Што е херој? Знаете? Дали нашево време има потреба од нив? Да не ни е времево херојско? Знаете дека постоело-постои херојско доба?
Oсновно-енциклопедиско знаење:
Херој во античката митологија е човек чие човечко битие е проткаено со божествени својства, а значи и полубог, син на бог и смртна жена и обратно.
Хомер херои ги нарекува јунаците на своите епови.
Подоцна поимот херој се проширува и на различни истакнати личности, воини, државници, законодавци (на пример Ликург), уметници, на кои по нивната смрт им се изразувале божествени почести.
Грчката традиција и легенда ги спомнуваат хероите според кои одделни племиња ги добиле своите имиња, а и хероите на некои покраини, градови или колонии за кои се верувало дека директно влијаат врз дејствувањето и судбината на луѓето. На хероите им се подигале светилишта и споменици, им се принесувале жртви и во нивна чест се одржувале свечени игри.
Според античкото верување, по смртта херојот заминува на Олимп или на Островите на блажените, блеска на небото како ѕвезда или престојува во храмовите и градините како гениј заштитник. Поединци биле почитувани како херои уште за време на животот (Лизимах од Самотрака, тиранинот Никија од Кос).
Придавањето на божествени својства на истакнати личности посебен одек имало во Римското Царство, каде што на одделни владетели им се принесувале жртви и се воздигнувале во редот на боговите (апотеоза).
Христијанството општо не го прифаќа поимот херој, туку го заменува со поимот сведок (најчесто во значење маченик). Но, средновековната световна практика го прифаќа култот на херојот како храбар воин, витез со високо развиено чувство за чест, кој ги штити послабите, особено жените.
Своевидна девалоризација на херојот донесува нововековниот рационализам, каде што херојското често поприма вид на карикатура (на пример Дон Кихот на Сервантес).
Спротивно, во романтизмот култот на херојот оживува во идеалистичките концепции за присутноста на пантеистичкиот бог или светскоисторискиот дух во генијални поединци.
Особено радикални аристократски погледи за хероите како водачи на луѓето кои ја создаваат историјата заговарал британскиот филозоф и историчар Т. Карлајл. На таа трага, иако со поголеми претензии, е и Ничеовата концепција на херојот како натчовек, кој со смртта на христијанскиот бог ја добива својата величина и станува единствен судија над своите постапки.
Сметајќи дека во егзалтацијата на херојското се крие антирационален волунтаризам, граѓанската идеологија, како и демократската практика на 19. век, ја демиситифицира историско-придвижувачката улога на херојот.
Материјалистичките концепции гледаат придвижувачи на сложеното историско движење првенствено во општествените, политичките и економските причини, а не во личната дејност на херојот, па затоа го истакнуваат проблемот на личноста и нејзиното учество во историските решенија.
Проблематиката на херојското доживеала посебен расплет во современиот егзистенцијализам, каде што херојското се „стопува“ во безличноста на секојдневјето (оттука анти-херој) или се раѓа во судирот со апсурдот на егзистенцијата (Сизиф на Албер Ками).
Што се однесува на херојското доба, тоа е времето на големите преселби, освојувањата и конечното населување на некој народ. Така се означуваат и нејасните почетоци на историјата, случувањата сочувани во народните преданија кои подоцнежните векови ги искитиле со митови и приказни.