Потребно време за читање: < 1 минута

43. Самотен во време

Веќе никој со него,
никој пред него,
особено во него
додека сегде околу него
вие ветар за кој не може
да одгатне
од кој предел,
од која и од чија страна
потекнува
или кон која ќе се упати.

А зборува толку гласно
што секој близу и далеку
од него
да може да го слуша
кога ќе посака да послуша
за неговиот
и долг и мигновен живот
исполнет со зраци во мрак
како патокази.

Можеби сепак ќе се реши
да излезе на виделина,
да се замеша во луѓе кои
веќе не знаат ни кои се
ни од каде се,
ниту до кога ќе бидат она
што не биле и не се.

Да излезе на виделина,
да се замеша во луѓе
за неговата самостност
да нема почеток и крај.