Потребно време за читање: 6 минути

120. Цел

Многу цели и една цел во сечиј живот. Многу секојдневни, одвреме-навреме, и една животна.

Многуте:

Се стасува до една, ретко предвреме, најчесто совреме. Од недогледна, скоро догледна или од почеток, однапред догледна. Потоа се продолжува кон друга, сеедно иста или различна, поблиска или подалечна од достасаната. Како продолжение на секидневното чекорење напред или како освојувачки попатни, како континуитет на лично извишување.

Едната животна цел:

Од првиот самостоен чекор е. Може сè уште неосознаена, докрај несогледана, но секако најголема, некогаш или никогаш достасана. Како предодредена, како однапред дадена од Бога, а со оглед на личните предиспозиции, интересот, талентот, посветеноста. Секогаш само една, единствена, неспоредлива со на друг, со на други.

Ништо не е возможно без цели. Дури и кога некој скита бесцелно во беспатје, и тој некој кога-тогаш, може несвесно, без да знае стасува на една, па на друга; од една на друга. Може и не негови.

Бесмислен е животот без животна цел.  

Македонски народни пословици и изреки

Работа што ќе ватиш, крајот да ѝ го мислиш.

Не мисли крајо кај ќе му излезит.

Збра конците, затоа је во нужда.

Кинисај по пат и не туку враќај се назад.

Откога ќе се скрши колата, многу патчиња ќе се отворат.

Вјасај брзо да стигнеш, но гледај и да не се препнеш.

Подобро е никогаш да не се почне одошто никогаш да не се заврши.

Што барал, тоа и нашол.

Пословици и изреки од народи на светот

Ако имаш цел, ќе го најдеш и патот. (Мароканска)

Кој лови два зајака, нема да улови ниеден. (Српска)

Кога еден збор нема да ја погоди целта, илјада зборови ја губат смислата. (Кинеска)

Не ја пуштај стрелата ако знаеш дека нема да ја погоди целта. (Руска)

Будалиот скита, а паметниот патува. (Англиска)

Големите мети најбрзо се погодуваат. (Англиска)

Латински изреки

Правата линија е најкратка, правиот пат е најсигурен. (Recta linea brevissima, recta via tutissima.)

Домисла, гесло, мисла водилка

Оној што не разликува, чиј ум е несмирен и чие срце е нечисто, тој никогаш не ја достигнува целта. Но, оној што разграничува, чиј ум е смирен и чие срце е чисто, тој ја достигнува целта и повеќе не бидува роден.
Упанишади

Целта им е далеку на оние што стојат во место.
Анонимус

Луѓето кои не живееле за остварување на еден сон, не ни живееле.
Анонимус

Рекле, издумале

И најслабиот може да постигне нешто ако сета своја сила ја насочи кон една единствена цел.
Томас Карлајл

Душата без возвишена цел личи на брод без кормило.
Томас Карлајл

И најбавниот, ако не ја изгуби целта од видот, оди побрзо од оној што трчка без цел.
Пјер-Августин Карон де Бомарше

Не се обѕирај на тоа од каде доаѓаш, туку гледај каде одиш.
Пјер-Августин Карон де Бомарше

Да се движиш брзо не е исто што и да одиш некаде.
Роберт Ентони

Цел е она што на патот кон неа ќе го собереш.
Весна Крмпотиќ

Зошто користи трчањето во погрешна насока?
Фритјоф Нансен

Будалиот ја гледа на крајот, паметниот во средината, а само мудриот ја гледа целта уште на првиот чекор.
Готхолд Ефраим Лесинг

Кога човекот не знае каде оди, нека појде од почетокот.
Душан Радовиќ

Мала услуга прават оние што овозможуваат краток пат од желба до цел.
Душан Радовиќ

Целите се граници на нашите можности, а не на желбите.
Душан Радовиќ

Ако е твојата цел голема, а средствата мали, сепак делувај. Само низ акција средствата ќе пораснат.
Свами Вивекананда

Ниеден ветер не е подобен за брод без цел.
Мишел де Монтењ

Со цел пред очи и најбавниот напредува побрзо одошто оние најбрзите без цел.
Јохан Волганг Гете

Високите цели, ако се и  неостварливи, ни се подраги од ниските цели, иако достижни.
Јохан Волфганг Гете

Некои толку брзаат кон своите цели што и не забележуваат кога стасале.
Жан-Пол Сартр

Правата линија често е најдолг пат меѓу две точки.
Едмонд Ростан

Опасен е погледот наназад, колебањето и заостанувањето.
Фридрих Вилхелм Ниче

Мораме да имаме една цел поради која сите се сакаме меѓусебно.
Фридрих Вилхелм Ниче

Животна цел на секој поединец би требало да е напредување во добро.
Лав Николаевич Толстој

Помалку зависиш од утрешниот ден ако денешниот го држиш во шака.
Луциј Анеј Сенека

Кој не знае во кое пристаниште плови, нему ниеден ветер не му е поволен.
Луциј Анеј Сенека

Кој сака да дојде до одредена цел мора да оди само по еден пат, не да скита по други патишта.
Луциј Анеј Сенека

Нема голема цел без голема жртва.
Цицерон

Ако си се упатил кон цел и по патот си почнал да подзастануваш дека со камен гаѓаш секој пес кој залајува на тебе, никогаш нема да стасаш на целта.
Фјодор Михајлович Достоевски

Без цел нема дејност, без интерес нема цел, а без дејност нема живот.
Висарион Григорјевич Бјелински

Само дејствување кон одредена цел е она што го прави животот поднослив.
Фридрих Шилер

Човекот се крева напоредно со своите високи цели.
Фридрих Шилер

Говори благо, а носи долг стап-ќе стигнеш далеку.
Френклин Делано Рузвелт

Никој не се крева толку високо како оној што знае каде оди.
Стендал

Правиот пат е најкус, но најчесто треба најмногу време по него да се дојде до целта.
Георг Лихтенберг

Целта ги оправдува средствата.
Николо Макијавели

Она што се предвидува, може да се спречи.
Николо Макијавели

Ретко кога човековата цел е зла, можат да бидат зли само средствата.
Јован Дучиќ

Ако кочијашот гледа добро, тогаш и со слепи коњи ќе стигне до целта.
Јохан Непомук Нестрој

Целта е уапсена. Не ги оправда средствата.
Милован Витезовиќ

Народот доби цел, поединци-средства.
Милован Витезовиќ

Колку е човекот поблиску до постигнување на целта, мора да вложи повеќе труд.
Питер Фердинанд Дракер

Постојат цели кои никогаш не можат да се остварат.
Питер Фердинанд Дракер

Одете по сопствен пат наместо да му се придружите на мнозинството.
Питер Фердинанд Дракер

Ако обавив добра работа со добра цел, мојот живот има содржина и смисла. Ако сум обавил лоша работа, сум го прокоцкал својот живот, без оглед на тоа колку сум искористил.
Џон Култген

Мене не ми е потребна помош, туку тешкотии. Колку потешко, толку подобро. Јас најрадо работам во борба.
Никола Тесла

Човек започнува илјада работи, а од тие илјада може да биде само една добра. А од илјада добри само една е остварлива.
Никола Тесла

Мораш да имаш долгорочни цели за да не се разочараш поради краткорочни неуспеси.
Џорџ Харисон Бендер

Тајната на успехот се состои во постојаноста на целта.
Бенџамин Дизраели

Пронајди ја животната цел во секој свој чекор.
Ралф Валдо Емерсон

Ако не се стремите кон ништо, тоа сигурно ќе ви се оствари.
Ралф Валдо Емерсон

Ако немате прецизна цел, нема да го искористите сиот свој потенцијал.
Зиг Зиглар

Вистинското патување со цел откривање се состои не од барање нови хоризонти, туку од стекнување нови очи.
Марсел Пруст

Не можам да ја променам насоката на ветрот, но можам да ги наместам своите едра така што секогаш доаѓам до саканото одредиште.
Џими Дин

Кога човекот избира почеток на некој пат, всушност ја избрал неговата цел. Средствата го одредуваат крајот.
Хари Емерсон Фосдик

Целите можат да го оправдуваат средството сè додека постои нешто што ги оправдува целите.
Лав Троцки

Не може правилно да се напредува во трка, ако самата цел не е правилно поставена и одредена.
Френсис Бекон

И патувањето од илјада километри започнува со прв чекор.
Лао Це

Постојат нешта во животот кои не можат единствено да се остварат кога би се свртеле во друга насока од моментниот правец.
Франц Кафка

Без цел и надеж ние сме само мерачи на време.
Ранко Маринковиќ

Патот кон горе и кон долу е еден ист.
Хераклит

Цел ми е да ве научам дека од прикриена бесмислица напредувате до нешто што е очигледна бесмислено.
Лудвиг Витгенштајн

Целта по дефиниција мора да биде достижна, мисијата не мора. Мисијата не мора да биде извршена, а можеби и нема никогаш, но мора да ја поттикнува фантазијата и да ја храни душата.
Елвуд Чепмен

Две нешта кон кои сите се стремиме во животот: првото е да го добиеме она што го сакаме, а второто да уживаме во тоа. Ретки успеваат да го постигнат ова второво.
Роналд Естејс Псмит

Кога сонуваш, можеш да постигнеш што сакаш.
Јохан Кетлин Роулинг

Да се пронајде целта значи да се најде исходиштето.
Пол Клодел

Кон просечност не се стреми, од него е потребно да се бега.
Џоди Фостер

Целта не е секогаш потребно да се досегне. Целта често служи само за да се насочиме кон нешто.
Брус Ли

Зошто не одиме во потрага по среќа кога нè учеа дека таа е единствена цел за која вреди да се вложи труд?
Пауло Коелјо

За својата цел сум подготвен да умрам, но ни за каква било цел, мој пријателе, не сум подготвен да убијам.
Махатма Ганди

Зборуваат луѓето во бунило и стануваат уморни од животот кога немаат пред себеси некоја цел кон која би насочиле секој свој напор и секоја своја мисла.
Марко Аврелиј

Сосема е точно дека човекот никогаш не би го достигнал она што е можно, кога постојано не би посегнувал по она што е невозможно.
Макс Вебер

Продолжувам онаму кај што застанал последниот пред мене.
Томас Алва Едисон

Концентрирајте се на тоа каде сакате да одите, а не на тоа каде сте биле.
Џон Маркс Темплтон

Не се изгубени сите оние што скитаат.
Џон Роналд Рејел Толкин

Начинот како нешто да се почне е да се престане да се зборува за тоа и да се почне да се делува.
Волт Дизни

Многу луѓе одат на риболов ни не знаејќи дека рибите не се она што го бараат.
Хенри Дејвид Торо

Кој сака нешто големо, тој мора да знае да се одрекне. Напротив, кој сака сè, тој всушност не сака и не постигнува ништо.
Георг Билхелм Фридрих Хегел

Секогаш е добро да се гледа напред, но е многу тешко да се гледа подалеку од што може да се види.
Винстон Черчил

Некои луѓе долго нишанат. Кога конечно ќе нанишанат, целта исчезнала.
Ли Јакока

Визијата е умешност која ни овозможува да го видиме и невидливото.
Џонатан Свифт

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here