Потребно време за читање: 2 минути

8. Смачено

Здраво-живо народецу мој,

Да ти кажам прао, сè појќе ми е да не моом појќе! И за едно и за друго и за треќо, ама најпојќе оту ми е смачено! Ме прашуаш од што? А бе од сè! А бе нема нешто од што не ми се смачило, не ми се смачуа и којзнае до кога и до каде ќе ми се смачуа. Што ќе беше ова смачуање!

Ко прво и прво, смачено ми е од животарењево! Не толку од моево, ја одамна животарам па некако си навикнав и не ми се смачуа многу отколку на секој лично, ко прво лице еднина, и колективно, ко второ множина.

Најмногу ми се смачуа ко те гледам тебе, народецу мој, како сè појќе животариш и како во исто време сè појќе ти се смачуа оту нема шанца скоро да заживејш. Па ко сиот нормален свет во секој поглед и ти да поживејш. Згора на најмногуто, значи ептен најмногу ми е смачено коа гледам дека го прифаќаш, се помируаш со тоа, па дури некој уште ко папагал вели „Добро е, има и бетер!“. А бе ќе пукнам од смачуање!

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

Добро бе, уште не се свестуаш дека од дамна не игра она твоето „Трпение-спасение“? Што треба уште животарењево да ти донеси, па да ти пукни филмо, да викнеш колку што те држи гласо, да се кренеш на нозе и сите да ги отераш во мајчина им или во црни темни зандани?

Ко второ и второ, смачено ми е од власта! Не само од оваа, сегашнава, ами од сите досегашни уште од почетокот  на независноста, самостојноста и сувереноста на бившата Македонија, сега и до којзнае кога Северџганија!

Никако не ми сече умо во главава како досега не се најде барем една асолна! Колку за пример за што треба, како треба, кога треба и со кого треба. Која од која попростачка, понеписмена, понедоветна и покрадачка!

Има уште по, ама ако продолжам да редам смачувањево може да ме покусури.

Знаете што мислам, луѓе мои? Дека оној што доумил дека народо има власт каква што заслужува бил власт или близу до власт каква што народ не заслужува. Да, ненародна власт. Па, ај подумајте се прашајќи се која досегашна власт во Северџганијава била народна? Не мислам на избрана од него, таква никоја не била, ами на владеење не за и со народо, ами сал за себе и против него.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

Ја да кажам што доумив во врска со власта, народо и државата: асолна држава прави асолна власт за живот, а не за животарење на народо.

Знајш што мислам, народецу мој? Дека тебе власт не ти треба! Знајш заошто? Зато што ти не си за кој било да владеј со тебе! Зато што тебе ти треба власт не што ќе владеј, ами дење-ноќе ќе работи за тебе, поточно за асолна држава во која ќе живејш асолно. Појќе ни ден ни ноќ ко досега-смачено да животариш.

Можам уште многу да редам и терам за уште многу од што ми е смачено. Ама прибидејќи баш сега ми е смачено да продолжам да редам и да терам, само едно ќе си допишам за доречуање:

Коа му е смачено на чоек, многу треба да пази да не стани нечоек. А за да си остани чоек, мора да се покажи ко чоек исправен, со крената глаа, самобитен и доблесен.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

И ова, можи најважно:

Коа му е смачено на чоек, многу треба да пази да не му падни мрак на очи. Зато што ако му падни, можи мрачина да го изеј.

Ја ко ќе кажам кажано је!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here