Спорот околу името помеѓу Република Грција и Република Македонија опфаќа неколку прашања главно обединети околу името Македонија, етничкото потекло на населението што живее во оваа земја, како и ословувањето на јазикот кој тоа го користи. Ескалацијата на спорот се проширува до такви рамки што неговото решавање вклучува и учество на меѓународни медијатори од највисоко рамниште.
Спорот, во главно, е плод на несогласувањето на Република Грција да го прифати уставното име Македонија. Привременото решение „Поранешна Југословенска Република Македонија“ (во англиската верзија „Тhe former Yugoslav Republic of Macedonia“), покрај Република Грција, го користат и неколку други земји кои не го признаваат уставното име на Македонија.
Сегашните граници на Република Македонија се повлечени во 1946 година, кога Народна Република Македонија станува дел од ФНРЈ. И остануваат исти до ден денешен. По осамостојувањето од Југославија во 1991 година, Македонија бара признавање под уставното име во Обединетите Нации, врз основа на извештајот на Бадентеровата комисија. Република Грција се спротиставува на меѓународното признавање на Македонија под уставното име, и тоа по неколку основи: Уставот на земјата, знамето и името. Со цел да го спречи признавањето на Македонија, Република Грција како земја членка на Европската Заедница, извршува притисок врз останатите земји членки преку Лисабонската декларација, која забранува било какви територијални претензии кон Република Грција, непријателска пропаганда или, воопшто, користење на терминот Македонија од страна на Република Македонија.
Поголемите политички партии во Грција на 13 април 1992., се согласуваат дека зборот Македонија не може да биде вклучен во ниту една форма во името на Република Македонија. Грчката дијаспора исто така се мобилизира, вршејќи силен притисок во Соединетите Американски Држави и Канада.
Република Македонија под своето уставно име аплицира за членство во Обединетите Нации на 30 јули 1992. година. Од официјалната апликација до официјалниот прием, предизвика дипломатска бура во ОН како и во балканското соседство. Во меѓувреме, додека се чека признавање од ОН, Бугарија, Хрватска, Литванија, Словенија, Турција, Белорусија ја признаваат Македонија како Република Македонија. Растегнувањето на признавањето има сериозни импликации врз состојбите во Македонија.
Земајќи ги предвид состојбите во Хрватска и Босна и Херцеговина, станува повеќе од потребно Македонија да се стабилизира, па ова станува и дел од приоритетите на меѓународната заедница. Разградувањето на ситуациите во поранешна Југославија, предизвикаа за прв пат ОН да создадат превентивни мировни трупи.
Историска позадина на спорот
Македонија преку чија територија поминуваа патиштата што водат од Централна Европа кон Блискиот Исток, всушност претставува не само сообраќаен, туку и стратешки јазол. Долината на Вардар ја има предноста што од север преку Моравската долина води до големиот Солунски залив, од каде преку Егејското море завлегува на исток кон долината на Струма и на запад преку Албанија до Јадранско Море. Оттука за Македонија не се борат само младите балкански држави кои сакаат со Македонија да ги зголемат својата територија и бројноста на населението, но и големите-Австрија, Русија, Англија и Турција-чиј стремеж да играат клучна улога во структуирањето на Балканот ќе се манифестира токму преку нивните територијални претензии кон Македонија.
Безбројните извори (книги, статии, студии, дипломатски преписки) јасно сведочат дека не само балканските, туку и европските влади и` посветувале внимание на Македонија. Во европската историја тешко е да се најдат слични примери толку да се пишувало и расправало за националниот карактер на еден народ, каков што е случајот со Македонците.
Оваа преокупација околу националниот карактер на Македонците произлегува од определени политичко-стратешки интереси и тоа не само на балканските националистички кругови, туку и на големите европски сили (во прв ред на Австрија и на Русија), кои во трката за завладување на Балканот, настојуваат да ја вклучат и Македонија во својата интересна сфера, поради нејзината извонредна географско-стратешка положба.
Бидејќи Македонците главно претставуваат импозантно мнозинство од населението, заинтересираните страни ги ангажираат сите свои сили, вклучувајќи ја тука и науката, за да ги прикажат нив било како Бугари, Грци или Срби, за да го имаат на своја страна при решавањето на македонското прашање и принципот на народноста.
Бугарските, грчките, српските, романските и мнозина европски писатели даваа контроверзни сведоштва за Македонија и нејзиното население. Поради тоа, подоцна и многумина се прашуваа дали е воопшто можно, во овој галиматијас на докази, да се дојде до една вистина за Македонија и Македонците.
Имено, контроверзните „докази“ за Македонија, со што e преокупирана европската јавност, им даваат поттик на некои духовити француски умови да го искористат терминот “Масedoinе“ во сосема практични цели. Со ова име тие не ја нарекоа само салатата составена од разновиден зеленчук или компот составен од разновидно зашеќерено овошје, туку и една игра со мешани карти. Дури, со ова име го нарекоа и еден вид литературни приредби што се одвиваа во цитирање на поезија и проза.
Дискусиите околу националноста на Македонците во европскиот свет започнуваат со прашањето: Дали се ова Грци или Бугари?, а не, Дали тие претставуваат нешто трето и посебно? Тезата која малку подоцна се оформи од српските националисти дека Македонците се Срби, уште не се поставуваше, бидејќи самата српска влада, се` до смртта на кнезот Михајло 1868 година пред себе имаше други цели и разбирања.
Меѓутоа и ваквото поставување на прашањето произлегува не од фактот дека тие навистина се Грци или Бугари, туку од замрсеноста на проблематиката што произлегува од една страна, од етничкиот состав на населението, а од друга, од турскиот начин на поделба на населението не врз етничкиот принцип, туку врз црковната припадност.
Бидејќи Македонците се под Цариградската патријаршија и како такви припадници на “грчката“ вера, тоа грчките и бугарските националисти сакаат да го искористат на свој начин, секој за своите интереси. На едните им пречи македонскиот етнос, а на другите црковната припадност.
Грчките националисти кои сонуваат за нивната Голема Идеја, во ова време почнуваат да тврдат пред Европа дека Македонците се пословенчени Грци, па според тоа и припаѓаат на грчката народност и држава.
Бугарските пак лидери, поттикнувани од руските словенофили, тврдат обратно, дека Македонците не можат да бидат Грци, туку се Бугари. Меѓутоа, додека едните “докажуваат“ дека Македонците се Грци, а другите дека се Бугари, од самата македонска средина почнуваат да се појавуваат луѓе кои на прашањето: Што се: Бугари или Грци?,одговараат дека, не се ни Грци, ни Бугари, туку Македонци, потомци на старите Македонци и Словените. Бугарските пропагатори удираат со голема жестина по ваквите македонски произнеси.
Во овие настапи тие имаат силна подршка и од грчките националисти. Изјавите на Македонците за физиолошката врска со древните Македонци, се слабата точка која тие ја користат за своите напади. “Како тоа денешните Македонци од словенско потекло да се викаат Македонци и своето потекло да го извлекуваат од древните Македонци, кога во времето на Филип и Александар Македонски, ниту во Македонија, ниту на Балканот немало Словени, кои на овие простори се населиле дури на крајот на 6 и во почетокот на 7 век?”
Бугарските националисти се обидуваат пред светот да докажат дека тука се работи за гркофилски настроени луѓе, кои од свои посебни интереси се декларираат со “грчкото“ име Македонци. Во овие македонски истапувања, Петко Рачев Славејков гледа знаци на освестување на македонскиот народ и намерно го нарекува за куцовлашко чувство кое божем му е својствено само на Влавот или Гркот, а никако на Словенот, со цел да ја прикрие посебноста на македонскиот народ.
На фактот што Македонците истакнуваат дека не се ни Грци, ни Бугари туку Македонци, на почетокот многу слабо се обрнува внимание. Во Европа грчкото и бугарското кралско т.е. царско влијание, се многу посилни отколку народното македонско. Наспроти нив се јавуваат луѓе што се декларираат за Бугари или пак славофони Грци. Овие луѓе се убедувани и плаќани од бугарските и грчките агитатори и агенти или како деца воспитувани во бугарските (егзархиски) и грчките (патријаршиски) училишта и цркви, каде се учат дека тие се Бугари т.е. Грци. Дел од рускиот, српскиот и другиот славјански печат ги мислеше овие бугаризирани Македонци за вистински водачи на македонскиот народ.
Така и цела Европа, на изјавите на македонските патриоти дека се Македонци, верува, како што изнесуваат бугарскиот царски двор и бугарските националисти, дека тие низ долгодишното грчко духовно ропство ја заборавиле својата бугарска народност, па го прифатиле македонското географско име, кое за тогашниот европски свет е синоним на грчкото, особено што во жолчната дискусија околу народниот карактер на Македонците грчките националисти го земаат токму тоа именување на самите Македонци како најсилен „доказ“ дека тие се „Грци“.
Еден од најважните моменти кои треба да бидат познати при определување на позадината на спорот за името, лежи токму во периодот кога се потпишува Букурешкиот договор.
Од Берлинскиот конгрес до Првата Светска Војна, македонското прашање претставува најтежок, најкомплициран и најдолготраен проблем со кој се соочуваa Османлиската империја и големите сили. Всушност, самиот тој настанува тогаш кога големите сили настојуваат да ги остварат своите интереси на Балканот, а соседните земји да завладеат со Македонија.
Ова прашање добива во актуелност со геостратешката положба на македонската територија и со етничкиот состав на населението. Македонија го зафаќа централниот дел на Балканот, на исток и на запад меѓу Тракија и Албанија, на север и на југ меѓу Шар Планина и Егејското Море, преку Вардарската и Моравската долина го поврзува Солун со Белград и со Централна Европа, така што станува интересно подрачје за големите сили.
За соседните земји е значајна затоа што со нејзино завладување, било која од нив, се здобива со предност која овозможува и доминација на Балканот. На геостратешката положба на Македонија значајно влијае и етничкиот состав на населението – во услови на непризнавање на македонската нација населението се изјаснува според влијанието на соседните пропаганди.
Непосредно пред Балканските војни, во рамките на етничките граници на Македонија, на површина од 67.741,2 км2 живеат околу 2.360.000 жители, од кои 52,4% се христијани, односно Македонци, 22% се Турци, 10% се Власи, 3% се Евреи и 2,4% се Роми.
Империјата пристапува кон утврдување на стратегиски важните места на Балканот, за евентуална војна со балканските држави, кои увидуваат дека само заедно можат успешно да и` се спротивстават на османлиската војска.
Наскоро почнува договорањето меѓу балканските земји, а во тие рамки особено значајно е помирувањето меѓу Бугарската егзархија и Грчката патријаршија и донесувањето на Законот за спорните цркви, манастири и училишта во јули 1910 година.
Создавањето на Балканскиот сојуз меѓу Србија, Црна Гора, Бугарија и Грција го поддржува Русија, пред се` со цел да го спречи навлегувањето на Австро-Унгарија и Германија на Балканот.
Борбата за македонската територија се води со сите сили и средства и во сите области. По повлекувањето на османлиските сили, српската, грчката и бугарската војска ја распуштаат во меѓувреме воспоставената месна власт и воведуваат свои органи.
Тие го принудуваат македонското население да се прикажува како да е од иста националност со органите кои ја воспоставуваат власта и да испраќа писма, анкети и апели дека наводно сака нивниот град и околија да бидат соединети кон соодветната држава. Егејскиот дел на Македонија со површина од 34.356 км2, го добива Грција, Вардарскиот дел на Македонија со површина од 25.342 км2 го добива Србија, Пиринскиот дел на Македонија со 6.798 км2 влегува во состав на Бугарија, a Албанија добива 1.115 км2 од територијата на етничка Македонија.
Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел на Балканот станува периферија и провинција на балканските земји. Веднаш потоа почнува асимилирањето на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите од Балканските војни македонското име не се употребувало, иако војната главно се водела во Македонија.
„Лондонски договор, 1913“
Лондонската мировна конференција свикана е во средината на декември 1912. со цел да се потпише договор меѓу победничките во Првата Балканска Војна и поразената Турција, која со намера да задржи што поголема територија на Балканот, предложува на Македонија и Албанија да им се даде автономија под нејзин суверeнитет.
На 27 декември 1912. Албанија е призната за независна држава, а предлогот за Македонија не е прифатен. Србија и Грција уште пред војната тајно се договорaат дека нема да дозволат создвање на самостојна Македонија, ниту постоење на бугарско-албанска граница меѓу државните граници на Србија и Грција. И Бугарија го одбива турскиот предлог за создавање на автономна Македонија.
Бугарија и Грција ги заоструваат односите уште во почетокот на Првата Балканска Војна, a особено откако грчката војска го зазема Солун. Во нотите од 3 и 18 ноември 1912. година, како и од 22 април 1913. година, Грција предлага да се реши прашањето на границата. Бугарија ги отфрла предлозите како претерани, но не дава свои противпредлози. Со потпишувањето на Лондонскиот мир на 30 мај 1913. година со Турција, односите меѓу балканските држави уште повеќе се заоструваат.
Во ова време, сојузниците ги окупираат оние територии што ги имаат заземено во војната против Турција. Меѓу Србија и Бугарија уште во време на војната e создадена привремена демаркациона линија: Патарица-Руен-сртот на Осоговските Планини-Злетовска река-Брегалница, до сливот на Крива Лакавица-сртот Плавуш-Дојранско Езеро. На таа линија започнува префрлувањето на бугарската војска од Тракија и концентрацијата на силите кон Грција. Тоа е причина на 1 јуни 1913. година Србија и Грција да склучат договор за пријателство и одбранбен сојуз против Бугарија.
Со тоа e извршена втората поделба на Македонија во текот на Балканските војни и се воспоставени границите меѓу Србија, Бугарија и Грција. Покрај тоа, Србија добива право на слободно користење на пристаништето во Солун во траење од 50 години. Истиот ден потпишана e и Воената конвенција, во која сe регулирани меѓусебните воени обврски и соработката меѓу Србија и Грција во случај на напад од Бугарија или на некоја друга држава. По тие настани, големите сили, со оглед на сопствените интереси кон Балканот, развиваат широка дипломатска активност. Русија настојува да го зачува Балканскиот сојуз во обид преку него да го спречи австро-германското продирање на Балканот, а Австро-Унгарија тежнее кон разбивање на овој сојуз и ја поддржува Бугарија, велејќи и` да не попушта во своите барања.
Компромисно решение
Во текот на 1992. година Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и меѓународната конференција за поранешна Југославија, се согласија да ја примат Македонија под уставното име, но до разрешување на спорот со Грција да ја користат привремената референца: „Тhe former Yugoslav Republic of Macedonia“. Истата терминологија е прифатена во јануари 1993. и од Франција, Шпанија, Обединетото Кралство. Овој предлог проциркулира на 22 јануари 1993. од страна на Генералниот секретар на ОН-Бутрос Бутрос Гали. Предлогот е веднаш одбиен од Грчкиот министер за надворешни работи-Михаел Папконстантину. Во писмо до Генералниот секретар од 25 јануари 1993., тој вели дека: „користењето на терминот Република Македонија во било која варијанта, ќе создаде уште поголеми тензии и може да предизвика дестабилизација во регионот“. Македонскиот претседател Киро Глигоров, исто така се спротивставува на формулата во писмо од 24 март 1993., каде што го информира претседателот на Советот за безбедност на ОН, дека Република Македонија не може да ја прифати референцата и Македонија доследно не ја користи референцата во ниедна форма. Дополнително се создаваат притисоци и од српска страна, бидејќи дел од националистите во Србија се обраќаа кон Македонија како кон Јужна Србија, имплицирајќи на терминологија од пред Втората Светска Војна.
Двете страни се наоѓаат под силен дипломатски притисок да изнајдат компромис. Поддршката која Грција ја имаше добиено од НАТО и Европската заедница, почна да избледува. На 20 јануари 1993. данскиот министер за надворешни работи, изјави дека грчката позиција е смешна и изрази надеж дека Советот за безбедност набрзо ќе ја признае Македонија и ќе и помогне. Грчкиот премиер, Константин Мицотакис, ја смени тврдата позиција и изјави дека Грција ја прифаќа привремената референца. На 7 април 1993., Советот за безбедност го одобри влезот на Македонија со Резолуцијата 817.
Резолуцијата е внимателно напишана и во нејзе се вели дека:
- Референцата “the former Yugoslav Republic of Macedonia” е привремена референца и се користи сè додека спорот не се реши;
- Терминот е референца, а не име, како неутрална гледна точка во спорот. Обединетите нации немаат мандат да го утврдат името на земјата;
- Терминот е за користење само во Oбединетите Нации и не е обврзувачка за било кои други организации;
- Терминот не имплицира дека Република Македонија има било какви врски со Поранешна Југославија.
Дополнително Грција одби да прифати Република Македонија во официјалниот адресар на ОН, да биде под буквата М, туку побара како Ф, и конечно Македонија сега се наоѓа во официјалниот адресар под буквата Т, како: „Тhe former Yugoslav Republic of Macedonia“ и сместена веднаш до Тајланд. По официјалното признавање, Грција не ја призна Македонија. Прва од големите сили беше Кина која ја призна Македонија под уставното име на 13 октомври 1993. На 16 декември 1993., две недели пред Грција да го преземе претседавањето со Европската заедница, 6 клучни земји членки: Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија и Обединетото Кралство ја признаа Македонија под референцата. Останатите земји на ЕЗ ја признаа Македонија до крајот на декември. Следуваа Јапонија на 21 декември, Русија на 3 февруари и САД на 9 февруари 1994.
Иако постоеше успех од постигнатиот договр, ова предизвика националистички испади во двете земји. Анти-западни и анти-американски демонстрации се случија во Грција, како одговор на признавањето. Владата на Константин Мицотакис беше крајно ранлива и под голем притисок на ултра националистите.
По приемот на Република Македонија во ОН, министерот за надворешни работи Антонис Самарас, ја напушти владеачката коалиција водена од Неа Димократиа. Ова на крајот доведе и до пад на владата во Грција. Владата беше заменета од Андреас Папандреу од ПАСОК, кој ги прекина преговорите во ОН кон крајот на октомври 1994. Во февруари 1994 година, Грција како средство на дополнителен притисок воведе и трговско ембарго кон Македонија.
Во Македонија исто така се појавија проблеми. Влезот на Македонија во ОН со користење на привремената референцата „Тhe former Yugoslav Republic of Macedonia“ беше изгласана со само 30 гласа ЗА, 28 ПРОТИВ и 13 ВОЗДРЖАНИ.
ВМРО-ДПМНЕ, повика на предвремени избори и го напушти парламентот, откако и беше изгласана доверба на владата со 62 пратеника.
Судири околу името немаше само на Балканот. По признавањето на Австралија под референцата, грчките и македонските етнички заедници во Австралија се судрија, каде што Грците палеа и уништуваа македонски имоти во Мелбурн. На што како одговор, неколку Грчки православни цркви беа нападнати во знак на одмазда.
Грција и Македонија конечно ги формализираа билатералните односи со Привремената спогодба, потпишана во Њујорк на 13 септември 1995. година. Со овој договор, Македонија се согласи да го смени своето знаме (ѕвездата од Кутлеш) и да го дополни Уставот во делот на преамбулата, каде што се вели дека Македонија нема никакви територијални претензии кон ниту еден од нејзините соседи. Грчката страна се обрврза да не го попречува патот на Македонија кон зачленување во институциите, како што се меѓународните монетарни институции, НАТО, ОБСЕ, ЕУ и слично. Барањето за зачленување може да биде со уставното име, но Грција го задржува правото на блокада на прием ако тој не е под времената референца. Во овој договор, Македонија и Грција се ословени како првата и втората страна, или по името на главните градови: Атина и Скопје.
Слично, при потпишување на билатерални договори, Македонија никогаш не се потпишува под времената референца. Ако другата страна инсистира на времената референца, на пример Светска Банка, тогаш првата страница на договорот се прави во две верзии – една за нашата страна со уставното име, и друга верзија за другата страна, и секоја си ја потпишува само сопствената верзија. Во случај на мултилатерални договори, Македонија не потпишува ниеден документ каде што не стои уставното име, туку со размена на писма ја известува одговорната институција (на пример, ООН, ЕУ) дека се согласува со договорот и дека стапува насила како закон во Република Македонија и го потпишува одговорниот орган со користење на уставното име.
…Блокада на членството во НАТО и тужба на Македонија против Грција
На 3.4.2008., на Самитот на НАТО во Букурешт, Грција ја блокираше поканата за Македонија за членство во НАТО. И покрај категоричното залагање на неколку водечки земји за приемот на Македонија, а пред сè на САД, Грција не даде согласност за покана на Македонија, образложувајќи го тоа со лошите соседски односи поради нерешениот проблем со името Македонија.
На 17.11.2008., Македонија покрена тужба против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, дека со попречувањето на приемот во НАТО, Грција директно го прекршила членот 11 од Времената спогодба, кој предвидува дека Грција нема да го попречува членството на Македонија во меѓународни организации.
Конечна одлука: Судот прифати две од трите тужбени барања на Македонија
Пресудата на Судот во Хаг во случајот кој Македонија го покрена против Грција. Судот прифати две од трите тужбени барања на Македонија.
По првото тужбено барање, со кое Судот се прогласи за надлежен во случајот, гласале 14 судии „за“, а само двајца „против“. За вториот заклучок на Судот, дека Грција ја прекршила Времената спогодба од 1995 година на НАТО-самитот во Букурешт 15 судии гласале „за“, а само еден „против“. Со ист распоред на гласови Судот ја донесе и одлуката дека не може да и` наметне на Грција во иднина да не ја блокира Македонија во нејзините ЕУ и НАТО интеграции.
Грција не успеа да докаже дека блокадата во Букурешт била одговор на македонската употреба на симболи во 2004. година. Судот утврди дека пред Самитот, Македонија не иницирала негативна кампања, односно според Судот, Македонија активно учествувала во преговорите за разликите околу името кои се водат под покровителство на ООН.
На почетокот од соопштувањето на пресудата, Судот го отфрли барањето на Грција за ненадлежност, и се прогласи за надлежен во случајот кој Македонија го покрена против Грција во ноември 2008 година.
Судот кој одлучуваше по жалбата на Македонија го сочинуваа 15 судии од целиот свет, и во него немаше судии од Македонија и од Грција. Двете страни во спорот имаа именувано по еден ад-хок судија. Македонската страна ја претставуваше судијата од Хрватска, Будислав Вукас, а грчки ад-хок судија беше професорот по меѓународно право на Универзитетот од Атина, Емануил Рукунас.
(Пренесено од: „Македонска нација“, http://www.mn.mk/)