БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

110. Стремежот

Одамна знам сѐ за него. Дека е за постигање што било, за достигање врвно, најголемо, единствено и дека е секогаш кон нешто, а никогаш кон сешто. Конечно: тој е несопирлив, дури незауздлив, дури немерлив, ама како што се редат годините станува сѐ помал, сѐ поскромен, сѐ почесто за нешто се блиско, скоро остварливо, прилагодливо најмногу на моментните сили и можности.

Стремежот најмногу се однесува на истакнување на себеси, на личниот успех, на желбата за признавање и слава. Не е проблематичен, туку е пожелен, дури неопходен кога е во согласност со можностите и не насочен против други. Нездравиот и деструктивниот е нереален, може безобѕирен, а неизоставно здружен со суетата и самољубјето.

Најсилен е во младешките години, кога се чини дека е достижно сѐ, кога се чини дека ништо не е неостварливо. И кога не се знае што, до каде, ама силно се сака тоа и се догледува. Не треба да е со воздршка, туку со поддршка, со поткрепа и поттик.

Во зрелите години стремежот како да почнува да ја губи незапирноста, како да се сталожува и обессилува, но е сѐ уште доволен за напред, за кон нова цел од достасана. Можеби е најважно дека станува сѐ пореален, поостварлив, одмерен според силите, знаењето и способноста.

Не, не почнува да згаснува кога ќе се влезе во години. Само се прилагодува на нив, а најмногу се противи на снеможувањето и самувањето.

На оние што ме следат, ме читаат, ме признаваат и поддржуваат им е познат мојот сегашен стремеж, откако влегов во години, влегувам сѐ подлабоко во третото доба:

Не да оставам дело за паметење, за незаборав, за мое познавање и препознавање со него, во него, низ него, туку да завршам многу започнато. Во надеж дека барем нешто ќе биде за продолжување од други.

До совршенство? Можно е? Што е совршенството во творештвото?

Можам да приведам бројни дефиниции за него и во врска со него, но во овој мал есеј некако најмногу ми „легнува“ една песна на романскиот поет Никита Станеску:

Лекција за коцка

Се зема парче камен,
се делка со длето од крв,
се мазни со Хомерово око,
се бруси со зраци
сѐ додека не излезе коцката совршена.
Потоа коцката ќе се избаци неколку пати
со својата уста, со устите на други,
а особено со устата на кралската ќерка.
Потоа се зема чекан
и нагло се крши еден агол на коцката.
Сите апсолутно ќе речат:
„Каква тоа совршена коцка би била
да немаше откршен агол“.

Мој стремеж кон совршено дело? Да! Со „агол“ што сум го откршил или ќе го откршам лично јас. Затоа што е тоа мое, од мене е.

Затоа што не е со ничие друго споредливо.

Leave the first comment