би почувствувал вина, најпрво него би го обвинил, би го прогласил за најголем виновник за ова како што ни е денес, а богами и како што ќе ни биде утре!)

Погрешно е кој било, а најмалку политичар, за што било, па и за вината како таква во „еден кош“ да ги става сите бизнисмени, колку за пример. Од проста причина што тие „драстично“ се разликуваат помеѓу себе. Прво според успешноста, а потоа според способноста и адаптибилноста (кај нас последниов е можеби и најважен бизнисменски „квалитет“). Партиската припадност или блискост не треба ни да ја спомнувам.

Значи, за сè што се случувало во блиското и подалечното минато, што ни се случува и, за жал, најверојатно уште многу долго ќе ни се случува, дел од вината сносат и некои бизнисмени. Кои? Мислам дека најсоодветно е да ги наречам успешно-неуспешните. Тие му доаѓаат како „нешто помеѓу“. Кои се? Мислам дека се добро познати, ги знаеме сите: оние што се ептен успешни, врвни, „локомитиви на развојот“ во период на владеење на едни, но се покажуваат и како ептен неуспешни, вистински катастрофални за македонскиот бизнис воопшто, за компанијата што ја (рако)водат конкретно, за работниците во неа најнепосредно; во периодот потоа, кога на власт ќе дојдат други, од „спротивната страна“. Гревовите на таквите успешно-неуспешни бизнисмени се навистина немерливи. Настрана фактот што поради таквата бизнисменска „надареност и докажаност“ се многу немирни и дење и ноќе, а особено им фали спокоен сон.

За народот односно граѓанството:

Да бев политичар, одамна ќе го прогласев за единствен виновник. Бидејќи е, и никако не може колку и да се обидува вината да им ја префрли на други. Но, бидејќи за жал не сум и, што е многу жално за некои мои пријатели, немам такви амбиции, ќе ја кажам неговата можеби најголема вина: што во сиот изминат период на транзиција и демократизација избирал млади, перспективни политичари „од кариера“ (и по некој од постарите и старите), како нашиов пример. Кои не чувствувале и не чувствуваат вина ниту за она за што се навистина виновни. Дали политичарите се виновни за сè? Јас одговорам: делумно и не баш за сè. За сè е виновна политиката.

2. Започна неформалната предизборна кампања

По самораспуштање на Парламентот, што следи по неколкудневна расправа која најчесто е всушност расправија, а потоа закажување избори, започнува тн. неформална предизборна кампања. Неформална всушност значи незаконска, која се чини никој и со ништо не може да ја спречи. Во неа, пак, по „обичај“ доминантна улога имаат тн. големи партии. Разбирливо, ја користат максимално, изобилно, злоупотребата од нив е најеклатантна, што значи дека уште на стартот нема рамноправност; изборите не се и не можат да бидат фер и демократски.

Круцијално прашање: бидејќи при злоупотребата на неформалната кампања најиголема улога „играат“ медиумите, што можат тие против неа, да ја „зауздаат“, да не бидат неретко главни соучесници и „виновници“ за конечните изборни резултати?   

Можат, поточно мораат да се однесуваат професионално. А тоа значи следно:

Сè битно и суштинско во неформалната кампања само да регистрираат, значи аргументирано и објективно. Притоа, силно и енергично да ги „напаѓаат“ „неформално“ изнесените валканици на „противничките табори“. Кои, пак, ги има во големи количества, особено во „рамките“ на слободата и демократијата, национализмот, патриотизмот, европеизацијата, економските успеси и неуспеси, стандардот и „нестандардот“ на граѓаните, мафијаштвото  и чесното владеење итн. Наместо сето тоа, независно и самостојно, со свои анализи, согледувања, оценки и проценки да ја „насликаат“ актуелната состојба со што ќе „помагаат“ во насочувањето на постизборната партиска „активност“, без оглед на (не)очекуваната добиена позиција-власт или опозиција.

Ако сето тоа не, тогаш задолжително без заземање страна, значи сосема неутрално да ги презентираат ветувањата кои партиите се обврзуваат дека ќе ги исполнат доколку ја добијат довербата на гласачите, доколку ја освојат власта или станат дел од неа.    

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXIII

3. Дневна мудрост

Незнаењето, нестручноста и некомпетентноста, волунтаризмот, еклектицизмот, примитивизмот, медиокритетството-се едни од тн. „дежурни теми“. Од едноставна причина што се сеприсутни во нашето живеење и опстојување, што нè туркаат сите нас сè подлабоко во бездната на бесперспективноста, што станаа единствен „успех“ на конкретните ангажмани на политичарите во власта и од опозицијата (кога беа на власт).

Нема потреба претходнава констатација да ја поткрепувам со „крупни“ примери. Напротив, овојпат ќе приведам еден „ситен“, а всушност дел од „најкрупниот“: заштитата на интелектуалната сопственост. И веднаш ќе се оградам од она на што таа се сведува кај нас и мошне успешно се спроведува: заштитата на музичките и продукциските права (на што се сведува и борбата против пиратеријата).

Дали ви е познато дека кај нас кога би се обиделе нема шанса да успеете да заштитите авторство, на пример на некој назив односно наслов во електронски или печатен медиум? Се разбира, притоа не мислам на генеричките поими кои не им се познати ниту на некои „компетентни“ судии, па неодамна еден од нив донесе скандалозно ступидна забрана токму поради незанењето што е тоа генерички поим. Мислам буквално на оригинален назив или наслов на рубрика, емисија, радио или тв-програма. Да не спомнувам програмска концепција, односно програмска шема.

Конкретен пример:

Терминот „дневна мудрост“ е мој, оригинален и се однесува на една многу суштинска, пред сè филозофска „содржина“. Но, на „некој“ многу му се допаднал и си го присвоил за „свои потреби“, па како „таков“ почна да го реализира во рамките на своите пакет-услуги. Станува збор за една голема компанија. Без притоа барем да провери дали може да го „позајми“ без да праша. А ако прашаше, ем ќе му ја објаснев суштината на називот, ем ќе му помогнев својот „пакет“ да го именува соодветно.

Не толку поради „позајмицата“ (кражбата), колку поради значењето, смислата, содржината, за вас што читате и слушате, а не само прочитувате и преслушувате, да кажам неколку збора за дневната мудрост:

Таа не е за дневна употреба или за еднодневно траење. Таа не е за, туку на денот. Што значи дека има исто значење како „мудрост на денот“. Дневна е затоа што се користи, односно се препорачува да се користи на конкретен ден, а потоа и во секој нареден затоа што мудроста не е мудрост ако трае само еден ден. Впрочем, секоја „дневна мудрост“ би требало да е трајна и бескрајна, а се презентира не како „искра на мудроста“, туку токму како вонвременска. И, што е особено важно, активна-активистичка. Атоа има пошироко значење од актуелна, актуелизирана.

Кога дневната мудрост би се толкувала како „дневна“ односно за ден, тогаш тоа би претпоставувало дека постои и „ноќна“. Се разбира дека постои, но таа е различна единствено во однос на содржината. На пример, „ноќна“ не би можела да биде со „борбена“ содржина; на пример на љубовен план. Но, тоа е веќе во рамките на една теоретско-практична област која се нарекува именување и е дел од дизајнот, имиџот, брендот, препознавањето. За што е потребна посебна стручност-специјално знаење.

„Грешката“ што ја направи неспомнатата компанија со „позајмувањето“ (кражбата) на називот „Дневна мудрост“ би можела да се поправи со еден друг, соодветен назив на својата услуга најавена како иста содржина: „Мудрост за 24 часа“. Соодветен назив бидејќи и оваа, како и сите други нејзини услуги и „пакети“ е со траење од најмалку 24 часа (не само во текот на денот или ноќта).

Што се однесува на проблемот со заштитата на интелектуалната сопственост, само колку за пример од електронското издаваштво: оние што не знаат, можат лесно да проверат колку вреди заштитен оригинален назив-наслов.

Имено, постои една мала држава во светот, за која многумина не ни слушнале, а која „дебело“ заработува благодарение на заштитената кратенка на своето име, а која случајно (дали?) се совпаѓа со „најмасовната“ на светот-ТВ.

4. Минливоста и напредокот

На минливоста како дел од сушноста на егзистенцијата се навраќаме нерадо. Си спомнуваме на неа сведувајќи ја на трошење, на неизбежно губење на силата и актуалитетот, на значењето на епизодноста на секоја улога во просторот и времето; на неспособноста и неподготвеноста за адаптација и постојана промена, за прифаќање на новото, авангардното; конечно, на неизбежното физичко одминување, заминување, исчезнување.

Меѓутоа, во овие наши „модерни“ времиња (во наводници зашто тоа всушност не се; напротив, многу повеќе се декадентни, деструктивни) таа-минливоста најчесто ја изедначуваме со рамнодушноста, апатијата, пасивизацијата, неможноста со личен ангажман нешто да се промени, односно условеноста од други, најчесто спротивни или спротивставени „чинители“.

Тоа равенство, пак, произлегува од најсериозниот проблем кој го создадоа оние што измислуваа „топла вода“, како на пример: „Еден е животот“, „15 човечки животи не се ништо во споредба со 15 години создавање држава“, „Некои прашања не заслужуваат одговор“ и сл. (Патем, ова последново како ступидност од највисок степен изненадува што е изречено од книжевник-професор-интелектуалец, дипломат. Зачудува како да не го знае „логичното“ кое е сосема обратно: Многу одговори не заслужуваат прашања.)

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XIV, роман

Да, мислам на тоталното уривање-уништување на системот на вредности (кој го имавме каков-таков), а уривачите-уништувачите не успеаја (очигледно толку им се знаењата и способностите) да постават и во конитунитет да надградуваат нов. Таа, пак-трајноста се темели единствено на вредностите, на делата, на творештвото, а не на партиската припадност, полтронството, кариеризмот, малограѓанштината, медиокритетството, политичкиот дилетантизам.

Кога размислувам и се прашувам дали можеме скоро да очекуваме дека конечно ќе почнеме да се одлепуваме од дното, вистинскиот одговор можеме да го добиеме само ако ја „разголиме“ минливоста и ја сопоставиме на напредокот. Кој е исто така темелна сушност на егзистенцијата. И тоа напредокот прво на индивидуален, а потоа на колективен-заеднички план.

Обидете се да си одговорите на следниве прашања како едно:

Можен ли е каков-годе напредок со толкаво количество на минливост? Дали напредок или уште поголема минливост со луѓе на кои одамна им минало времето и кои нашево време буквално ги прегазило? Што очекувате од оние што власта ја сфатиле и приграбиле како минлива категорија, па ги впрегнуваат сите свои сили максимално да ја искористат додека не се потроши? Не е ли време да ги побараме и да застанеме зад оние кои секојдневно ја поразуваат сопствената и заедничката-„општествената“ минливост со сопственото творештво, со своето дело, со создадената докажана вредност? Со сопствената личност?

Нема напредок со минливи лица и маски.

5. Што ќе правите со недовербата, дами и господа?

Да, тоа е најголемиот нерешлив проблем и за власта и за опозицијата. Но, не само за политичарите, туку и за бизнисмените, институциите на системот, медиумите, синдикатите, сè до последните важни-семејните односи. Тотална деградација на довербата и самодовербата. Најблиски, испреплетени со моралот и непостоењето на систем на вредности, а кои, пак, изродија малограѓанштина, медиокритетство; дури кретенизам, тотална беда на духот, примитивизам, лигавење и коленичење.

Проблем? Катастрофа! Лична и колективна. Срамен пораз на достоинството, свеста и совеста.

Ако мислите дека претерувам, свртете се околу себе, нурнете се во себе, преиспитајте се себеси и по вертикала и по хоризонтала.

А кој „тоа го направи“?

Оние што премолчуваат дека сите досегашни избори во зземјава-претседателски, парламентарни, локални ги местеле, ги спроведувале крајно неферски и недемократски, но конечно се „свестиле“ па следните решиле да ги спроведат „кристално фер и демократски“. Оние што досега нè транзитираа ептен „успешно“, па им преостанува уште да не европеизираат, а самите не ни почнале да се транзитираат од корумпирани, криминални, „рекетарни“, без’рбетни полит-бизнис олигарси во успешни, умни, учени, способни, модерни политичари, бизнисмени, интелектуалци, творци. Оние што со својата ништожност сè до што ќе се фатат ништожат, урнисуваат сè што барем малку вредеше и вреди затоа што се безвредни, безлични, нечесни.

А ти, Човеку наш насушен, продолжи да си молчиш. Биди натаму рамнодушен спрема сè што ти се прави, прифаќај и натаму дека за тебе нема други имиња освен Трпе и Трајче,Трпејца и Трајчејца. Продолжи си така како сè да ти е преку Тасета.

Но, барем собери храброст колку да ги прашаш дамите и господата за нешто. На пример:

Зарем не мислат оти им е дојдено времето да излезат пред тебе и да кажат што добро ти направиле и ти прават, а ти тоа не го гледаш и не го чувствуваш, да ти покажат што е тоа што не е сè така црно, туку има и понешто бело?

Собери храброст барем колку нивната, па кога некој од нив веќе се осмелува да те праша „Како си?“, ти да му возвратиш (не да му одговориш): „Зарем не ти е срам уште ваков пред мене да си?“

Дами и господа, сакам да ви дадам еден совет. Како од еден кој не се вика ни Трпе ни Трајче, а не се одзива на ниедно од вашите со кои си ги крстите своите:

Бидејќи довербата тешко се стекнува, мошне лесно се губи, а немате ниту време, ниту сили допрва да ја стекнувате оти никогаш не сте ја ни имале за да ја изгубите, обидете се во наредниот период малку да не им излегувате пред очи на Трпевци и Трајчевци. Не за друго, само затоа што ќе ви е џабе излегувањето. Толку им е стемнето што и оро да им заиграте на нивна свирка нема да се фатат на него. Поарно ќе е да се вардите да не ве фатат ако си го заиграат своето. И научете го, запомнете го барем ова:

Без самодоверба нема доверба!