ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, XXI, 165-206

Потребно време за читање: 3 минути

165. А што ако пак наместат да победат на „демократски“ избори? Мислите оти не ќе можат ни со „поддршка“ на стратешките им партнери?

166. Не учиш од поумни од тебе. Секој умен учи од умни.

167. Малку комплицирана, но интересна идеја на FB пријател и почитувач на моето творештво:
Да се печатат моите мислечки и книжевни дела како библиофилски изданија-со нумерација, со нарачан и однапред платен примерок. (Плус само еден авторски назначен како нулта-со нула). И тоа со наведување на името и презимето на нарачателот-поседникот на делото.
Пример:
„Ова дело е отпечатено во два примерока кои ги поседуваат Јан Саздовски и Лилјана Митрева“. (Може да се наведат и адресите на нивните живеалишта.)

168. Сè во свое време дури е времето твое и заедничко со на други.

169. Не сега како досега. Отсега нешто или сè по сега.

170. Тишина и спокој со пламен на животна свеќа.

171. Амери, ептен ја оплескавте со вашата црна листа! Како ли го најдовте градоначалникот на Струга ко највисок во корумпиранава власт?!

172. Повеќе од очигледно:
Наспоредно забрзано албанско-бугарско „купување“-распродажба на Македонија и асимилација на македонскиот народ.

173. Најпрва слободоумна одбрана: на личното и колективното-националното достоинство.

174. Личното чувство е личен проблем или лична доблест. Деструктивен и нечовечки е секој обид тоа да стане колективно.

175. Доблесен и достоинствен државник, политичар или политикант со помалку од срамни 1% доверба на народот, веднаш поднесува оставка. Сакал-не сакал.

176. Анкетите за рејтингот на партиите и политикантите се нарачани и служат за забава на народот? Супер! А ти зошто не си нарачаш?!

177. Во држава на мафија многу поопасен од неписмен е полуписмен политикант.

178. Не знае ништо добро, па прави од лошо полошо.

179. Богат не му дава на сиромав да стане богат колку што е тој. Зошто? Просто затоа што ќе му го загрози богатењето.

180. Се споделува добро и што вреди. Споделување на лошо и безвредно е бесмислено.

181. Личниот и заедничкиот напредок најмногу зависат од личната одговорност.

182. Нема успешна борба против корупција (читај мафија на власт) без конфискација на богатство стекнато со украдени пари од народот.

183. Сенка од човек на крај без нов почеток.

184. Помеѓу секако и веројатно сè почесто можеби.

185. „Ослободување“ на Македонија од „добрососедството“ со источниот сосед? Ништо полесно: еднострано прогласување на Договорот за ништовен! Впрочем, таа можност и е предвидена-напишана во него!
Неспорно образложение:
Источниот сосед искажува и покажува асимилаторско-окупаторски и наци-фашистички аспирации кон Македонија и македонскиот народ.

186. Треба да се има на ум дека на секој нов почеток му претходи крај на крајот. И тоа буквално преку ноќ, најчесто ноќе.

187. Видна личност:
Слободна, слободоумна, самобитна, независна, со идентитет и личен интегритет.

188. Човечкото во него реши отсега не вака, а бидејќи не знаеше како натаму отиде во неврат.

189. Пред него негде, зад него сегде, а он нигде.

190. Си живеел жив, ќе поживееш уште некое време нежив.

191. Моме убаво стои пред скршено огледало.

192. Голем зашто единствен и неповторлив.

193. Зошто непризнаен, негиран, маргинализиран, премолчуван? Затоа што делото му е ем недогледливо ем несогледливо. Извишено до небо.

194. Не знаеш за мене? Знае секој што сака да знае.

195. Силна, напати неснослива болка од неправда и омаловажување.

196. Лична слобода со дело и во него.

197. Дознавање и сознавање едновремено, наспоредно и рамносилно.

198. Оставаш трага за паметење спротивставено на заборавот.

199. Многу повеќе живуркаш одошто живееш меѓу вистина и лага.

200. Не е ли каква било определба одземање од личната слобода?

201. Не знаеш ништо за мене сега. Сè што знаеш е од одамна заедно.

202. Оставам дела за добри времиња.

203. Само заблудени, подлизурковци, ситни сметкаџии и користољупци со мафијаши на власт.

204. Не се надевај на лек од неразбрани трговци со здравје и секакви болештини.

205. Ништо важно од мене и во врска со моето постоење. Ни тоа дека бев.

206. Немало и нема мал исконски народ што не е на своја исконска земја. Голем е и со длабоки траги во неа.