17. Втемелувач на живеалиште
Во текот на работните градителски три ипол децении Јосиф Трновски, геотехнички инженер, стана познат и ценет втемелувач на живеалишта. Меѓу градителите, а особено меѓу оние што веќе изградиле или намераваат да изградат. Со оглед на преголемата зафатетност, најмногу е тој баран за втемелување, а згора се ретки таквите како него, тие трпеливо чекаат и постојано го одлагаат градењето чекајќи да дојдат на ред. Знаејќи дека за каква било градба да станува збор-приземна, со еден, два или повеќе ката, најважен е темелот, поточно втемелувањето.
Често објаснува:
„При втемелување на какво било живеалиште и за колку било што ќе живеат во него темелот треба да биде цврст и долготраен, прилагоден на видот и структурата на земјиштето. Без оглед дали е плиток или длабок. Најважно е тој да ја прилагодува тежината на живеалиштето на теренот. Според мене, сето тоа најмногу се постигнува со редење на камења поврзани со малтер. Ннајдобро е тие да се стават во јама, а врз нив и меѓу нив песок, градежен шут, што подебела арматурна мрежа и бетон. Ова посебно се однесува на длабоките темели на кои им давам предност во однос на плитките“.
И никогаш не пропушта да поентира:
„Втемелување на едно живеалиште значи еднаш изградено врз поставени темели тешко да може да се срамни со земја, освен при катаклизмичка разурнувачка сила. Но и да не се дозволи каква било доградба или надградба“.
Јосиф Трновски има избрани работници на темели. Со големо искуство, знаење и лична одговорност. Последното живеалиште што го втемелија пред два дена е приземна куќа од камен и дрво, обградена со дебело стакло и густо засадени брзорастечки дрвја, секакви овошки и цвеќиња.