Потребно време за читање: < 1 минута

31. Делотворен

Во делотворни деноноќија
делотворен
оптегнал глас над река,
меѓу два нејзини
стеновити и стрмни брега,
подготвен да создаде
ново време
без кое никој во ништо,
ниту некој во нешто и сешто
не ќе може да опстојува.

А нема кој да го слушне,
а нема кој да го слуша,
а нема кој да го заслуша,
а нема никој да го послуша.

На едниот брег ставил сонце
огреано
од денови што ги минал
делотворно,
на другиот месечина на залез
полна
со тишини несовладани
сосе сенки живородени;
среде, пак, на небосклонот
над гласот
распрострел облаци и ѕвезди.

Та почнал да делотвори
со намисла да не престане
сè дури на двата брега
не се присоберат доста луѓе
кои ќе ја разбираат
неговата настојчивост
да сплоти семиња, плодови
и корени исконски
пред конечно исчезнување.

Во меѓувреме почнаа
да му се случуваат
исто како одамна
да се случиле без него
колку нови, толку празни
деноноќија,
во кои неговиот оптегнат
глас над реката,
меѓу двата нејзини
стеновити и стрмни брега,
потроши многу сегашни
времиња, немири и трепети
за никој во ништо,
ниту за некој во нешто
или за секој во сешто
да не може да опстојува.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here