Потребно време за читање: 4 минути

Можеби првпат читате за Дон Мигел Руиз (Don Miguel Ruiz). Тој е потомок на индијанското племе Толтеки. Израснал во мексиканската пустина покрај мајка си иццелителка и дедото шаман. Завршил медицина и станал хирург.

Пред 40-тина години Руиз доживеал тешка сообраќајна несреќа, „се сретнал“ со смртта, па одлучил да ги проучи традицијата и знаењето на древните Толтеки и да им ги пренесе на луѓето. Сѐ со цел да им помогне во изнаоѓањето на личната слобода.

Напишал три значајни и во светот мошне популарни книги: „Четири договори“, „Гласот на знаењето“ и „Моќта на љубовта“. Во нив изнесува сосема поинаков духовен концепт од оној што го познаваме-„вообичаениот“, кој се темели на едноставност и искреност. Учењата потсетуваат на оние на Исус Христос и Буда.

Ве запознаваме со четирите договори (од истоимената книга) кои можат целосно да ви ги променат досегашните погледи на животот, особено кога станува збор за слободата и среќата.

Прв договор-Беспрекорно користете го сопствениот збор

Според Дон Мигел Руиз (но и според многумина други, пред се писатели, поети, лингвисти…), зборовите се мошне моќни. Тие можат да излечат, но и да уништат. Затоа внимавајте како ги користите. Изговарајте ги почитувајќи го својот интегритет. Зборувајте го само она што го мислите. Не користете зборови против себе си или за да озборувате други. Користете ја моќта на своите зборови во одбрана на вистината и љубовта.

Тоа е првиот договор кој треба да го склопите ако сакате да бидете слободни, ако сакате да бидете среќни, ако сакате да го надминете нивото на егзистенција кое го претставува пеколот.Користете го зборот на вистински начин. Користете го за да ја пренесете својата љубов. Користете ја белата магија почнувајќи од себе си. Кажете си на себе си дека сте прекрасни, дека сте сјајни. Кажете си на себе си колку се сакате себе си. Употребете го зборот за да ги разбиете сите оние ситни, најситни договори поради кои патите.

Прочитај и за ... >>  За светот на џет- сетот

Втор договор-Ништо не сфаќајте лично

Ништо што прават други не е поради вас. Тие тоа го прават поради себе си. Она што го прават другите луѓе претставува проекција на нивната сопствена стварност, на нивниот личен сон. Кога сте имуни на мислењето и постапките на другите, не можете да станете жртва на непотребно патење.

Сѐ што се случува во вашата околина немојте да го сфаќате лично. Вие тоа го сфаќате лично затоа што се согласувате со она што е речено, без оглед што е тоа. Штом ќе се согласите, низ вас почнува да тече отров и вие сте заробени во пеколен сон. Она што ве држи заробени е она што го нарекуваме лична важност. Личната важност или личното сфаќање на нештата е израз на максимална себичност поради тоа што ние претпоставуваме дека секогаш е збор „за мене“. Јас, јас, јас, секогаш јас!

Трет договор-Немојте да создавате претпоставки

Имајте храброст да поставите прашања и да кажете што навистина сакате. Комуницирајте со други што појасно за да избегнете недоразбирања, бол и драма. Само со помош на тој единствен договор ќе можете во целост да го измените својот живот.

Прочитај и за ... >>  Во што веруваат Американците?

Ние создаваме претпоставка дека сите го гледаат животот како што го гледаме ние. Претпоставуваме дека луѓето мислат онака како што мислиме ние, чувствуваат онака како што чувстуваме ние, судат онака како што ние судиме и злоупотребуваат онака како што ние злоупотребуваме. Тоа е најсилната претпоставка што ја создаваат луѓето.

Кога ќе стапите во врска со некој што ви се допаѓа, често имате потреба да пронајдете причини поради кои го сакате. Меѓутоа, вие го гледате само она што сакате да го гледате и порекнувате дека постојат работи што кај тоа лице не ви се допаѓаат. Вие се лажете себе си само за да бидете во право. Создавате претпоставки, а една од нив е: мојата љубов ќе го промени. Но тоа не е вистина. Вашата љубов нема да промени никого. Ако другите се променат, тоа е затоа што сакаат да се променат, а не затоа што вие сакате да ги промените. За љубов не се потребни причини; таа постои или не постои. Вистинската љубов значи прифаќање на други луѓе онакви какви што се, без настојување да ги промениме“.

Четврти договор-Секогаш правете се што можете

Сѐ што можете да сторите ќе се менува од момент во момент, повеќе можете да сторите кога сте здрави одошто кога сте болни, повеќе кога сте расположени одошто кога сте лути. Во која било ситуација едноставно сторете се што можете и нема да имате потреба да се осудувате себе си, да се злоставувате или да се каете. Под кои било околности секогаш сторете се што можете, ништо помалку и ништо повеќе.

Прочитај и за ... >>  Здрав дом за добро здравје

Ако правите сѐ што можете, ќе живеете со полни гради. Ќе бидете продуктивни, ќе бидете добри спрема себе си поради тоа што ќе му давате се од себе на своето семејство, на своето друштво, на сите. Но дејствувањето е она што ќе ве направи неизмерно среќни. Кога секогаш правите се што можете, вие дејствувате. Да правите се што можете, значи дека тоа го правите зашто го сакате, а не затоа што очекувате награда. Повеќето луѓе го прават токму спротивното. Тие прават нешто само тогаш кога очекуваат награда и не уживаат во тоа што го прават. А тоа е причина поради која не прават сѐ што можат.

Замислете да живеете така што да не обвинувате никого за ништо. Можете лесно да им простувате на други и да престанете да осудувате други. Немате потреба да бидете во право, ниту кого било да убедувате дека не е во право. Почитувајте се себе си и сите други, и оние што за возврат ве почитуваат вас.

Замислете да се сакате себеси токму онакви какви што сте.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here