хипноза hipnoza
Потребно време за читање: 5 минути

Хипнозата претставува со вештачки начин (сугестија) предизвикана психичка состојба на засилена сугестибилност, проследена со отсутност на самоконтрола и јако стеснување на вниманието.

Според некои симптоми личи на сон и сомнабулизам („вештачки сон“). Најчесто со различни методи ја предизвикува друго лице (хипнотизер), но понекогаш и поединец самиот на себеси (автохипноза).

Иако појавата на „вештачко успивање“ е позната од дамнешни времиња, австралискиот лекар – „чудотворец“ Ф. А. Месмер (1734-1815) е првиот кој го предупредил научниот свет на хипнотичките појави. Меѓутоа, неговата теорија за „анимален магнетизам“, таинствена сила, „флуид“ што преоѓа од хипнотизерот („тече“, „зрачи“) на хипнотизираниот, се одржала се до денес во ненаучните кругови, како извор на какви се не магловити предрасуди кои појавата на хипнозата често ја наредуваат во „натприродното“, мистичното подрачје на окултизмот.

Хипнотичката состојба не е во целост исто што и сон, оти се задржуваат и некои функции карактеристични за будна состојба. И како што спиењето и сонот не се доволно проучени, исто така ниту механизмите на хипнозата се уште не се доволно познати. Електроенцефалографските истражувања покажуваат сличности, но и разлики помеѓу природниот и хипнотичкиот сон во кој лицето, сепак, останува во контакт со околината и нејзините поттици, додека истовремено ги сопрело сите други функции и работа на останатите региони на мозокот.

Постојат две групи на објаснувања на хипнозата, кои меѓусебно се дополнуваат и не се исклучуваат.

Првата тргнува од учењето на рускиот физиолог и психолог Иван Петрович Павлов. Според ова објаснение, почетната стимулација со еднолични дразби (зборови или движења) доведува до силно побудување во еден дел на мозокот, додека во другите доаѓа до сопирање, како и во целиот останат нервен систем. Во текот на успивањето свесноста полека исчезнува и бавно се влегува во тн. хипнотичен сон. Во тој сон, за разлика од природниот, се остварува контакт со хипнотизерот и со неговите сугестии, што овозможува според волјата на хипнотизерот да се побудуваат и сопираат одделни делови на мозочната кора, односно да се поттикнува изведување или сопирање на ментални дејствија или телесни движења.

Прочитај и за ... >>  Пајаковите нишки како хируршки конец

Другата група објаснувањето го заснова на претпоставката дека хипнозата, во прв ред, е последица на истите механизми што ги среќаваме во сугестијата, значи дека е само еден вид на сугестија. Во сугестијата, па и во хипнозата, збор може да придвижи психолошки, а преку нив и физиолошки органски процеси. Подоцна во психоанализата ќе биде истакнувано дека овде се важни уште и улогата на егото и механизмите на регресија (паѓање на ниво на однесување карактеристично за младите, главно детска возраст). Исто така, за хипнозата не се неважни ниту социјалните услови, т.е. дали лицето е повеќе зависно и врзано за некоја група или не. Механизмите на функционирање на личноста и егото на единката во примитивните заедници се помалку осамостоени отколку во поразвиените општества, па таквите лица полесно ја прифаќаат сугестијата и полесно се хипнотизираат.

Во спомнатите објаснувања се нагласува дека хипнозата се одвива под влијание на некои внатрешни механизми и оти успивањето се случува најнапред како последица на волјата и подготвеноста на лицето да дојде во таква специфична состојба. Хипнотизерот во тоа само му помага. Лицето може да научи со едноставна стимулација снимена на носач на звук и сама да се пренесува во состојба на транс и од него да излегува без помош на хипнотизер.

За успивање се попогодни позрелите лица, додека незрелите и душевно тешко заболените тешко се воведуваат во состојба на транс. Исто така, предшколските деца и старците се понеподобни за хипноза од зрелите возрасни луѓе.

Постхипнотичката сугестија се потпира на несвесните процеси. Врз основа на сугестијата што хипнотизерот му ја дал на лицето, додека тоа било во хипнотичен сон, подоцна во будна состојба (по повеќе часа или следниот ден) тоа прави нешто иако не може да ги објасни причините за својата постапка. Налогот на хипнотизерот се „заборава“ и сега од несвесниот дел на личноста доаѓа налог, лицето автоматски го прави она што мора да го прави (на пример, почнува да пее некоја мелодија на место и во време кои не се погодни за пеење). Со ова се покажува силата и делотворноста на хипнозата и истовремено се потврдува дека многу процеси се одвиваат несвесно во душевниот живот на лицето, кои дури кога се изразени стануваат јасни и видливи не само за околината, туку и за самото тоа лице. Овој механизам е особено важен за различни облици на лечење кои се вршат со помош на хипноза.

Прочитај и за ... >>  Оптимизмот

Хипнотичкото успивање се изведува на различни начини; обично така што хипнотизерот со повторување на монотони дразби предизвикува кај поединецот состојба на мускулна опуштеност (релаксација) и поспаност. На пример, тој бара од пациентот неподвижно да зјапи во неговите зеници или некој светол предмет, повторува полека со заспивачки тон сугестивни реченици („вие сте поспани; очите полека ви се склопуваат; рацете и нозете ви стануваат се потешки; сонот ве обзема се посилно и посилно“), брои во ритмот на дишењето на пациентот, со бавни движења на дланките минува преку неговото чело, рамената, рацете. Сосотојбата во која паѓа хипнотизираниот поединец покажува различни степени на хипнотичка успивност.

Кај лесната хипноза (на која и се подложни околу 90% од нормалните луѓе), хипнотизираниот е главно свесен за своите постапки (на пример, тој не ги отвора очите оти не сака да се напрегнува); неговото подредување на сугестиите на хипнотизерот е наполу намерно.

Во длабоката хипноза (на која и се подложни околу 40% од луѓето), хипнотизираниот не може да ги отвори очите; хипнотизерот може со сугестија во него да предизвика состојба на целосна неподвижност (каталепсија), вкочанетост (кататонија), локална нечувствителност (анестезија). Хипнотизираниот редовно не памети ништо од она што во времето на хипноза се случувало со него (хипнотичка амнезија), а е наклонет и кон постхипнотички сугестии, т.е по будењето да го изврши она што хипнотизерот во времето на успиеност му го наложил.

Најдлабоката состојба на хипноза, тн. хипнотичка кома (која е можно да се предизвика кај 10-15% лица) привидно личи на длабока наркоза предизвикана со хемиски средства. Во таквата состојба е можно да се извршат тешки хируршки и гинеколошки зафати, а пациентите да не чувствуваат никакви болки, ниту по будењето на нешто да се сеќаваат. Во хипнотичката кома е можно да се провоцира и вештачки сомнабулизам, т.е. пациентот со отворени очи да го прави сосема несвесно она што ќе му се наложи. Кај некои лица во подлабоки стадиуми на хипноза можат да се предизвикаат и многу други психички и физиолошки појави, на пример големо засилување на чувствителност (хиперестезија), обновување на одамна заборавени спомени (хипермнезија), видни и слушни халуцинации, засилена перисталтика, забрзан пулс, засилен прилив на крв под кожата, стегање на матката, па и промена на ритамот на мозочните електрични бранови (електроенцефалограм).

Прочитај и за ... >>  Жив песок

Будењето од хипноза се врши полека, по пат на сугестивни фрази и допири, слично како и успивањето.

Постапката на хипнотизирање, гибелна во здравствен и морален поглед ако ја вршат неупатени и несовесни поединци, корисно се применува во медицината: како најповолен начин за безболно раѓање, за олеснување на болни вежби кај ортопедските рековалесценти и за слични цели. Сугестиите во состојбата на хипноза се применуваат и при лечење на некои облици на астма, алкохолизам и различни наркомании, состојби на психичка депресија. Во психотерапијата хипнозата често се комбинира со психоаналитички постапки.

Забележан е еден случај на пресадување на кожа. Пациентот, благодарение на хипнозата, го држел телото во неприродна положба речиси три недели, притоа не чувствувајќи ни најмала нелагодност.

Терминот хипноза се среќава и во законодавството, конкретно во кривичното право. Тоа е една од состојбите на привремена душевна пореметеност која, по правило, ја исклучува пресметливоста. Лицето кое ќе изврши кривично дело во таква состојба не е кривично одговорно, но како извршител на тоа дело може да се казни предизвикувачот на хипнозата, доколку хипнотизираното лице го искористил за извршување на кривичното дело (односно доколку извршувањето на делото може да и се припише на неговата умисленост или небрежност).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here