21. Влада-Владеење,
Владетели-Политичари*
Македонски народни пословици
Ако е цар, не е господ.
Ако е цар, не носит две глај.
В царова уста има и оѓин и вода.
Во една гемија кај што имат многу капидани, таа можи и да пропадни.
Владиката како владетел („добар владика“) во најширока смисла- синонимност:
Добрио владика за светец сам не се слага.
Добрио владика и поп црква проповедуа.
Добрио владика народот со двете очи го гледат.
Добрио владика на сиромаси помага.
Добрио владика не гледа од народот пари да граба.
Добрио владика не се големеит в црква.
Добрио владика откоа ќе умрит, ќе се паметуат.
Лошиот чоек и владика да бидит, пак лош ќе бидит.
Мнозина луѓе си мијат рацете за да ручаат со владиката, а малцина ќе седнат на негоата трпеза.
Стоит како некој поп пред владика.
Владика не је што се големее.
Пословици од народите на светот
Брзо ќе потоне бродот на кој има двајца капетани. (Грчка)
Кога Бог сака да го казни стадото, му поставува слепец за водич. (Италијанска)
Не настојувај да ги водиш своите ближни, туку помогни им. (Индиска)
Си го изгубил царството на светот-немој да се нажалуваш, тоа не е ништо. Си го освоил царството на светот-немој да се радуваш, тоа не е ништо. (Индиска)
Кој е опиен со вино, порано или подоцна ќе се отрезни; кој е опиен со властољубие, не се трезни до смртта. (Индиска)
Владетелот кој храни мудрец, а не го прашува за совет, еднаков е на сакат кој нема нозе, а има коњ за јавање. (Арапска)
Ако сакаш некоја земја да пропадне, помоли се во неа да има многу водачи. (Арапска)
Кајшто сите раце стрижат, овците одат голи. (Англиска)
Ако е кормилото во цврсти раце, бродот ќе издржи секој ураган. (Сенегалска)
Во стадо без надзор, волкот е господар. (Осетинска)
Латински изреки
Раздели, па владеј. (Divide et impera.)
Брод со повеќемина капетани често е во опасност да го изгуби правецот.
Ако се отстрани правдата, што се владите друго освен големи разбојништва?
Правичноста е (треба да биде) основа на владеењето. (Iustitia regnorum fundamentum.)
Домисла-Гесло-Мисла водилка
Сите вие сте, навистина, пастири и сите ќе бидат одговорни за она што ви е доверено. Владетел кој владее со луѓе е пастир и тој е одговорен за своите поданици. Мажот е пастир во куќата на своето семејство и ќе биде одговорен за нив. Жената е задолжена за куќата на мажот и децата и ќе биде одговорна за тоа. Робот е задолжен за имотот на својот сопственик и ќе биде одговорен за тоа. Според тоа, сите вие сте пастири и сите ќе бидете одговорни за она за што сте задолжени. (Муслимова збирка на хадиси, 1201.)
Владетелот е како штит. Зад него се војува и со него се штити. Па ако нареди бојазливост и владее праведно за тоа ќе има награда, а ако наредува нешто друго, за тоа ќе добие казна. (Ибид., 1206.)
Најлошите владетели се сурови, па припази се да не бидеш од нив. (Ибид., 1212.)
Најдобри се оние владетели што ги сакате и кои ве сакаат, кои дова ви учат и за кои вие дова учите. А најлоши се оние владетели кои ги мразите и кои ве мразат, кои ги проколнувате и кои ве проколнуваат. (Ибид., 1228.)
Ви препорачувам да се плашите од Алах, да се покорувате и да го слушате својот владетел, макар тој бил и абесиниски роб-црнец! Од вас многумина во иднина ќе доживеат големи разијдувања. Вие цврсто држете се до мојот пат на суннетот, и патот на правоверните халифи, како кога држите нешто со забите катници! Вардете се од новотарии; секоја новотарија е заблуда! (Ебу Давуд, Суннет, 5)
Подгответе се. Овој политичар ќе проговори вистина! (Во филмската комедија „Балворт“)
Политичарите во поново време ни го грабнаа лебот нам, на чесните естрадни работници. Тие ја забавуваат рајата, тие ги кршат автомобилите, тие ги тепаат жените, сè она за што рокерите некогаш беа задолжени, па јас веќе не знам што да правам. Ги презедоа медиумите. (Сејо Сексон за Feral Tribune)
Рекле, издумале
Која влада е најдобра? Онаа што нè учи да владееме сами со себе.
Јохан Волфганг Гете
За стадото не може да биде добро ако пастирот му е овца.
Јохан Волфганг Гете
Видов доста републики и мислам дека е најдобра онаа која на владетелскиот дел му ги препушта товарите, а не предноста.
Јохан Волфганг Гете
Кој не знае да разликува, не знае ни да владее.
Луј XI
Начинот на владеење е неспоредливо поважен за народот, отколку формата на државата.
Имануел Кант
Да се изградува земјата е можеби позначајно отколку со неа да се владее.
Шервуд Андерсон
Извесен знак на мудро и напредно управување е човечките срца да можат да се држат со надеж, ако не можат со задоволство.
Френсис Бекон
Не е најдобар оној државник што работи најмногу, туку оној што им овозможува на други да работат со успех.
Френсис Бекон
Секој човек е роден како крал. Кој е самиот на себеси закон, нему закон не му е потребен. На мудрите не им се потребни кралеви.
Џорџ Чепмен
Ако е вистина дека еден народ има таква влада каква што заслужува, кога ќе заслужи воопшто да ја нема?
Жан Пол
Да се владее, значи да се предизвика незадоволство.
Анатол Франсоа Тибо Франс
Кога во земјата владе ред, срамота е да се биде сиромашен и обичен човек. Кога е во земјата хаос, срамота е да се биде богат и на висока позиција.
Лао Це
Оној што го сака царството како самиот себеси, достоен е да управува со него.
Лао Це
За да владееш со царството, користи ја праведноста. За да станеш вистински владетел на светот, биди обземен со внатрешен живот.
Лао Це
Мислите на владејачката класа, во секоја епоха, се владејачки мисли.
Едуар Мане
Страшни се масите ако ги водат лоши водачи.
Еврипид
Кој сака да управува со луѓе, не смее да ги тера пред себе, туку треба да оди по нив.
Шарл Луј Секонд Монтескје
Монархиите завршуваат со сиромаштија, а републиките со луксуз.
Шарл Луј Секонд Монтескје
Ниедна влада не може долго да биде сигурна без одлична опозиција.
Бенџамин Дизраели
Речиси сите влади што постоеле до денес, или од оние од кои останал некој запис во приказна, биле основани изворно или врз узурпација или освојување или врз обете, без претензија на правична согласност или волево потчинување на народот.
Дејвид Хјум
Кога се воспоставува систем на владеење, во кој луѓето ќе управуваат со други луѓе, темелниот проблем лежи во тоа што на владата мора да ѝ се овозможи да ги контролира оние со кои управува, а потоа да се обврзе да се контролира самата себе. Без сомнение, зависноста на владата од народот претставува најважна форма на контрола на власта-но човештвото од искуство знае дедка мора да постојат и додатни мерки на претпазливост. Дека по пат на спротивставување на различни интереси можат да ги пронајдат грешките и во најдобрите намери, можно е да се воочат во сите форми на меѓучовечките односи, приватните како и јавните (…) Поради тоа, целта на одредена функција е трајно да се раздели и да се уреди така што секоја би можела да кочи друга-со тоа приватниот интерес на секој поединец би можел да стане заштитник на јавните права.
Џејмс Медисон
Кога луѓето би биле ангели, тогаш не би требало да постои никаква власт. Кога ангели би владееле со луѓето, не би била потребна никаква, ниту надворешна, ниту внатрешна контрола. А при воспоставување на систем на владеење што ќе го спроведуваат луѓе над луѓе, големата потешкотија е во следното: прво морате да ѝ овозможите на владата да ги контролира оние со кои владее-а потоа да се обврзе да се контролира самата себе.
Џејмс Медисон
Владите кои не дозволуваат слобода на говорот, зашто на тој начин се шират вистини кои ним им се товар, работат сосема иста работа како дете што ги затвора очите за никој да не го види.
Лудвиг Борн
И на највисокиот престол на светот сепак седиме само на својата задница.
Мишел д Монтењ
Кога ќе извикаш „Напред!“-мораш да имаш точен план на правецот, зашто треба да се има предвид дека револуционерот и калуѓерот ќе тргнат во спротивен правец.
Антон Павлович Чехов
Да се знае да се владее, значи да се знае да се изберат добри советници.
Филипо Пананти
Владетелот мора да бара многу од самиот себеси.
Свами Хамсананда
Кога владеат лоши и незнајковци, тогаш не е чудно добродетелта и доброто да не се на цена, зашто првите ги мразат, а другите не ги познаваат.
Франческо Џикијардини
Владеев така што ги здружив силата и правото.
Солон
Владетелот: „Јас ви наредувам да ме плаќате, а вие ме плаќате да ви наредувам“.
Карел Чапек
Лесно е да им се заповеда на добри.
Плаут
Бесните коњи се скротуваат со мали узди.
Софокле
Кога самиот владетел го прави она што е право, ќе има влијание врз народот и не издавајќи наредби, а кога самиот владетел не го прави она што е право, сите негови наредби нема да бидат од никаква корист.
Конфучиј
Со тоа што нема да го цени поседувањето на световните добра, туку моралните особини на луѓето, владетелот ќе им даде поттик на луѓето кои вредат.
Конфучиј
Доколку општествените нееднаквости немаат вистинска и морална основа, владеењето со народот е невозможно.
Конфучиј
Најдобра е онаа влада која најмалку владее.
Хенри Дејвид Торо
Влада на народ, од народ, за народ.
Абрахам Линколн
Нека научи да владе со себе оној што сака да владее со светот.
Јоханес Линанкоски
Човекот завладеал со природата пред да научи да владее со самиот себе.
Др Алберт Швајцер
Кралствата засновани на неправда не остануваат постојано.
Луциј Анеј Сенека
Не сака да владее оној што се плаши дека ќе биде намразен.
Луциј Анеј Сенека
Престрогиот владетел не владее долго.
Луциј Анеј Сенека
Со државата подобро управува извонреден човек одошто извонреден закон.
Аристотел
Понекогаш владетелите ги забораваат ветувањата, но народот никогаш.
Ѓузепе Мацини
Особеност на добриот пастир е своите овци да ги стрижи, а не да ги дере.
Светониј
Секој народ има онаква влада каква што заслужува.
Жозеф д Местр
Владеењето има својствена драж која може да го залуди и најсилниот.
Емануел Гејбел
Владеењето со луѓе е единствено можно ако тие свесно се согласуваат со нив да се владее.
Махатма Ганди
За да станеш водач на луѓето, мораш ним да им го свртиш грбот.
Анет Елис
На оние кои владеат им го свртев грбот кога видов што им значи да владеат: да се уценува и да се ценка со џганот околу моќта.
Фридрих Вилхелм Ниче
Владетелите мора да се вардат од ласкавци како од чума. За да се одбранат, нека изберат умни луѓе, а потоа нека ги овластат слободно да ја говорат вистината.
Николо Макијавели
Како што Земјата ги поднесува сите суштества, така и кралот треба да ги поднесува сите свои поданици.
Ману
Кога некој владетел бара злосторство, него и премногу добро го слушаат.
Франсоа Мари Аруе Волтер
За успешно да ја врзете масата, морате да се правите како да носите исти окови.
Франсоа Мари Аруе Волтер
Повеќе вреди војска на магариња што ја предводи лав, одошто војска на лавови што ја предводи магаре.
Наполеон I Бонапарта
Срцето на владетелот треба да му е во главата.
Наполеон I Бонапарта
Султан над султаните е оној што ја стекнал љубовта на сиромавиот.
Калил Џибран
Политичарот е исто што и фудбалскиот тренер: мора да биде паметен за да ја разбере играта, но и доволно глупав да мисли дека е тоа важно.
Јуџин Мекарти
Политичарите ниту сакаат, ниту мразат: со нив владее интересот, а не чувството.
Филип Станхоп Честерфилд
Престани да бидеш водач на својата партија и ќе бидеш нејзин дезертер.
Жил Франсоа Симон
Многумина политичари потсетуваат на клавир-штимери: со засилување на напнатоста настојуваат повторно да воспостават рамнотежа.
Валтер Липман
Тој не знае ништо и мисли дека знае сè. Таквиот став води единствено во политичка кариера.
Џорџ Бедрнард Шо
Владетелот мора да знае да го одржи со благост она што го освоил со сила.
Антигон I Монофталмос
… мене сепак ми се чини дека владетелите се достојни за сожалување, зашто нема човек кој би им ја кажувал вистината, туку се принудени околу себе да држат ласкавци наместо пријатели.
Еразмо Ротердамски
Да се палат книги и да се подигаат тврдини, тоа е вообичаена работа на владетелите.
Хорхе Луис Борхес
Било двесте, било триста, било илјада лета
Да поживееш, најпосле ќе заминеш од светот.
Бил владетел или сиромав што од просјачење живее,-
Еднаква ќе биде вредноста на нивните скелети.
Омар Хајам
И владетелите за кои вие ја пролевате својата крв, среде вашата најогорчена борба ги стискаат десниците, па ладнокрвно ги делат вашите алишта и вашата земја.
Уго Фосколо
Оригиналноста на политичарот му е корисна колку и дупка во главата.
Борислав Пекиќ
Секој политичар мора да има три работи: дебела кожа, добар желудник и чиста совест.
Франо Супило
Неволјата со политичарите е во тоа што премногу зборуваат, премалку слушаат и воопшто не стигнуваат да мислат!
Џорџ Џејн Натан
Лошите политичари бидуваат избрани благодарение на добрите граѓани кои не излегуваат на избори.
Џорџ Џејн Натан
Најдобрите научници би требало да ги подучуваат политичарите на ригорозност во анализата на комплексните системи и ситуации, како и на умешноста на експериментирањето. Мали пилот експерименти би можеле да се практицираат пред примената на цели држави. Политиката би требало да биде селекција на различни општествени проекти кои би било најдобро да се проверат со пилот експеримент!
Мирослав Радман
Политичарите се секаде исти: ќе ветат дека ќе изградат мост и таму кај што не минува река.
Никита Хрушчов
____________
*И политичарите во оваа рубрика зашто и непосредно и посредно се поврзани со власта, владеењето и владетелите.